4. мај – Ден во чест на Гоце Делчев, одважен борец, идеолог и водач на македонската револуционерна борба!

838

Во чест на ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ! 4 Maj e денот на Гоцевото погибие! Овој датум треба да го имаме за значаен национален датум – Гоцев ден, исто онака како што Словенците, го одбележуваат денот на смртта на својот национален херој, поетот Франц Прешерн.

Пишува професор Наташа Котлар 

Го востановиле овој национален празник уште пред многу децении, со цел да се подигне словенечката културната свест и самодовербата на Словенците! Гоцевиот ден, исто така, треба да е ден за подигање на македонската национална свест и самобитност! Еве, веќе 117 г. навршуваат од смртта на овој одважен борец за народни права, идеолог и водач на македонската револуционерна борба. Неговата биографија е пространа историја на македонската народна низина, која во народната меморија, во нашата непишана историја, секој Македонец, иако честопати неграмотен, ја учел од постарите, од нивните прикажувања, од песните што ги пееле покрај семејното огниште или на домашните веселби.

Гоце Делчев останува запаметен како една грандиозна фигура, како борец и војвода кој секогаш бил во служба на народот, негов организатор, водач и заштитник. Она што го беседел на средбите, секој негов збор проникнувал во народната душевност. „Нашиот голем апостол Гоце, кажува: ‘Слободата на Македонија ќе изгрее од самостојната борба на Македонците’. Според некои, Гоце е ‘самоуверен’, но е прав. Делчев секогаш имаше свое мислење дека ние сосема треба да им се препуштиме на располагање на селаните, за да можеме на ваков начин да ја придобиеме нивната доверба и да ги опфаќаме!“, запишал неговиот, другар и војвода, Н.П.Русински. Гоце Делчев (1872–1903) останува еманација на вековниот стремеж на Македонецот за слободен културен, економски, политички, социјален и народносен развиток.

Вечна слава и помен на најголемиот межу големите македонски синови!

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.