Премиера на “Младоста последна умира”

24

Дали и колку е возможно независниот уметник да се вклопи во веќе поставената и општо прифатена норма за тоа што еден млад човек треба да постигне пред да наполни 30 години? “Младоста последна умира” во продукција на “Пресврт” е документарен проект, архива на разговори со актери која подлабоко ја истражува социо- политичката, економска и културна положба на младите луѓе од Република Северна Македонија, кои се близу да наполнат 30 години. Како некоја бројка која означува почеток на нова декада истовремено оваа возраст означува исполнување на одредени очекувања во доменот на работата, личниот и фамилијарниот живот, како и осамостојувањето.
На 12. декември со почеток во 20 часот во новиот простор “Лабораториум” ќе биде изведена премиерната изведба на претставата „Младоста последна умира“. Билетите, по цена од 400 денари се достапни во Лаб Кафе (Лабораториум), а резервации можете да направите преку телефонскиот број 072/905-555 или во ДМ на @lab.ratorium (Инстаграм).

***
Втората изведба на претставата е закажана за 13.12.2023 со почеток во 20 часот.
Овој проект зборува за нашето секојдневие, за нашата борба да ја преживееме младоста во Македониja или надвор од неа. Стоејќи на прагот, да ја преминеме границата на дефиницијата „млади“, ова е извештај за преживеаното и наученото. Ги отвораме прашањата на кои често и немаме одговор. Ова е претстава за нашиот систем на вредности, за културата што никогаш не ја сведочиме и за уметноста што можеби никогаш нема да ја направиме.
Актерската екипа составена од Ангела Стојановска, Јанка Лефкова, Лазар Христов и Никола Ристески ја истражува релацијата за тоа како културните политики влијаат врз нивниот кариерен развој и како тој го обликува нивниот приватен живот.
Драматург на претставата е Ева Камчевска, а продуцент Петар Антевски.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.