ЗНМ објави „Прирачник за етичко известување од избори“ -Избори 2020 во Македонија

257

Здружението на новинарите на Македонија во пресрет на претстојните парламентарни избори изготви „Прирачник за етичко известување од избори во  Македонија“ кој ќе помогне на новинарите и медиумите во подобро запознавање со етичките и правните аспекти на покривање на изборната кампања и денот на изборите.

Во прирачникот е истакната важноста на почитувањето на етичките стандарди при известувањето, како и улогата и значењето на медиумите за време на самите избори. Во таа насока, истакнато е дека информативната улога на медиумите подразбира дека тие урамнотежено и коректно ќе известуваат за кампањата на сите политички партии, со што би им помогнале на граѓаните да одлучат како ќе гласаат.

Публикацијата е поделена на четири дела кои освен за етичките стандарди, се однесуваат и на етичките принципи за реализација на фер и балансирана телевизиска кампања со политичките опоненти, меѓународните правни стандарди за слободата на изразување и изборите, како и за националните правила за медиумско покривање на изборните процеси.

Како автори се јавуваат: д-р. Марина Тунева на делот кој се однесува на етички стандарди и улога и значење на медиумите за време на избори, потоа Младен Чадиковски, во делот за етички принципи за реализација на фер и балансирана телевизиска дебата со политички опоненти.

Освен етичките принципи во посебен дел м-р. Насер Бислими разработува теми поврзани со меѓународни правни стандарди за слобода на изразување и избори, а м-р. Емилија Јаневска ја разработува темата која се однесува на национални правила за медиумско покривање на изборни процеси.

Уредник на публикацијата е Драган Секуловски, Извршниот директор на ЗНМ, кој на крајот има изработено препораки од Здружението на новинарите на Македонија во контекст на предлог измените на Изборниот законик.

Оваа публикација беше поддржана од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) со поддршка на американскиот народ преку Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и ОБСЕ Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР).Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на УСАИД или Владата на САД, ИФЕС или ОДИХР.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.