Декември во Кинотеката- во свој филм

99

Ноемвриската програма на арт-киното на Кинотеката ја заокруживме со ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА СКОПЈЕ: ЧОВЕК – ЛАВ СТОРИ, третиот краток филм за “Старо Скопје” на Кстерина Габунија и Александар Трајковски, во продукција на „Вардар филм“, проект во кој учествуваа граѓаните со нивните снимки на 8 милиметарски и супер 8 милиметарски филмски ленти стари неколку децении. Декемвриската програма, пак, ја започнуваме со Мобил фестивал – Фестивалот на филмови снимени со мобилен телефон. Технологијата се менува, „орудијата“ за снимање и платформите за прикажување исто така, но останува љубопитноста да се сними свој филм. Таа љубопитност веројатно е иста кога се прегледуваат месечните програми на Кинотеката, со желба да се најде „свој“ филм. Па, еве ја понудата за декември.

НЕЧИСТА КРВ – ГРЕВ НА ПРЕДЦИТЕ (Nečista krv – greh predaka / Bad Blood) во режија на Милутин Петровиќ (Milutin Petrović) е нов производ на „српскиот Холивуд“. Агилноста на продуцентите и екранизирањето на темите од поблиското или подалечно минато овој пат резултира со „вестерн“ во српски и турски народни носии, со Драган Бјелогрлиќ (Dragan Bjelogrlić) во главната улога. Филмот е снимен според познатата романескна предлошка „Нечиста крв“ на класичниот српски писател Борисав Бора Станковиќ (Borisav Bora Stanković), но податокот дека е сценаристички обработено на необичен начин пред повеќе од половина век од Воислав Нановиќ (Vojislav Nanović) – режисерот на првиот македонски долгометражен игран филм ФРОСИНА – е доволно интригирачка покана за гледање. Во декември репризираме уште еден наслов од „српскиот Холивуд“, ТОМА (Toma) на Драган Бјелогрлиќ и Зоран Лисинац (Dragan Bjelogrlić, Zoran Lisinac).

Декемвриската понуда на кинотечната програма го содржи и краткиот игран филм СЕВЕРЕН ПОЛ (North pole) на Марија Апчевска-Петровска (Marija Apshevska- Petrovska). СЕВЕРЕН ПОЛ беше селектиран во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал 2021, во конкуренција за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм, и учествуваше на десетина филмски фестивали низ светот. Филмот е сниман на малку подзаборавената супер 16 мм филмска лента, а неговата сторија говори за фрустрирачкото одраснување и сексуалното созревање на една тинејџерка.

Следуваат неколку наслови од регионот и Европа, во кој Македонија има малцинско продукциско учество. На програмата се два наслови од „новиот бран“ на бугарската кинематографија, 18 % СИВО (18% Grey) на Виктор Чучков (Viktor Chouchkov) и НАСОКИ (Posoki / Directions) на Стефан Комендарев (Stephan Komandarev), и два словенечки филмови на необичниот автор Винко Модерндерфер (Vinko Möderndorfer): ИНФЕРНО (Inferno) и ЗАСТОЈ (Zastoj / Deadlock).

Во овој блок филмови спаѓаат и ВИА КАРПАТИЈА (Via Carpatia) во режија на Клара Кочанска и Каспер Бајон (Klara Kochańska, Kasper Bajon) – со најпознатиот актер-натуршчик на овие простори Бајрам Северџан (Bajram Severdzan) – и последниот филм на неодамна починатиот автор Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević), насловен И ПОКРАЈ МАГЛАТА (Nonostante la nebbia / DESPITE THE FOG).

Средината на декември е резервирана за НЕДЕЛАТА НА ПОЛСКИ ФИЛМ, веќе традиционална филмска смотра на најдоброто од класичната и современа полска кинематографија.

Не ја пропуштаме можноста и да ве запознаеме со уште еден интригантен наслов во редовниот термин ВЕЧЕР НА ФРАНЦУСКИ ФИЛМ во избор на Францускиот културен центар, а декември го заокружуваме најновото издание на АНИМАКС СКОПЈЕ ФЕСТ – Фестивал на анимиран филм.

ПРОГРАМА ДЕКЕМВРИ 2021

1 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

МОБИЛ ФЕСТИВАЛ

2 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК),

3 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК),

4 ДЕКЕМВРИ (САБОТА),

6 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК),

НЕЧИСТА КРВ – ГРЕВ НА ПРЕДЦИТЕ

(Nečista krv – greh predakaBad Blood)

Игран филм, Србија

2021, 108 мин., колор, ДЦП

Режија: Милутин Петровиќ (Milutin Petrović)

Сценарио: Милутин Петровиќ, Милена Марковиќ, Воислав Нановиќ (Milutin Petrović Milena Marković, Vojislav Nanović)

Улоги: Драган Бјелогрлиќ, Анѓела Јовановиќ, Катарина Радивоевиќ, Феѓа Штукан, Нела Михаиловиќ, Тим Сејфи, Недим Незировиќ, Марко Грабеж (Dragan Bjelogrlić, Anđela Jovanović, Katarina Radivojević, Feđa Štukan, Nela Mihailović, Tim Seyfi, Nedim Nezirović, Marko Grabež)

Југот на Србија во средина на 19 век во Османлиското царство. Сторијата на филмот го следи Хаџи Трифун (Бјелогрлиќ), угледен српски трговец, кој се обидува да го зачува мирот со турските власти, но и да го одржи својот углед во Врање – важен град за Османлиите бидејќи е во близина на ослободена Србија. Додека Хаџи Трифун, како неформален господар на Србите од тој крај, ги подготвува своите два сина да го наследат на позиција водачи меѓу српскиот народ, турските бегови му прават проблеми.

Хаџи Трифун е во судир со Џафер-бег, но има и проблеми со синовите. Постариот син Јовча (Незировиќ) сака повторно да се жени, а помладиот Мита (Грабеж) започнува забранета љубовна врска со слугинката. Ташана (Јовановиќ) е вдовица на третиот син на Хаџи Трифун која не сака веќе да тагува во црнина и да биде во своевиден куќен притвор и страда по владиката Мирон, близок соработник на нејзиниот свекор.

Филмот е работен според романот „Нечиста крв“ на класичниот српски писател Борисав Бора Станковиќ (Borisav Bora Stanković). Интересна е и приказната за сценариото, како своевиден „приквел“ на „Нечиста крв“, кое во шеесеттите години од минатиот век го напишал Воислав Нановиќ, инаку режисер на првиот македонски долгометражен игран филм. Нановиќ не го реализирал филмот, а половина век подоцна неговото сценарио е пронајдено во архивите на една белградска продукциска куќа, и е актуелизирано.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

СЕВЕРЕН ПОЛ

(North pole)

Игран филм, Македонија / Србија / Унгарија

2021, 15 мин., колор, 16 мм

Режија: Марија Апчевска-Петровска (Marija Apshevska- Petrovska)

Сценарио: Марија Апчевска-Петровска (Marija Apshevska- Petrovska)

Улоги: Антониа Белазелковска, Лука Митев (Antonia Belazelkoska, Luka Mitev)

Приказна за одраснувањето и сексуалното созревање на тинејџерката Марго (Белазелкоска). Марго е сексуално фрустрирана од притисокот на нејзините другарки дека сè уште е невина, па сака по секоја цена првото сексуално искуство да го има со нејзината симпатија Матеј (Митев)…

СЕВЕРЕН ПОЛ беше селектиран во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал 2021 и беше во конкуренција за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм. Филмот на Апчевска учествуваше на десетина филмски фестивали низ светот и победи на загрепскиот и на фестивалот Balkans Beyond Borders. Македонската премиера на филмот беше на 42-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во септември 2021 во Битола.

Филмот е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг-директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

6 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

16 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ТОМА

(Toma)

Игран филм, Србија

2021, 146 мин., колор, ДЦП

Режија: Драган Бјелогрлиќ, Зоран Лисинац (Dragan Bjelogrlić, Zoran Lisinac)

Сценарио: Драган Бјелогрлиќ, Зоран Лисинац, Никола Пејаковиќ (Dragan Bjelogrlić, Zoran Lisinac, Nikola Pejaković)

Улоги: Милан Мариќ, Тамара Драгичевиќ, Петар Бенчина, Андрија Кузмановиќ, Сања Марковиќ (Milan Marić, Tamara Dragičević, Petar Benčina, Andrija Kuzmanović, Sanja Marković)

Филмот ТОМА е биографски портрет – слободна интерпретација на животот и доживувањата на легендарниот пејач Тома Здравковиќ (1938-1991), кој ги прикажува неговите почетоци, врвот на неговата слава, жените во кои се вљубувал и кои го инспирирале при компонирање на неговите најголеми хитови, како и односите на некогаш забревтаната естрада во некогашна Југославија.

Сторијата на ТОМА го следи пејачот (Милан Мариќ) од периодот на неговата рана младост, кога како момче во Лесковац работи како кафеански помошник. Во таа кафеана гостува пејачката Силвана Бајрактаревиќ (Тамара Драгичевиќ), ѕвезда во подем. Тома се вљубува во неа и ѝ ја презентира првата песна што ја напишал, па Силвана ќе му помогне да добие ангажман како кафеански пејач во Тузла. Потоа му помага да направи позначаен исчекор на белградската естрада и, иако никогаш нема да станат љубовници, остануваат неверојатно емоционално поврзани за цел живот. Во ТОМА го следиме животот на Тома Здравковиќ низ постојани флешбекови од неговите почетоци, преку подемите и падовите во кариерата, заминувањето во САД, до медицинските третмани на почетокот на деведесеттите. Тома и докторот Хаџи Поповиќ (Бенчина) што го лекува– или се обидува да го лекува, со оглед на немарноста на пациентот за сопственото здравје – водат вистинска битка со нивните ставови за животот и среќата. Невозвратената љубов од Силвана, која се мажи за тенисерот Радмило Арменулиќ, и пороците како алкохолот и комарот можеби здравствено го уништуваат пејачот, но тие се негова инспирација за некои од најголемите хитови на т.н. „новокомпонирана“ народна музика, кои и до ден-денес се „задолжителни нумери“ на репертоарот на семејните веселби.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

7 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

9 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

11 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:20 ч.

18 % СИВО
(18% Grey)
Игран филм, Бугарија / Германија / Македонија / Србија / Белгија
2020, 110 мин., колор, ДЦП
Режија: Виктор Чучков (Viktor Chouchkov)
Сценарио: Хилари Нориш, Долја Гавански, Захари Карабашлиев (Hilary Norrish, Dolya Gavanski, Zachary Karabashliev)
Улоги: Рушен Видинлиев, Долја Гавански, Самуел Финци (Ruscen Vidinliev, Dolya Gavanski, Samuel Finzi)

Бугарскиот фотограф Зак и неговата голема љубов Стела, следејќи ја заедничката мечта за поубав и поинтересен живот, заминуваат од Варна во Лондон. Но, по одредено време Стела ќе го напушти Зак. Во потрага по нова смисла во животот, Зак тргнува на необично патешествие од Лондон до Берлин. Ова е патувањето што ќе му ја открие вистината за неговата изгубена љубов, но ќе му донесе и непријатни откритија за самиот себе… Режисерот Виктор Чучков ни е познат по филмот ТИЛТ (Tilt, 2010), а 18% СИВО е снимен според истоимениот роман на бугарскиот писател Захари Карабашлиев, кој доживеал 22 изданија во Бугарија и ја добил наградата „Вик“ за роман на годината. 18% СИВО минатата година учествуваше на Интернационалниот фестивал во Софија и скопскиот Фестивал на европски филм Синедејс. Македонски копродуценти на филмот (малцинска копродукција) се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

7 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

8 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

ИНФЕРНО

(Inferno)

Игран филм, Словенија / Македонија / Србија

2014, 114 мин., колор, ДЦП

Режија: Винко Модерндерфер (Vinko Möderndorfer)

Сценарио: Винко Модерндерфер (Vinko Möderndorfer)

Улоги: Марко Мандиќ, Медеа Новак, Марко Буквиќ, Лара Волавчек, Ренато Јенцек, Јернеј Шугман (Marko Mandic, Medea Novak, Marko Bukvic, Lara Volavsek, Renato Jencek, Jernej Šugman)

Маре и неговото семејство секојдневно се борат за опстанок во капиталистичкото општество кое безмилосно си поигрува со судбините на луѓето. Филмот се фокусира на невработениот Маре, неговата сопруга и двете деца. Како и секое семејство од работничката класа, и тие се обидуваат да живеат од сопствениот труд.

Поради светската економска криза нивниот живот завршува во слепа улица. Сè изгледа како да нема излез. Поединците како Маре не можат да се изборат против неправдата, бедата, сивите еминенции… Меѓутоа, гранитните коцки откорнати од улиците чекаат на нив, како што чекале со векови. Пеколот постои, но само привремено…

ИНФЕРНО освои две награди на Филмскиот фестивал Бруклин во Њујорк, САД, а беше во конкуренција за награди и на следниве фестивали: Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Битола. Македонија, 2015; Скопски филмски фестивал, Македонија, 2015; „SEE a Paris“ Фестивал на југоисточен филм, Париз, Франција, 2015; Филмски фестивал „Црни ноќи“, Талин, Естонија, 2014; Меѓународен филмски фестивал, Бусан, Јужна Кореја, 2014; CINEMED – Меѓународен фестивал на медитерански филм,Монпеље, Франција, 2014.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

8 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

9 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

НАСОКИ

(Posoki / Directions)

Игран филм, Бугарија, Германија, Македонија

2017, 103 мин., колор, ДЦП

Режија: Стефан Комендарев (Stephan Komandarev)

Сценарио: Стефан Комендарев, Симеон Венциславов (Stephan Komandarev, Simeon Ventsislavov)

Улоги: Харалан Александров, Димитар Баненкин, Васил Банов, Иван Бернев, Асен Блатечки, Софија Бобчева (Haralan Alexandrov, Dimitar Banenkin, Vasil Banov, Ivan Barnev, Assen Blatechki, Sofia Bobtcheva)

НАСОКИ е современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде во шест такси возила се испреплетуваат судбините на група луѓе – херои од сегашната балканска реалност.

Во тоа деноноќие сме сведоци на некои од реалните проблеми, па дури и апсурди на денешното општество на овие простори. Преку очите на таксистите и клиентите низ улиците, полека ја насетуваме шареноликоста на секојдневието, дури и со своите најтемни нијанси. Поединечните приказни се обединети од една смрт, која сепак ќе даде шанса за нов живот.

НАСОКИ учествуваше во престижната програма „Извесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал, ја доби наградата на публиката на фестивалот во Брисел, го отвори 38-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2018, а учествуваше и на фестивалите во Сараево (БиХ), Кливленд (САД), Хихон (Шпанија), Хаифа (Израел), Приштина (Косово)…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

13 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

14 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ВИА КАРПАТИЈА

(Via Carpatia)

Игран филм, Полска, Македонија, Чешка

2018, 75 мин., колор, ДЦП

Режија: Клара Кочанска, Каспер Бајон (Klara Kochańska, Kasper Bajon)

Сценарио: Клара Кочанска, Каспер Бајон (Klara Kochańska, Kasper Bajon)

Улоги: Јулија Кијовска, Пјотр Боровски, Бајрам Северџан, Дорота Помикала (Julia Kijowska, Piotr Borowski, Bajram Severdzan, Dorota Pomykala)

Младата брачна двојка Пјотр и Јулија со месеци го планираат својот одмор. Но, за жал, нивните планови се уништени од мајката на Пјотр. Таа сака да го доведе дома таткото на Пјотр кој што со месеци престојува во некој од бегалските кампови на македонско-грчката граница.

И покрај своите длабоки сомнежи, Пјотр се согласува на ова и така наместо на својот одмор од соништата, двојката тргнува кон југ. За време на ова патешествие се соочуваат со некои фундаментални прашања, напуштајќи ја својата комфорна зона, тие стануваат блиски сведоци на ситуации кои дотогаш ги виделе само на телевизија. Во улогата на таткото на Пјотр настапува македонскиот актер Бајрам Северџан.

Режисерите Клара Кочанска и Каспер Бајон и актерката Јулија Кијовска добија награди за најдобра режија и женска улога на фестивалот за дебитантски филмови во Кошалин (Полска), а филмот беше во конкуренција за награди на фестивалите во Котбус (Германија), Лоѓ (Полска), Карлови Вари (Чешка)…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

13 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

14 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

И ПОКРАЈ МАГЛАТА

(Nonostante la nebbia / DESPITE THE FOG)

Игран филм, Италија / Србија / Македонија / Франција

2019, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević)

Сценарио: Горан Паскаљевиќ, Марко Алеси, Филип Давид (Goran Paskaljević, Marco Alessi, Filip David)

Улоги: Донатела Финокјаро, Џорџо Тирабаси, Али Муса Сархан, Франческо Аквароли (Donatella Finocchiaro, Giorgio Tirabassi, Ali Mousa Sarhan, Francesco Acquaroli)

Меѓународната копродукција И ПОКРАЈ МАГЛАТА е прв филм на плодниот српски режисер Горан Паскаљевиќ снимен во Италија.

Една дождлива вечер, Паоло, сопственик на ресторан во мало гратче во близина на Рим, се враќа дома од работа. По пат среќава дете стуткано на студот на автобуска станица и решава да го земе дома. Детето се вика Мохамед и е бегалец, напуштено дете, кое ги загубило родителите за време на патувањето до Италија на гумен чамец. Присуството на детето ја вознемирува неговата сопруга Викторија, која на почетокот е несигурна и се колеба, но сепак се согласува детето да преноќи кај нив. По некое време, се премислува и решава да го задржи Мохамед и покрај мислењето на сите останати…

И ПОКРАЈ МАГЛАТА е последен филм во филмографијата на Горан Паскаљевиќ (Белград 1947-Париз 2020).

Музиката во филмот е на Влатко Стефановски. Филмот имаше премиера на филмскиот фестивал во Ваљадолид, Шпанија.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

15 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ФРЕД

(Fred)

Документарен филм, Италија

2021, 60 мин., колор, ДЦП

Документарна сторија за Фердинандо Фред Бускаљоне (Ferdinando “Fred” Buscaglione, 23 ноември 1921 – 3 февруари 1960), италијански музичар, пејач и поли-инструменталист, кој бил популарен во доцните педесетти години од минатиот век. Неговиот прв сингл во 1955 година бил продаден во еден милион копии. Во неговите песни и во филмовите во кои настапувал, Фред бил персонификација на комичен гангстер склон на доброто виски и убавите жени. Неговите улоги биле инспирирани од филмовите со Кларк Гебл (Clark Gable) и романескните јунаци на „палп фикшн“ писателот Мики Спилејн (Mickey Spillane).

Филмовите со кои оставил трага пред прераната смрт во сообраќајна несреќа во близина на Рим се: КАКВА ЖЕНСКА! (Che bambola/ Whatta babe!), ТЕРЕЗА, НЕ ПУКАЈ(Teresa non sparare/ Theresa, don’t shoot!),ТИ БЕШЕ МАЛЕЧОК (Eri piccola così/ You were small like that), ГЛЕДАЈ КАКВА УБАВА МЕСЕЧИНА (Guarda che luna/ Look, What A (beautiful) Moon),ЉУБОВ ВО ПОРТОФИНО (Love in Portofino/Porfirio Villarosa; карикатурален приказ на светски популарниот плејбој и автомобилски тркач Порфирио Рубироза /Porfirio Rubirosa),ЛЕСНО ВИСКИ (Whisky facile/ Easy Whiskey)…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

17 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

18 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

19 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

20 ДЕКЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

22 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

23 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

НЕДЕЛА НА ПОЛСКИ ФИЛМ

21 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ВЕЧЕР НА ФРАНЦУСКИ ФИЛМ – ФРАНЦУСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР

24 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

25 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

26 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

АНИМАКС СКОПЈЕ ФЕСТ – ФЕСТИВАЛ НА АНИМИРАН ФИЛМ

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.