САШО А. РИСТОВСКИ: Борците секогаш победуваат, јас сум еден од нив!

203

Измина година полна со предизвици, пречки, промени, пандемска година во која повторно речиси сѐ беше импровизација, колку да не изгуби континуитет во нештата. Се случија и убави работи, убави почетоци, за кои актерот Сашо Ристовски за прв пат зборува во своето ексклузивно новогодишно интервју за КулАрт.
Вие годинава ја почнавте како директор на Театар Комедија, а потоа следуваше пресврт, ја напуштивте таа функција.
-Точно, 2021 беше преполна со предизвици, пречки, промени, искушенија… Убави работи имаше, но беа многу помалку за разлика од други години барем за мене. Но, сепак секој човек има такви години во својот живот. Само треба мудро да се надминат сите пречки и да нѐ потпаднеме под влијание на искушенијата. Што се однесува до пресвртот во Театар Комедија тој се случи на самиот почеток во годината иако сите мои сознание кои стигнаа до мене тој пресврт бил неколку месеци договаран од одредени структури, што и на крајот се докажа. Но, знаете јас имам една изрека “Вистината е како шило” , таа излегува кога тогаш. Никој не е вечен и венчан за функцијата.

Што се случуваше во театарот во јануари и февруари?
– Па како што кажав, веќе во месец јануар беше финалето на одработката на структури надвор од театарот здружени со некои од театарот. Вонредниот инспекциски најде прекршок во моето работење, бев казнет парично, ја платив казната во одреден период и веќе на почетокот од месец февруари разрешен од функцијата директор. Како што знаете разрешува министер за култура, па така сегашниот министер го направи експресно и веста ја пренесе министерството толку бомбастично што остави впечаток за мене дека сум крадец. Но, знаете, не е сеедно тоа да го доживееш, иако беше обавен разговор со мене и соодветниот министер, но… Одлука е одлука за разрешување и ја почитував. Пеколот не заврши тука, продолжи со креирања на лажни приказни за кои потоа вистината излезе на виделина. Против мене се покрена кривична пријава до основното јавно обвинителство за организиран криминал. Следуваше распит со изнесување на докази за потоа да се одбие кривичната пријава бидејќи не сум ја злоупотребил службената положба. Одлуката била донесена уште во месец јули, но од која причина од мојата матична институција не бев известен не знам. Дури сега во месец декември ми беше дадено известувањето по службена должност. Со тоа се покажа и докажа мојата невиност. Имено, побарав јавно извинување за нарушениот углед од страна на повеќето лица, но тоа не се случи па како што реков продолжувам со расчистување на вистината и поднесување на тужба за нарушен углед…Не можете така да осудувате и да оцрнувате било кој во општеството. За тоа постојат институции. Институциите си го кажаа своето околу мојот случај. Но сега назад нема. Следува процесуирање на тужби со соодветна доказна документација, а средствата кои ќе бидат побарани од лицата ќе ги искористам во хуманитарни цели. Не може секој секого да го обвинува, плука, да му кине слики од својата матична куќа, да пишува “брука” и слични навредливи содржини. Демократијата не е анархија. Јас сум човек што простува, но: простувам, но секоја приказна ја завршувам до крај. Така ќе биде и сега. Одам до крај.

По завршување на тој ангажман, работната пауза Ви траеше до април кога добивте еден неочекувана работна задача, од страна на Премиерот, со главниот одбор на Сојузот на борци. Во тој дел Вие се залагавте за решавање на административни прашања, но она што беше поглавно беше организација на настани поврзани со независноста 30 години, а потоа 80 години НОБ. Два исклучителни јубилеи. Како се снајдовте, кажете ни нешто повеќе за нашите борци од НОБ.
– Да, ми требаше пауза, но мислев ќе потрае долго. Во тој временски период видов кој ми се вистински пријатели. Селекцијата сама се направи. Некому кому сум верувал, а биле многумина наеднаш исчезнаа, но вистинските останаа. Со тоа Бог ми ги отвори очите ми ги покажа моите грешки, за кој искрено се покајав и си ја олеснив душата. Се покажа дека семејството и неколку искрени чесни и добри личности ми биле вистински. Така и остана и до ден денес. Јас научив голема лекција, можам да речам животна. Кога најмалку очекував добив понуда од премиерот Зоран Заев да се вклучам во екипата за подобрување на состојбите на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945. Искрено ми требаше време да размислам за укажаната чест и доверба, но сепак се одлучив да ја прифатам, бидејќи 2021 година беше пандемска, но многу значајна за нашата држава и за Сојузот на борците кои се темел на нашата државност. Со помош на целата екипа, со укажаната доверба од премиерот и владата јас и мојот тим влеговме во таа преубава, одговорна работна задача. Ги вклучивме моторите на најјако и со помош на премиерот Заев полека го издигавме СБМ на ниво кое треба да биде, а беше како што знаете тотално урнисан. Минавме непроспиени ноќи, многу консултации со Претседателот на Главниот одбор Никола Стојановски, со потпреседателот Борко Зафировски и со другите потпреседатели Гоце Георгиевски и Елена Грујовска. Од страна на Претседателот и Потпреседателот добив одврзани раце, ги избришавме неправедно накалемените долгови, камати на долгови и слично. Дојдовме до една позиција за кој никој не веруваше. Го дадовме максимимот и за одбележување на 80 години НОБ и учество на 30 години од независноста и слични настани. За мене овој ангажман претставува голема чест. Чест која ретко кој ја добива. Јавно му благодарам на премиерот Зоран Заев и на сите членови на СБМ за довербата. Остана уште многу работи кои треба да се до завршат, но и тоа ќе се случи. Бидејќи Сојузот на борците тоа го заслужува и исклучително е важен за нашата држава.

Што извлековте како заклучок- нашите борци ја уживаат доволно привилегираноста и честа која ја заслужуваат од државата и до граѓаните, или треба уште повеќе да се направи за нив?
-Видете, јас научив многу. Тие се историја, луѓе кои минале многу нешта во животот. Многу често разговараме за ситуации кои ги минале во животот и тие разговори длабоко остануваат врежани во мене. Мудрост, решенија, искуство… Нашите борци заслужуваат многу, уште повеќе. Благодарение на Владата предводена од премиерот Зоран Заев започна подигнувањето на авторитет, значајноста и вредноста нивна што беше урнисана целосно од претходната власт. Без разлика која политичка опција е на власт, мора да се знае дека нашите борци ги заслужуваат највисоките почести, тие се темелот на државата во која сега сите живееме. Упатувам порака и до новата влада која наскоро ќе биде формирана како и до новиот премиер Димитар Ковачевски да продолжт со максимална поддршка на Сојузот на борци, како што го правеше владата на Зоран Заев. Јас сум убеден во новиот премиер Димитар Ковачевски дека ќе продолжи со поддршката, бидејќи се работи пред сѐ за исклучителна личност која има голема почит кон сите и кон Сојузот на борците. Потребен е соодветен убав простор за нив и се надевам дека и тоа ќе се случи многу бргу.

Една досега неоткриена информација за Вас е дека пишувате приказни. За што точно станува збор? Но, пред да ми дадете одговор, кажете ми дали нивната основа лежи во македонските народни приказни, тло на кое професионални цврсто газите веќе со децении?
-Да, јас секој слободен миг го користам за пишување и сега веќе довршување на таа едиција приказни. Темелот е таму од македонските народни приказни, но јас ја шетам целата наша држава, се сретнувам со многу луѓе, слушам многу легенди, ситуации и истите тие ги запишувам. Покрај тоа јас добивам инспирации од многу места кои ги посетувам, од многу мои животни ситуации и слично. Најважно од сѐ е дека тие ќе упатат порака до секој и убеден сум дека ќе се допаднат на тие што ќе читаат. Се надевам дека ќе ја заокружам многу бргу таа едиција и ќе преминам во фазата на печатење и промоција на која ќе бидам многу горд бидејќи ќе навистина премногу се вложив.

Во годината која доаѓа, 2022, на која сите и се надевме на малку повеќе среќа Вие се посветувате целосно на својата професија и покренувате Прв меѓународен фестивал на детски театарски претстави. Звучи мошне привлечно, што ќе понудите, каде ќе се одвива фестивалот и кога?
-Да, така решив. Решив да се вратам на мојата професија и комплетно да се посветам на неа. Како на професијата така и на решавање на многу проблеми кои не се до решени, а мора да се решат. Но генерално фокусот ќе биде мојата професија. Зошто? Едноставно така треба, ми недостасуваше многу, а 2022 е година во која одбележувам една деценија од мојот работен однос во театар, а две децении професионален ангажман. Кој ќе го одбележам со премиера која ќе биде лично моја продукција, а во тој проект ќе бидат поканети да учествуваат луѓе кои исклучително ги почитувам. Нешто многу важно е што за прв пат во нашата држава ќе има Меѓународен фестивал на театарски претстави за деца, каде ќе земат учество професионални претстави работени за деца од национални установи и независната театарска продукција како и претстави од странство. Фестивалот ќе се одржува во месец јуни на отворено, а веќе следниот месец започнуваме со сите подготовки усвојување на правилници, совет на фестивалот, формулари за учество,селекција и сѐ што е потребно. Сето тоа како идеја почна од мене и истата беше прифатена. Сѐ уште не можам да кажам кој град ќе ја има честа да го има овој фестивал, бидејќи тоа ќе го објавиме во почетокот на 2022 година, каде ќе се кажат сите детали. Среќен сум што нашата држава ќе добие нешто кое изостануваше во културниот живот. Мораме да вложуваме во културата уште повеќе, мораме да поддржуваме многу проекти и многу посветено да работиме на решавање на сите проблеми во културата. Потребни се вистински луѓе на чело во културата кои ќе бидат максимално посвети отворени за сите и ќе се борат за културата максимално. Културата се сите уметници во сите сектори и сите служби во културните институции како и независната сцена и естрадата.

Работната приказна ја проширувате и со проект приказни, за кои сте во преговори со телевизиска куќа. Повторно има нешто врска со народните приказни или да очекуваме нешто поинакво?
-Да. Кажав 2022 ја посветувам на професијата. Преговорите за снимање на серијалот од мини народни приказни ќе го продолжам и започнаа преговорите, а по празниците ќе обзнаниме која телевизиска куќа ќе биде задолжена за продукција и емитување, така е договорот со продуцентот. Имаше опција и за нешто друго, но сепак заеднички решивме дека подобро е приказни.

Кога сме кај приказните, не издржувам а да не прашам – она што ќе се постави како личен ненадминлив репер е она што (о)станува наш знак на препознатливост. Вие сте тоа по народните приказни и што и да направите, дури и Оскар да освоите еден ден, ми се чини пак по тоа најмногу ќе Ве препознаваат. Се радувате на тоа или по малку Ви е некомотно што тој успех ви ја запечати кариерата со свој печат?
– Хиихи… Не копнеам по “Оскар” . Мојот најголем “Оскар” е публиката која ме препознава секаде и нивните пофалби и конструктивни критики. Јас се радувам и гордеам што мојот печат кој никогаш не може да се избрише се народните приказни. Тоа сме ние, тоа е нашата традиција. Од тоа нема зошто да се срамиме, треба да се гордееме со она што ни го оставил Цепенков она што го поседуваме во нашата држава, автентчнни куќи, традиции, дијалекти… Нашата земја е рудник на приказни и верувајте треба многу да се снимаат, подобро приказни отколку синхронизирани серии. Да си го чуваме и вреднуваме своето зошто, тоа е патот за почит кон нас и нашата традиција која е темел на иднината. Да бидеме горди пред светот со тоа што го имаме.

Искористувам прилика и да прашам, за едед глумец што носи поголема професионален предизвик- кога е глумец а сонува да стане директор односно предводник на колективот, или кога е директор а сонува да има време да подготви нешто и да глуми на сцена?
– Бев директор и кажав повеќе не. Бидејќи тој ангажнан бара голема посветеност, не можете и директор и актер. Не оди, некаде ќе се згреши. Кажувам од искуство. Препуштам место на други. Директорувањето е минато свршено време за мене.
На Вашиот фејсбук профил сме сведоци на еден прилично романтичен стил на живеење, секој викенд а понекогаш и преку недела заминувате во вашето место каде имаме куќа со базен, во Теово, природна убавина и спокојство. Колку тоа значи, за човек со Ваква ангажирана професија?
– Пред се тоа значи многу за мене. Таму ги полнам батериите. Таму ми мојот мир спокој, таму ми се моите родители, таму се спомените на моите најмили од фамилијата со кои растев, а не се веќе меѓу нас. Куќата е огромна, направена и реновирана која ја изградиле мојот дедо и баба, моите родители продолжија со одржување и разубавување. Сѐ е на темелот на традицијата, но има и делови кои се нови, сепак мора така. Имаме и базен кој е изграден пред 25 години а го користиме во летниот период. Одгледуваме кокошки и други животни. Одгледуваме зеленчук и овошје. Од срце се вклучувам и јас им помагам на моите родители, уживам во одгледување на органска храна, бавча и во одгледување на животните. Во овој свет да имаш домашно произведен зеленчук, овошје и домашни јајца е привилегија. Јас сум горд што знам да копам, садам, наводнувам и голем љубител сум на земјоделие и живинарство. За уредувањето на дворот се комплетно задолжени моите родители. Кога душата ќе ми посака ја одам веднаш. Таму е мојот извор на мир, спокој и духовно чистилиште.

2021, под влијание на севкупната ситуација беше турбулентна за сите нас. Сигурна сум, како човек кој не губи надеж, имате позитивно чувство и нова визија за 2022…
-На приватен план годината ми беше исполнета со здравствени турбуленции- турбулента и тешка. Поминав тешки здравствени проблеми за кои никогаш не сум говорел. Кога мислев е крај, со упорност, со помош на моите пријатели доктори, со поддршка на семејството, вистинските пријатели и бог успеав да победам. Беше тешко, но никогаш не се откажав. Борбата е моја одлика. Позитивната мисла ми помогна многу. Јас сум интуитивна личност и секогаш, ама баш секогаш се водам по моите чувства. Знам точно кога што треба и затоа длабоко во себе верувам на својот внатрешен глас. Годината што е пред нас ќе биде многу подобра. Мора да верувате во доброто само така ќе успеете и ќе го победите лошото. Само така ќе успеете да се спасите од отровните стрели и острите ножеви на непријателот. Борците секогаш победуваат. Добра мисла и ќе биде добро сѐ.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.