Венеса Меј светскиот виртуоз на виолина, вечерва ќе го отвори Охридско лето

1476

Светскиот виртуоз на виолина Ванеса Меј, заедно со Македонската Филхармонија, вечерва во 21 часот на Антички театар во Охрид, ќе го отворат 59. издание на најголемиот македонски фестивал Охридско лето. Меј ќе настапи заедно со оркестарот и вокални солисти од Македонската опера и балет, под диригентство на Иван Кожухаров од Бугарија.

Меј стекна светска слава поради виртуозноста, но особено поради нејзиниот оригинален пристап на свирење на виолина, создавајќи фузија од класика со џез и електроника, со цел да ја доближи класичната музика до поширокиот круг на слушатели. На само 13 години таа станала првиот солист на виолина на таа возраст, што одржал концерт во Лондон, а подоцна токму нејзиниот микс од техно и класика и донесе милиони продадени албуми во светот. На тие тинејџерски години, „чудото од дете“ Меј, веќе има издадено три комплетни албуми на кои се поместени концертите од Чајковски и Бетовен, но и виртуозни пиеси од Виењавски, Сарасате и Паганини. Набргу потоа го наоѓа својот стил снимајќи го албумот „Виолинистка“ издаден во 1995, а кој се продава во милионски тираж, наоѓајќи сосем нова публика различна од онаа традиционалната.

Ванеса Меј е родена во Сингапур на истиот ден со виртуозот на виолина Николо Паганини. На четиригодишна возраст се сели во Лондон и започнува да учи виолина за на 8 години да замине во Пекинг. Таму ги развива талентот и виртуозноста во класата на Лин Јао Џи. Во Лондон се враќа да ги продолжи студиите по виолина на Кралскиот колеџ за набргу во 1998 да дебитира на Фестивалот Шлезвиг-Холштајн со одличен прием кај светската музичка јавност, а на само 11 години дебитира со Филхармонискиот оркестар во Лондон.

Досега има добиено 40 интернационални награди за нејзините поп и класични снимки, додека пак концертите се пренесувани во повеќе од 100 земји во светот. Соработува со различни артисти меѓу кои и Џенет Џексон и Принс, а нејзиниот календар е исполнет со настапи со кои досега ја има обиколено земјината топка повеќе пати. Посетила повеќе од 50 земји, а свирела на атрактивни локации како Кремљ во Москва, Хајд Парк во Лондон и Акропол во Атина.

Охридско лето ќе трае до 20 август, а покрај светските уметници, почит и белег ќе дадат и на македонските уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. На сцената на Античкиот театар, во предворјето и во црквата ‘Св. Софија’, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани на годинешново 59. издание на најпрестижниот фестивал во Македонија,третиот во Европа и меѓу најспрестижните во светот за музика и театар „Охридско лето „.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.