ВИОЛЕТА П. ПЕРИЌ, ТВ НОВИНАРКА : Нашите автори како да им даваат душа на книгите!

331

 

Виолета П. Периќ, е личност со која можете да зборувате на многу интересни теми, базирани на нејзината долга работа, поврзана со уметноста и медиумите.

*Јас би почнала со Вашиот ангажман во Друштвото на писатели на Македонија Вие сте таму 21 година, еден долг период во кој се случиле доста работи кои веќе се или ќе бидат дел од современата антологија. Со самото тоа и Вашата работа е вткаена во создавање на антологија на нашата книжевност. Како се случи дипломиран новинар да стане дел од ова уважено друштво ?

– Да се биде дел од работата како техничко лице во единствената македонска писателска асоција 21 година за мене е големо искуство пред се и голема привилегија, од причина што отсекогаш сум имала голема љубов кон пишаниот збор и сум го негувала македонскиот јазик и пишувањето уште од основното образование. Мојот ангажман се случи по стек на околности и многу ми е драго заради тоа. Тогаш се уште не бев диломиран новинар. Новинарското образование се случуваше во од, со работата во Друштвото на писателите на Македонија и започнување на семејниот живот и одгледувањето на мојата ќерка која сега веќе има 19 години. Голема чест и привилегија е во тој од да работите и комуницирате со најголемите писателски имиња кои оставија и оставаат голем белег во македонската литература. Воедно сето тоа ми помогна да се изградам и како интелектуалец и како новинар.

*Писатели, врвни пера на македонскиот збор, беа во Вашата орбита, остварувавте секојдневни средби и комуникација со најдобрите, за што знаете да речете дека Ве облагородија и како личност и Ви вдахнаа поинаков поглед на животот. Сублимирано во неколку реченици, што во суштина научивте од нив, каде е сврзната точка на филозофијата на тие легендарни наши дејци?
-Од нив научив пред се да бидам мудра купувајќи го секој нивни збор, секоја мисла, секоја поука, бидејќи да се слуша нивниот говор пред се, нивните размислувања и муабети е голема привилегија како што кажав. Нека не ми замерат оние кои нема да ги споменам но сепак фокус ќе дадам на повозрасните како: Гане Тодоровски, Благоја Иванов, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Матеја Матевски, и секако многу од другите генерации кои се издвојуваа по својата посебност во секоја смисла. Да водиш дијалог со нив е како да имаш можност да ги купиш најскапите книги без пари.
*За жал многу од нив веќе станаа минато, останаа спомените од тие незаборавни средби. Од мноштвото пријатни сеќавања чинам највпечатливи се оние со големиот Гане Тодоровски. Дури и на последната средба како да сакал да каже долго и топло збогум, во чест на Вашите муабетење и дружби.

-Гане Тодоровски беше еден од стожерите на Друштвото на писателите на Македонија. Тој беше пред се голем човек, кој знаеше да ги почитува и обичните луѓе. Едноставно знаеше да го препознае доброто во човека. Можам само да кажам дека кога влегуваше во писателската асоцијација беше секогаш насмеан и расположен, и најпрвин влегуваше во мојата канцеларија да ме поздрави и да направиме “три реда муабет”, а потоа одеше во канцеларијата на претседателот. Таква големина и величина на една личност, човек и писател како Гане е реткост. Да, впрочем, ден пред да замине во вечноста беше во Домот на писателите и средбата ја паметам и ден денес, се поздравивме и муабетевме како да знаеше дека тоа ќе биде последно. Беше голем човек пред се, што во денешно време е реткост. И секако да не заборавам да напоменам и со оние кои ги спомнав претходно искуствата се непроценливи и не можат да се купат, можат само да се доживеат.

*Ги читавте ли сите нивни книги, на легендарните писатели, со цел да сте во тек со целокупното нивно творештво? Се случувало ли некоја книга да речеме да ја препрочитате по неколку пати?
– Кога сте таму и до вас пристигнуваат многу дела нормално е да земете и да прочитате нешто. Едноставно сте љубопитни да дознаете што се крие во секоја книга. Се случувало можеби не цела книга, но некои делови од книгата дали било тоа поетска збирка или некој роман, да, ми се случувало, но не би сакала да потенцирам чии книги биле тоа за да не бидам разбрана погрешно од страна на сите оние кои се дел од оваа асоцијација, а ги има над 300.

*Kога се прави паралела меѓу делата на нашите писатели од таа гарда, и нашите авангардни писатели, што прво ви паѓа во очи?
-Знаете овие сите писатели кои беа столбот на писателската асоцијација и го формирале овој Дом на писатели, секогаш ќе имаат непроценлива важност во македонската литература и култура, и тие се незаменливи, бидејќи оставиле силен белег, од кои и денешните млади автори учеле и ја осознавале тајната во уметноста на пишаниот збор. Но секако како и во секоја уметност, и младите автори од новите генерации со своите иновации донесоа авангардни остварувања со завидни естетски дострели кои го продолжуваат континуитетот на развој на македонската литература. Како велат секое време си носи и нови уметници и автори кои оставаат свој белег секој на свој начин.
*Според Вас има ли македонската мудрост специфичност во однос на другите, нечии, кои се пренесени преку книги, а кои и нам треба да ни се речиси завет?
-Нашите автори како да им даваат душа на книгите, можеби сум пристрасна затоа што се наши, но чинам дека сите тие си го задржале она во себе што ние балканците посебно Македонците го носиме во нас, чувствителноста, љубезноста, љубовта која знаеме да ја пружиме и топлината што ја имаме во нашите души. Ние сме народ кој секого го сака и го прима во нашата земја со љубов. Чинам тоа се чувствува и во нивните дела. Сето тоа е проткаено со многу креативност и посебност на секој од нив во секако препознатливиот за нив стил. Бидејќи секој писател си има свој посебен белег и стил кој е препознатлив за читателите. Што значи дека сите дела на нашите големи писателски имиња имаат душа, многу љубов и емпатија во нив, дали кога се пишува за татковината, за љубовта или некоја друга тематика. Тие треба да ни се завет пред како да си ја сакаме татковината, а и да не заборавиме на човечноста и љубовта во секој од нас. Сметам дека поголема мудрост од тоа не постои.
*Поезијата е во мода. Во последно време поинтензивно на интернет истакнувате Ваши поетски творби, навистина интересни. Пред десеттина години објавивте питка поезија во поетска публикација. Планирате да објавите повторно поетска книга?
Пишувањето е присутно во мојот живот уште од основно образование. Љубовта кон пишаниот збор постои од тогаш, кога одев во литературна секција и пишувавме за секоја пригода песнички и раскази со тогашната учителка по македонски јазик Даца Дојчиновска. Поетската збирка “Разминувања” излезе случајно и спонтано, и од тогаш пишувам постојано. Не секој ден, но кога ти доаѓа момент на инспрација едноставно пишуваш. Песните за втора поетска книга се собрани само треба да се најде време да ги средам и да се објави. Се надевам скоро ќе најдам време и за тоа да биде објавена и втората моја поетска книга. Иако, си имам ветено на себе, дека во еден понатамошен период од мојот живот ќе напишам и еден роман. Се надевам ќе си го исполнам ветувањето.
*Пошироката јавност Ве знае преку екранот, во ТВ Сонце долго време водите емисија со гостувања на доктори, која е многу корисна за гледачите, а се појавувате и во вестите. Возбудливо ли е да се биде ТВ новинар?

-Да се биде новинар е навистина голема одговорност на самиот себе пред се. Оваа професија бара да се работи со љубов не за публицитет. Пред се од љубов. Моите почетоци како новинар беа во Студентското радио. А додека во телевизиското новинарство ме воведе почитуваната Јасна Саздовска која тогаш беше во Скајнет Тв и ја водеше емисијата “Резе”. Таа ме воведе во телевизиското новинарство. На почеток правев прилози за нејзината емсија а потоа, како што се вели новинарски ме втурна во оган во живо во утринската емисија “До пладне” на Скајнет тв и ми рече биди своја, но имај на ум дека си пред камера. Никогаш нема да го заборавам тој ден. Водев разговор во живо за мобинг со Др. Антонио Новотни. И од тој ден веќе 12 години јас исклучиво водам емиси во живо. Никогаш нема да ги заборавам моите почетоци и поддршката на Јасна Садовска. Но неизбежно е да кажам и дека голема улога во моето градење како новинар има и професорот Веле Смилевски со кој имав чест и привилегија да работам 17 години во Друштвото на писатели на Македонија, и имав можност да разговарам со него секојдневно за новинарството и за тоа како треба да се однесувам како новинар во секоја смисла. Ја нема секој таа привилегија. Ете јас сум била една од ретките, да можете да говорите и да слушате размисувања за новинарството од секој аспект од некој кој беше професор по новинарство на многу генерации мои колеги сега и големи имиња во новинарството. Веќе скоро деветта година сум Во Тв Сонце, каде што секој понеделник ја уредувам и водам емисијата за здравство “Ваш Термин”, и спикер и новинар сум и на Дневникот на Тв Сонце. Телевизијата е една магија која не ти дава да се осободиш од неа, уште ако тоа ти е професионална определба магијата е уште поголема, зaради тоа што сето тоа го работиш со љубов, а не како што кажав за публицитет. Емисијата си има своја посебност, во живо е нема назад, почнувате и нема стоп се додека не се одјавите, но тоа ви дава уште поголем адреналин, додека Вестите се нешто друго. Презентирањето на вестите не се учи од едно појавување на екранот, тоа е процес кој кај мене траеше со години, следејќи ги моите колеги како од нашите Тв куќи така и од соседството и така учиш и купуваш. Но на крајот сепак тоа го правиш во свој стил. Но во секој случај телевизиското новинарство е она што сум го сакала отсекогаш, затоа што е посугестивно со целокупната појава на еден новинар.
*Одржувате одлична форма и свежина во изгледот, елеганција и пристојност пред камерите, роа мора да се нагласи
– Кога работите во медиум каде што треба да се појавите како личност треба многу да се внимава, никој не е совршен, но се трудам колку можам да изгледам средено, и да оставам добар впечаток како со мојата појава така и со сето она што ќе го презентираме до гледачите. Знаете ние не можеме сите новинари да бидеме премногу убави, но многу е важно да знаеме зошто сме таму, и ако знаеме и ако им ја пренесеме нашата енергија и интелектуална подготвеност, тогаш сме ја постигнале целта. Инаку внимавам што јадам, да имам добар сон, и користам серум со витамин ц за нега на лицето и вообичаените рутински навики кои се дел од секојдневието на една жена на моја возраст.
*Вие сте целосно во светот на поетите и писателите, а бевте и дел од уметничкиот свет воопшто, кога своевремено во некогашната Скај нет водевте емисија во која Ви гостуваа актери, уметници, луѓе од културата. Би се обиделе ли повторно во таа сфера? Културата е секогаш неисцрпно поле.

-Да така е, имав искуство да водам утринска емисија на Скајнет Тв во која третиравме теми од разни области. Кога би имала можност да направам некој друг тип на емисија, би сакала тоа да биде емисија во која ќе бидат застапени глумците ( актерите) бидејќи многу ги сакам сите видови на уметност, но некако најмногу го сакам нивниот свет. Тие се одлични соговорници, многу иннтересни личности и сметам дека и би биле многу и интересни за гледачите бидејќи имаат многу поинаков свој свет за кој можат да говорат. Ете тоа ми е една од желбите. Се надевам и тоа ќе ми се исполни.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.