Ѕвончето оваа година нема да заѕвони за над 40. 000 ученици во Македонија кои останаа надвор од образовниот систем

398

Деновите се нижат и прават мозаик, кој после седум месеци ставање на образованието на децата и младите настрана, под изговор „да се грижиме за здравјето на најмладите” исправени сме пред стартот на  новата учебна година, кој по многу нешта е поиаков, и за жал хаотичен.

Единственото оправдување, иако минимално е дека “не сме сано ние и не сме само тука“ погодени и приморани да го менуваме образовниот систем заради појавата на вирусниот непријател, Ковид 19. Но, тука застануваат оправдувањата. Шест месеци власта (техничка,предизборна или после изборна), иако ги имаше постојано во предвид најавите од Комисијата за заразни болести и “будното“ Министерство за здравство, се чини дека одговорните за образование пред се Министерството (МОН) Бирото за образование и сите други државни институции беа во “летен сон“, од кој многу тешко се разбудија.

Така, на почеток на септември  беше одлучено учебната година да почне на 1.октомври. И тоа не е најстрашното. Тоа беше само пред еден месец а одговорните одлучија дека ќе има онлајна настава, па комбинирана настава , па се правеше список на училишта кој имаат услови за настава за физичко присуство и се тоа само за еден месец, кога се правеше и чудесната ПЛАТФОРМА ЗА ОНЛАЈН ОБРАЗОВАНИЕ – www.schools.mk

Незнаењето како да се справат со оваа состојба најмногу ги погодија учениците, родителите па и наставниците. Не дека сите имаат можности и знаења за онлајн настава. Ни од едната ни од другата страна.

И тука доаѓа најстрашното: 40.000 ученици во нашата Македонија немаат компјутери. Не знам зошто е чудно? Тоа се тие деца, чии родители осанале без работа, работат за минимални плати, колку за сметки па храна како има. И тогаш доаѓа најболната селективност. Одговорните не помислуваат начини како да обезбедат за секој ученик, туку „соломонско“ решение , ќе гледаат часови на МТВ од по 15 минути.

И сега се прашувам: Каде живеам? Од кој човечки род се тие што  одлучуваат за  идните генерации? На милионите потрошени, нели можеше да се најдат средста државата да им купи компјутерска  опрема?

Очигледно едно големо НЕ , а за жал ресорниот министер за социјала излезе со срамна изјава: „ Еве за време на викендот без ДДВ можат родителите да им купат на децата “ . До ДДВ-то е? Прашувам. Имаат ли родителите можности? Како се чувствуваат тие деца? Може ли да го прочита дотичната  одговорна колку има семејства кои примаат социјална помош?

Едно големо НУЛА . Не затоа што почнува на 1.октомври, не затоа што оди комбинирана настава , не затоа што набрзина направената платформа за онлајн образование е неупотреблива , затоа што децата ги поделивте. А образованието е основното право на децата , подеднакво за сите. Ги раслоивте од мали нозе.

И уште нешто :„Ако сакаш да го направиш народот покорен,остави го без образование „ -рекол НЕКОЈ !

М-р Татјана Гогоска 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.