Премиера во Драмски театар -„Мојот маж“ од Румена Бужаровска во режија на Нела Витошевиќ

1325

На сцената на Драмски театар во петок 14 февруари од 20 часот ќе биде премиерно изведена претставата  „Мојот маж“ на писателката Румена Бужаровска во која се  драматизирани шест раскази и преточени во истоимена претстава во режија на Нела Витошевиќ.

Витошевиќ, која во Драмски се враќа по две години по „Странци“, една од најбараните претстави, вели дека со Бужаровска се спријателиле пред неколку години, и дека откако го прочитала нејзиното дело ѝ понудила да го спакуваат во претстава.

Драмската структура на претставата е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа драматизацијата на шесте раскази (‘Супа’, ‘Празно гнездо’ , ‘Прељубник’ , ‘Осми март’ , ‘Гени’ и ‘Лиле’) и документарниот материјал произлезен од авторските монолози.

„Три теми се во фокусот на претставата: за промашен живот, честа тема кај нас бидејќи живееме во депресивно општетство, потоа темата за неверството и темата на грижа на совест“, рече режисерката.

Во претставата играат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.

Репризата на претставата  е на 20 февруари.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.