LICENTIA POETICA- Вера Андон “….Но и тој в миг остудене и се скамени…“    

1384

Од денеска, секоја среда втор циклус на Licentia poetica 

Уредник на рубриката Филип Димкоски

Вера Андон е автор кој живее и твори во Скопје и е голем пријател на децата. Нејзиното авторство е врзано со збирките поезија: „Време и дождови“,(ја објавува како средношколка), „Кога сакаш птици“ (награда  „Ѓурѓа“ `93) , и  „Првата љубов голема, а ние мали“ . Застапена е во изборите поезија: „Во летот на соѕвездието“, (на српски јазик),„ Струга“, (на турски јазик) , „Од копнеж до Ерос“, (антологија на македонска љубовна лирика, на српски јазик) , во збирката поезија за деца „Распеано славејче “, во меѓународната збирка на песни и раскази за деца: „Прегрни го животот“ (на српски јазик), „Ајде да сонуваме“, антологија на поезија за деца од македонски автори.

Објавувала поезија во сите списанија за деца:„ Росица“, „Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“ и „ Колибри“.

Во 2016 г. излегува од печат книгата за тинејџери „Здраво мои 13“. Заедно со печатената книга излегува и аудиокнига со истиот наслов која е од хуманитарен карактер и посветена на лицата со оштетен вид.

Во 2018 г. излегува од печат книгата „Првата љубов голема, а ние мали“, препеана на српски јазик.

 

Наскоро ќе излезе од печат книгата за најмладите „Тајната на црвената гума“.

    Автор е на книгите за деца со работен наслов: „Иван е мал, иван е крал“ и „Ха ха од Ш до А“.

 

ДИЈАЛОГ

„Оранж“,

„Кока – кола“

или „Швепс“? –

прашува келнерот.

 

Го слушам

тој непознат глас,

го гледам

тоа непознато лице,

и гледам

мала, скриена насмевка,

што за среќа

ја добиваат

и неважните гости…

 

„Швепсот“

е освежително горчлив –

продолжува тој…

 

Ве молам,

само освежување

од горчината,

задржете се`!

 

 

КРАЈОТ НА ЛЕТОТО

 

Вжештен песок

се рони низ моите прсти…

Заминува летото.

 

Росата од сонот

што ми ги отвори трепките

се скамени…

 

Непознато присуство

се вчудоневиде

и в миг одлета.

 

Останав сама

со песокот

што ми ги гореше дланките

очајнички,

до болка

го притиснав,

горев заедно со него,

но и тој в миг остудене

и се скамени.

 

Во воздухот

се` уште мирисаше летото.

Го препознав неговиот крај.

Иако,секој крај

мириса поинаку…

 

Неочекуван

дојде ветрот,

се засили,

се претвори

во виулица.

Росата од сонот

пак ми ги навлажни трепките,

ми ги затвори очите…

Замижав,

и се збогував со летото…

 

СРНА

Плашлива,

се подава кон Сонцето,

за да зграби еден дел,

еден миг,

едно сонување…

 

Ечат подземни води.

Поривот носи

матна река

за да го стаса Бескрајот…

 

Очи бистри,

очи на срна сјаат,

а како ситен дождец

капе

нежност…

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.