АЛЕКСАНДАР ГЕОРГИЕВСКИ: Никој не се налутил поради моите стендап претстави!

78

Уште едно име кај нас се приклучи на листа на стенд-ап комичари, Александар Георгиевски, и ние веќе имаме можност да се насмееме со неговите претстави, на оф- сцената во Скопје, поточно во скопските локали.

* Што ве мотивираше или убеди да се обидете, како почна сето тоа?

-Јас бев оној кој постојано ги забавува другите, кои се шегува, кој не е сериозен… Желба од мал ми е нешто вакво. Сум глумел и во претстави, филмови, пораснав со “К-15”, “Солза и смеа”, “Монти Пајтон” и слично… Професионално со стенд-ап се занимавам од почетокот на минатата година…

*Стенд-ап шоу е тренд и нова варијанта на забава кај нас последниве деценија и повеќе, порано комедиите ги гледавме во театар. Но стендапот главно во некоја неформална и опуштена атмосфера, кафуле, клуб, па дури и на отворено. Колку вакви претстави досега имате дадено и каде сѐ?

-Настапувам низ цела Македонија, каде и да ме викнат, каде и да ме побараат, настапи по локали, по настани и настапи во забавниот дел, настапувам во културни центри и сали… Низ цела Македонија буквално. Имам понуди и за странство, засега соседството и дијаспората. Само чекам да се совпаднат коцките и за интернационална кариера.

*Кога станува збор за комедија, главно тоа е дело напишано од некој маестрален автор и изведено од повеќе актери. При стенд-ап настап не е исто, имаш само иста обврска да ја насмееш публиката, а концептот е сосема друг- сценариото главно го пишуваш сам, мора да е базирано на реални општествени случувања, постојано се менува затоа што ја следи реалноста, и го изведуваш сам. Многу работи содржи а изгледа едноставно. Колку време и напор бара таа изведба пред да биде изведена?

– Нема точен одговор колку време е потребно да се напише едно сценарио или материјал… Секогаш е тоа различно и инспирацијата игра голема улога. За некои теми и фори потребно е момент, за некои цела година нема да може да составиш сценарио…

*Лесно или тешко е да се направи сценарио за стенд-ап? Мораш да бидеш максимално подготвен. Притоа, не е лесно да си еден час сам на сцена, да зборуваш, глумиш, импровизираш, а притоа да ја следиш реакцијата на публиката, на моменти интерактивно да се надополнуваш и комуницираш.

-Најтешко е да насмееш некого. Тешко е. Не сакам да се преценувам себе си, ама малку треба за некого да растажиш, изнервираш, расплачиш. Доволно е да бидеш само кретен и идиот што луѓето по инерција се тоа. Ама некого да насмееш, да го натераш пред врата да ги остави проблемите и тагата, е тоа е тешко. Колку и да е добар материјалот не знаеш како публиката ќе реагира на него.

 

*Како ги конципирате своите содржини? Како главно ги избирате- од тв вести, од секојдневието, од социјалните мрежи …

– Секојдневието и случките во кои луѓето ќе се пронајдат….

*Да се биде хумористичен воедно е и голема обврска да се внимава говорот да не е навредувачки, насилен, дискриминаторски, со омраза и слично. Во тоа е најголемата тежина на хуморот, сѐ да се каже на убав начин, со доза на умешност, со баланс, а пак основата на “приказната” мора да е иронично толкување на аномалиите на секојдневието. И сега, како? 

– Уметноста нема граници, јас гледам никого да не навредам или дискриминирам, кога ми доаѓаат луѓе доаѓаат од сите националности, религии, класи, сексуална ориентација, политичка определба. Секој што дошол кај мене го прифаќам. Платил билет. Гледам материјалот да не е навредлив, а мајтап и шега која нема да го повреди секогаш е добредојдена, и да направам грешка гледам по пристапот да му доловам на публиката дека сум немал лоша намера…

*Кај нас реалноста е неисцрпен извор на материјал за стенд-ап. Што најмногу ве мотивира во сето тоа?

– Па најмногу ме мотивира шансата моите мислења и ставови за реалноста да допрат до другите, моите ставови, да влијаам колку што можам, да променам нешто на подобро.

 

*Студент по право а се нашол на “ноќна сцена” и глуми. Ова е само обид, желба за популарност, желба да се потроши креативно слободното време, или можеби и извор на егзистенција, затоа што кај нас и за студентите кои мора и да учат и да заработуваат нема некои поволности па сѐ сами си плаќаат за да станат образовани.

– Нема поголем благослов да заработуваш пари од тоа што би го правел и за беспари. Да, заработувам од стенд ап, паралелно и студирам, ама ова ми е начин на живот и дел од мене, не го правам од егзистенцијални причини. Да беше поради пари сигурно сум имал прилики да заработувам повеќе работејќи друго.

*Кој е првиот стенд- ап комичар што сте го гледале? Кој комичар кој ви е идол? Имаме ли и ние добри стенд-ап комичари?

-За мене е Бојан Велевски, па 5-6 празни места па потоа останатите… Светско а наше. Ги следам и другите, учам и поддржувам секој, ако ми речните да направам некаква ранг листа ќе се ставам на последно место иако имам од некои и повеќе прегледи, публика и настапи… Македонија има добра стенд-ап сцена кога се во прашање комичарите, вистина….

*Се налутил ли некој поради вашите шеги? Никој од публика, политичар или друг “исмејуван” профил на личност.

-Кратко и јасно- НЕ!

*Се заработува од вакви настапи и дали е тоа доволно?

-Тоа е релативно прашање, од повеќе комичари ќе добиете повеќе одговори. Не заработува секој исто. Јас сум млад, неженет, студент, без деца, сметки, кирии, и сѐ што заработувам е за мене… Со моите настапи живеам добро. За другите не можам и не сакам да кажам, има и комичари кои заработуваат повеќе од мене од стендапот, но дали тоа е многу и доволно и дали живеат од тоа треба тие да одговорат.

* Овој пат од Вашето Битола дојдовте во Радио бар ОРО во Скопје, Дебар маало, и ни раскажавте за двосмисленоста на македонскиот јазик, за навлегување на турските серии, за ситуацијата во источна Македонија, за прототиповите кои се наоѓаат на Тв, за тоа како само да си го тестираме нашиот коефициент на интелегенција, за разликата меѓу Битола и Скопје… Кога следен пак повторно тука, и каде сѐ во меѓувреме?

– Се надевам за брзо. Што е до мене уште утре. Правиме напори. Треба да се совпаднат повеќе коцки не е само желбата на комичарот и публиката. Но се надевам за брзо.

Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.