Интервју со Жаклина Мучева – Со „Деби Му „ по трет пат допира до највредната читателска публика-децата

446

М-р Жаклина Мучева е личност која покрај што во професионалниот живот е со години посветена на медиумите и работа во хуманитарни цели, таа со своите креативни активности неуморно работи со децата и тоа и беше поттик да создаде за две години, трилогија на фантастичниот лик Деби Му. Деновиве во ова “корона“ време иакао за жал со социјална дистанца успеавме да откриеме што се случува со Деби Му, после излегувањето на третата книга “Деби Му освојува медали“.

Пред две години имавме убава можност на читателите особено на оние најмладите им го претставивме новиот лик Деби му во една ново дизајнирана, со интересна содржина книга? Ги освои ли срцата на читателите Деби МУ?

Да пред две години се „роди“ Мозаикот на Деби Му – книга која се разликуваше од сите дотогашни во однос на содржината и интеракцијата со која се одликуваше. Родителите кои ја купија книгата ги кажуваа своите и искуствата на децата. Децата прво се фаќаа за боичките, а возрасните ги читаа приказните. Едните уживаа во креативноста, а другите учеа или се потсетуваа за некои обични нешта. И на крајот се случуваше спојката деца+ возрасни, она што сакав јас да го постигнам со книгата. Заедничка дружба и едукација. Тоа беше мотив за понатаму, за втората „Деби Му го разбуди бувчето“.

-Кој беше предизвикот да ја прошириш приказната и минатата година и колку бувчето донесе среќа откако Деби му го разбуди?

 Деби Му со бувчето требаше да ги разбуди оние читатели кои не знаеа за „Мозаикот на Деби Му“. Во едно убаво расположение, во синилото на водата и небото, ги создавав приказните за инсектите , птиците и морскиот свет. Летав и пливав до секое дете за да дознаам нешто повеќе за тоа што ги интересира. Волшебен е светот на децата, огромна е нивната љубов кон животните, а нивната искреност и наивност ве телепортира во временска зона каде нема сказалки. Верувам дека заеднички ја измечтаевме „Деби Му го разбуди бувчето“.

-Деновиве трета книга овој пат “Деби Му освојува медали“. Предизвик за читање, накратко да ни откриеш што содржи!

Од пловидба по синилото, Деби Му се приземји на зеленилото на спортските терени. Што им е најпотребно на денешните деца, кои времето го минуваат седнати и наведнати врз телефони, комјутери, таблети, ајподови…..им треба движење, спортување. Ако прочитаат за некои познати и непознати спортови, да се надеваме дека ќе се заинтересираат за активно вклучување во некој спорт. Во новата „Деби Му освојува медали“ можат да прочитаат 21 приказна за разни спортови. Секоја приказна содржи информации за потеклото на спортот, какви се терените, каква опрема е потребна, колку соодветниот спорт е корисен за децата и дали во нашата земја има клубови за да почнат да тренираат. Има спортови кои кај нас не се тренираат и играат, како поло, крикет, рагби, па децата можат да научат нови нешта. Има приказни за добро познати спортови како фудбал, скијање, карате, ама и тука можат да научат нешто ново. Има и приказни за спортски игри кои не се спорт, ама се забавни и корисни. Да не откривам се, бидејќи секоја книга на овој свет е ново откритие. Нека откриваат моите другарчиња и нека ги бојат новите зонтаг илустрации на Ивана Горичан кои овојпат се смејат, од убави поубави.

Да очекуваме наскоро промоција? Каде можат да ја најдат книгата?

Многу ми е жал што оваа книга нема да има промоција и работилница за децата. Состојбите со вирусот не изместија сите, ама за доброто на сите ќе се придржуваме кон препораките на докторите и ќе почекаме за заеднички дружења и прашања од моите читатели. До тогаш да се дружиме со Деби Му и нејзините доживувања, а децата нека си ги запишуваат прашањата за авторот. Јас со нетрпение ќе ги чекам за да им ги кажам одговорите. Новата „Деби Му освојува медали“ во издание на Едука Мак може да се купи on line на knizarnica.mk или во Едука Мак. Сигурна сум дека ќе ја има следниот месец и во книжарниците на другите издавачи.

Го имаш ли зацртано следниот пишувачки креативен предизвик?

Секоја средба и дружба со децата ми дава елан, мотив и идеи за нови приказни. За жал сега немам можност многу да дружам со децата, па во главата имам рој нови идеи кои треба да се подредат. Без децата тешко ќе ми оди. Ќе смислам нешто, морам. Деновиве ми се јавија од Словенија, каде еден Филип ги читал двете Деби Му и добил идеја да напише книга. Филип е второ одделение и тргнал во нови предизвици поттикнат од Деби Му. Сака да спортува и кога слушна дека новата Деби Му е со спортови, се одушеви. Еве овие работи ви го прават животот исполнет. За сите деца ветувам ново изненадување!

А ние со нетрпение го очекуваме !

М-р Татјана Гогоска-одговорен уредник

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.