ФЛОРИНА ЏИНГОВА, НАЈМЛАДА ЖЕНА ЛИДЕР: Сакам да сум пример и да инспирирам многу девојки

256

Неодамна во Александар палас се одржа Првиот самит на жени претприемачки во Македонија, од каде си заминавте со престижната награда за Најмлада жена лидер. Наградата ја заслуживте со Вашиот ангажман како Генерален менаџер и предавач на Академија, а студиравте на ФИНКИ. Кажете ни нешто повеќе за себе, што сте по професија, каде ги научивте тајните на 3Д технологијата?

-Најпрво благодарам за поканата за ова интервју. Морам да признаам дека наградата за Најмлада жена лидер доделена од страна на Националната Платформа за женско претприемништво ми е прво вакво признание и ми е особено драго. Како што имав изјавено и претходно, на оваа награда не гледам само како уште еден успех во низата, туку ја гледам како одговорност и дополнителен мотив да продолжам да чекорам напред кон моите цели, а со тоа да сум пример и да инспирирам многу млади девојки. Навистина е голема чест да се добие ова признание токму на Првиот Самит за женско претприемништво, каде имав прилика да застанам и јас гордо покрај толку голем број на успешни жени. Моментално работам како генерален менаџер и водечки инструктор во М3ДС Академијата за визуелни уметности. Според моето образование може да се каже дека сум голем љубител на информатичките науки. Бев дел од смерот за компјутерски науки и инжинерство на ФИНКИ, но заради големите работни ангажмани и посветеноста кон работата, крајот на студиите го префрлив на Факултетот за информатика, при Универзитетот Гоце Делчев- Штип. За 3Д технологијата, паралелно во текот на студиите, се едуцирав токму во М3ДС Академијата, што ми остави голем впечаток бидејќи можев да ја спојам љубовта кон компјутерските технологии со мојата креативност и да најдам струка во која комплетно се пронаоѓам. Во М3ДС Академијата се стекнав со меѓународна сертификација од Autodesk USA како дипломиран студент. Моето знаење за 3Д светот и изработката на игри и филмови ги продлабочив преку сертифициран курс при Xamk – South-Eastern Finland University of Applied Sciences, за подоцна да станам и официјален сертифициран инструктор од страна на Autodesk USA.

Кога се пријавивте за наградата се надевате ли дека би можеле да ја добиете, бидејќи за неа одлучуваат искусни жени во оваа област, во претприемништвото?

-Бев навистина многу изненадена и среќна. Дел од мене секако се надеваше дека би ги исполнила критериумите и дека трудот кој го имав вложено изминатите неколку години ќе вроди со плод. Морам да кажам дека ми е огромна чест што токму јас бев избраната добитничка, а секако, би ми било уште помило доколку во иднина младите девојки сè повеќе се инспирираат и би започнале напорно да работат на своите соништа, при што би станале дел од претприемачкиот свет.

Кој е тимот кој стои зад Вас, како функционира Вашата Академија, каде да наоѓа таа, како може да се стане студент на истата?

-Зад мене имам тим од вредни колеги кои имаат огромна љубов и љубопитност кон ова поле. Морам да признаам дека е навистина олеснителна околност што сите имаме меѓусебно разбирање и се залагаме за исти цели. М3ДС Академијата е истакнат едукативен центар кој нуди обуки ориентирани најмногу кон 3Д областа, поточно 3Д печатењето, но и креирањето на видео игри и филмови. Важи за авторизиран Autodesk тренинг центар и е едукативен партнер со Epic Games. Тоа што го нудиме во М3ДС Академијата е стручна едукација и понатамошна специјализација во оваа 3Д индустрија. Располагаме со пократки курсеви за 3Д печатење, Intermediate курс, курс за како да се вклучите во фриленс светот, а секако најпосетена е 12 месечната Академска година, при која запишаните студенти без никакво предзнаење ги обучуваме да се комплетни 3Д артисти, способни понатаму да се вклучат веднаш на пазарот на трудот. Академијата се наоѓа на ул. Љубљанска 5, Карпош, Скопје, а наставата се одвива комбинирано (и онлајн и во живо) по желба на групите од запишани студенти. Во М3ДС Академијата може да се стане студент на секој отворен уписен рок. За 12 месечната Академска година уписите се одвиваат главно во месеците Септември и Февруари, додека за пократките курсеви имаме повеќе уписни рокови во текот на годината. Секако, за навремени информации може секој да не следи на нашата веб страна и социјалните медиуми или пак да нè посети за подетален разговор.

Велите работите на подигнување на свеста на јавноста за 3Д технологиите. Како може да се оствари тоа, за што на луѓето би им прикористило во реалност, објаснете ни го убаво овој поим, многу е модерен и не сите го знаат.

-3Д технологиите бележат особен напредок во последните неколку години. Нешто што навистина ме радува е што сè  повеќе се практикуваат 3Д технологиите во регионот, а со самото тоа се допринесува за општиот развиток, познавањето и примената на ова знаење во многу различни сфери. Иако, најчесто 3Д технологиите се поврзани со изработката на видео игри и филмови, можеме да забележиме дека е се поголем напредокот и примената на 3Д печатењето како посебна гранка. Можеме да видиме примена од страна на многу компании за производство на калапи и машински делови со далеку поголема прецизност. Примена во медицината, за модерно и иновативно производство на простетика, замена за гипс при повреди, бионички раце/нозе итн. Со специјален материјал за 3Д печатење се користи и во стоматологијата за попрецизно правење калапи за забни вилици, протези и помагала. Во светот можеме да најдеме примери за 3Д печатени куќи, со што има огромно влијание и во архитектурата. Користење на 3Д печатачите за роботика, иновации, креирање на прототипи, бидејќи го олеснува процесот и го прави далеку побрз и ефективен. За да ги поттикнеме младите на ваков тип на размислување и љубопитност кон 3Д технологиите, самоиницијативно подаривме 3Д печатачи и одржавме 3Д работилници низ повеќе училишта на територијата на Град Скопје, како и во другите градови во државата. Со овој чин ја правиме 3Д технологијата многу подостапна за младите и ги поттикнуваме на кариерно насочување кон една гранка која е сè уште во подем и веруваме дека во иднина ќе понуди голем број нови работни места.

Вашата Академија неодамна по 6. пат организираше натпревар за ученици од средните училишта, а победниците во натпреварот насловен “People choise”, од средното училиште “Кирил Пејчиновиќ” од Тетово, како награда добија 3Д печатач. За каква видео игра станува збор?

-Станува збор за натпреварот попознат под името ”Game Design How To?”. Овој натпревар во изминатите години го организиравме во живо во Академијата, а оваа година за прв пат се одржа онлајн. Натпреварот се одвиваше во повеќе фази, најпрво во вид на обука, работа во потребните компјутерски програми, па работа на зададен креативен предизвик. Оваа година имавме над 550 учесници, организирани во над 80 тимови, а дел од нив учествуваа и индивидуално. Целта беше без никакво предзнаење за само 7 дена да ги обучиме и оспособиме да направат кратка видео игра по нивна желба. Видовме навистина интересни изработки и фантастични идеи, а тимот од Тетово за нивната игра ”Knight Adventures” (Авантурите на витезот) во вид на гласање од публиката се здоби со 3Д печатач. Тоа што многу нè радува е гестот на средношколците од Тетово, кои овој 3Д печатач го подарија на нивното училиште за сите нивни соученици да можат да научат и да ја користат оваа технологија, што е навистина за голем поздрав.

Видео игрите се мошне актуелни и обожавани кај младите. Да ни објасните дали тие игри ја развиваат креативноста или и, патем, ги заробуваат во некој нереален виртуелен свет? Треба да се има на ум и добрата и другата страна, објаснете ни ги стручно за да немаме предрасуди. -Видео игрите како еден дел од секојдневието кај младите, носи огромен број бенефити. Научно е докажано дека видео игрите ги подобруваат когнитивните способности кај младите лица, нивната координираност, брза реакција, но и го намалуваат стресот, го поттикнуваат логичното размислување и креативноста, а секако се мошне забавни и интересни ако се играат во друштво, при што ќе се развијат и голем број на социјални вештини. Секако, познати се и примери за негативното влијание на видео игрите, како намалената физичка активност во период на развиток, зрачење од екранот, игри несоодветни за возраста, кои можат да донесат огромна штета. Сепак, сметам дека со доволна дигитална писменост, не само на децата туку и на родителите ќе може да се воспостави одличен баланс, при што видео игрите би биле мошне корисни, креативни, едукативни и нема да носат штетни последици.

Лесно е да се биде во Македонија – Жена претприемач, лидер, менаџер? Дава ли општеството доволно поддршка за идеите на младите, за да може да се почувствуваат комотни, прифатени, уважени и перспективно ?

-Во последниот период сведочиме дека разни организации и компании нудат поддршка за жените, но и за младите, за нивна едукација, кариерно усовршување, прифатеност и поддршка на нивните идеи и способности. Овој факт особено ме радува, а сметам дека во иднина и голем дел на други компании и здруженија ќе се вклучат кон оваа идеја која има позитивен импакт. Тоа би донело поголема поддршка за младите, но и поголем развиток на иновациите и успешното кариерно насочување на младите.
Како жена претприемач во Македонија воглавно самата работа, поставените цели и амбициите се тие кои мене лично ми го диктираат темпото, па би рекла дека на секоја тешкотија треба да се гледа како еден предизвик, кој треба да го надминеме, со труд и работа. Голем дел од успешните жени кои ги запознав на Првиот Самит за женско претприемништво, вклучувајќи ме и мене, сме доказ дека застарените стереотипи веќе полека се рушат, за што ми е особено драго.

Вие сте 15 години и каратистка, спорт кој учи на дисциплина. Имате постигнато успеси во каратето? Луѓето кои имаат одлика родово да ги класифицираат професиите, би рекле дека и двете Ваши се “машки професии”, иако има многу жени каратистки и менаџери. Секако дека не е така, и мажите и жените располагаат со исти таленти. Но, би Ве прашала, Ви дошла ли идеја да искреирате видео игра со карате?

-Каратето е спорт кој ме научи на многу работи: дисциплина, почит, упорност, трпение, самодоверба, фокус и стабилност, се само дел од многуте елементи во кои гледам влијание во мојот живот, токму од каратето. Како кадет и јуниор бев дел од голем број државни, балкански и меѓународни првенства и имам освоено голем број медали и признанија. Важам за карате-мајстор 1 дан, а сум моментално дел од Карате Клубот Јошитака, но за жал не можам да се посветам многу на тренинзите заради работните ангажмани. Иако и овој спорт, но и мојата професија општо се категоризираат како “машки професии”, особено ми е драго што не само јас, туку и голем број девојки докажуваме дека има простор за жените во секоја професија, доколку се има желба, мотив и истрајност. Видео игра со карате ми е идеја која одамна ја имам размислувано, но секогаш постоеле други приоритети во градењето на мојата кариера, па се надевам дека во иднина ќе можам да направам симбиоза од каратето како пасија, со мошне креативна видео- игра.

Оваа година дефинитивно ја заокружувате како- и официјално потврдено успешна млада жена. Каква е Вашата програма, очекувања и желбите за следната година?

-За следната година, покрај редовните активности, надградување на наставната програма и редовните уписи на студенти во М3ДС Академијата, ќе најавам дека подготвуваме интересни едукативни настани наменети главно за младите. Дополнително, подготвуваме и конференција, за која сè уште не можам да откријам многу детали. Веќе правиме проширување на тимот, а студентите од М3ДС Академијата ги подготвуваме и за интересни меѓународни натпревари. Така што, се надевам на уште поуспешна година со повеќе ангажмани и поголемо позитивно влијание, не само за оваа сфера, туку и општо за сите млади.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.