ОД МОЈ АГОЛ: Сараван- сликарот од бајки!

156

На денешен ден, 22 Март 2024 година, уште утрово ми дојде убаво на душа и некоја посебна гордост кога прочитав дека се навршуваат сто години од раѓањето на Ванѓел Наумоски, “сликар од бајките”, а воедно, и од лична причина што годинава се навршуваат и 110 години од раѓањето на мојот дедо Лазар Парго, и цела година ми е јубилејна, во срцево. Така си одлучив.

А и сѐ уште е стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески (2021), Ацо Шопов (2023), деведесетгодишнина од Петре М. Андреевски (2024) …

Препознавам дека многумина од вас во моментов се запрашаа- добро, дедото е дедо (да појаснам, преспански револуционер), поетските великани се познати великани, но кој е Ванѓел Наумоски?

Ќе објасниме и за тие што не (го) знаат, зашто едноставно не смеат да не (го) знаат, и штета е ако некој навистина не чул за него и не (го) знае.

А среќа е за тие што го знаат, затоа што тој не беше обичен човек.

Или беше?

За Салвадор Дали, на пример, не беше обичен, посетувајќи една од неговите изложби во Париз, во 1970 година, историскиот Дали рекол дека за него Наумоски е „сликар од бајките“.

Ете, што ви реков јас? Ви кажав ли дека не е обичен?

Ако не ми верувате мене и на Дали, прашајте  кого сакате охриѓанец и тој ќе ви го рече истото. А немаше охриѓанец што не го познаваше, со насмевка на лице и благ наклон кон неговото дело.

А-ха, уште се прашувате кој е Ванѓел Наумоски?

Тој се родил на денешен ден пред еден век во античкото охридско село Скребатно, беше уметник, поет и музицираше на своето пијано на посебен начин.

Само да му ги видите сликите!

Само да му ги видите сликите!

Ама и пооооооееет, и тоа каков, со еден таков нежен народски поетски израз, а толку барокно накитен со едни лични зборови. Лиџбина. Едни пенливо разиграни стихови, чиниш далгите на езерено во рана пролет.

Во текот на својот живот заработил неколку уметнички псевдоними, Нав Муан, Ван Сан Скребатски…а јас ќе ви откријам уште еден, кој за разлика од споменатите, го памтамод при моментот на запознавање и во секое време можам да го кажам без ниедна грешка. И многу ми е мелодично, многу ми е “певливо”.

САРАВАН!

Поточно Са- Ра-Ван(ѓел).

Повторно беше некоја кратенка со шпанско значење, а ја слушнав една приквечерина при едно скапоцено “корзо предавање” од мојот ценет ментор, учител и новинарски гуру, господинот Милчо Јованоски, кој како тогашен (мој) уредник во Радио Охрид шетајќи си низ чаршијата, ме вовлекуваше и насочуваше во тајните на новинарството. А јас чекорев и впивав како сунѓер.

И одеднаш пред нас, на охридскиот брег се појави едно интересно, драго и многу добронамерно лице, а Јованоски воскликна и со радост и многу почит ми го претстави за мене дотогаш (не)познатиот охридскиот уметник кој повеќе беше познат во светот отколку тука, и кого повеќе го канат да се пресели да живее и твори во светските културни метрополи, ама тој од Охрид не сака да мрдне ни милиметар. И дека од Македонска телевизија доаѓаат специјално за да го снимат во неговиот дом, не тој да патува во студио во Скопје …

Средбата траеше причинио долго, од на нога си кажавме многу, разговорливиот Сараван ни изнараскажа куп интересни светски работи, со кои нѐ вовлече во својот посебен свет.

Таму сум уште!

Штом се спомене неговото име јас сум веднаш повторно во таа наша средба, како со временска машина. И утрово така се почувствував.

Поканата да одиме кај него дома/ во ателје, каде одеа буквално сите што ќе посакаа, не се реализира барем за мене, секогаш мрзливата да се одѕвам за домашни посети, а Јованоски многу пати одеше, го интервјуираше, го дружеше и напати ме потсетуваше дека му ветивме и заедно ќе му одиме, за да ни посвири и на пијаното.

Во неговиот дом владееја сликите во секое катче и ќоше, каде “уметникот во пантофли” си ги пречекуваше своите гости, а стоеја и многу многу награди- Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” добиена во Женева во 1974 година, наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, членството од 1979 година во италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што беше и номиниран и за академик. Италијанската награда Premio d’ Italia од 1980 година. Откупната награда на првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година, наградата од истата година за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје. Наградата од 1984 година од „Premio Mondale della Cultura” од Centro Studi e Ricerche delle Nazioni и „Statuata della Vittoria 1984″, Academia de Europa, награда „European Banner of arts” со златен медал. Што ли не?

Ако земеме да набројуваме сѐ, ќе ни треба доста време…

И затоа директно ќе преминам на поентата.

– Вангел Наумовски не смее да биде изоставен од учебниците во кои се учи до осмо одделение, кога се поставува темелот на знаењето на идните генерации. Со неколку страници, и детално. Некако, најчесто уметниците кои останале во својот роден крај и не се преселиле во Скопје, (не)намерно се изоставаат, дури и ваквите уметници кои се “учебник сами по себе”.

-Втората поента: Никој нема право да каже дека ние како народ и држава не сме (биле) вклучени во светот. Ова го пречкртувам со еден голем икс. “X!”. Нас светот одамна нѐ препознава и уважува, ама секако преку оние личности преку кои сме го допреле врвот на цивилизијата и совршенството. Како во случајов, допрено со раката на Сараван.

Така велат и обвистинетите стихови од песната “Не знаеш кој си, што си, други тебе знајат, страм голем је за тебе, сам да се не знајеш…”

Сараван, светилникот кој светли цел век, кој светли уметничка светлина, е најдобриот индикатор дека тоа е така како што го опева оваа песна.

Но, не сме и ние под целосен грев. Така е со сите историски личности. Историските личности секогаш отпосле стапнуваат на својата “сцена” некогаш и по еден век, два, три…не е важно по колку долго време, тие не се брзаат, затоа што кога еднаш ќе стапнат таму, од таму не може никој да ги врати назад… во “обичните”.

Каков што е и нашиот обичен, а необичен и вековен Сараван.

Бил еден век, нека биде и за многу многу векови!

(Уф, колку вековна чест во една случајна крајезерска средба пред повеќе од 30 години…)

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Независен новинар и уредник во КулАрт

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.