“Македоника литера“ го објави романот „Добар ден, тато“ на Стјепан Томаш

21


Скопје, 09.01.2024

“Македоника литера“ неодамна го објави романот „Добар ден, тато“ на познатиот хрватски писател Стјепан Томаш. Овој роман на Томаш и романот „Мојот татко спие со ангелите (Мал воен дневник)“ повеќе од две децении се задолжителна лектира во основното образование во Хрватска и се култни романи во современата хрватска литература за деца. За „Добар ден, тато“ Томаш ја доби наградата „Григор Витез“.
„Добар ден, тато“ е емотивен роман за едно тринаесетгодишно момче, кое, откако дознава дека е посвоено, добива голема желба да ги запознае биолошките родители. На патот до таа вистина, соочувајќи се со светот на возрасните каде што владеат некои нови, посурови и понечувствителни односи и борејќи се со училишните проблеми, со првите тинејџерски љубови, со односите со другарите – момчето брзо созрева. Романот може да се смета за авантуристички, чиј главен лик минува низ бројни авантури за да ги запознае биолошките роди­тели. Од почетокот на романот, главниот лик Драгутин го води желбата да припаѓа на семејство и да ги запознае биолошките родители. Романот се сведува на неговите доживувања и чувства. Заплетот на делото започнува ненадејно, кога од дијалог со одделенската наставничка дознава дека е посвоен и тој дијалог ќе влијае врз неговиот подоцнежен живот. Од тој момент, ништо во неговиот живот не е исто.
Преводот од хрватски јазик е на Марија Паунова.
Стјепан Томаш (1947) е современ хрватски за деца и за возрасни, член-соработник на Хрватската академија на науките и уметностите, добитник на повеќе награди. Пишува пиеси за деца, раскази, романи (за деца и за возрасни) и драми. Објавил 25 книги. Автор е на романите „Граѓани од прво колено“ (1975), „Танинскиот кварт“ (1980), „Златоустиот“ (1993), „Српскиот бог Марс“ (1995), „Емигранти“ (1998) и други, на збирките раскази „Светиот бунар“ (1972), „Кој тропа ќе му отворат“ (1975), „Смртен час“ (1983), „Живот во провинција“ (1989) и други, автор е на драмите „Смртен час“ (1989) и „Златоустиот или тажниот дом хрватски“ (1995), како и на романите за деца „Молецот и ноќниот чувар“ (1982), „Ало, овде командоси“ (1991), „Мојот татко спие со ангелите“ (1992), „Мал воен дневник“ (1994, дополнето издание на „Мојот татко спие со ангелите“), „Гуслар од марципан“ (2004), Гудачки квартет од Бостон“ (2008), „Момчето што ги сакаше птиците“ (2019), „Кучето кое читаше од усни“ (2000) и др.
Дела на Томаш се преведени на повеќе јазици – италијански, словенечки, словачки, унгарски, германски, чешки и македон­ски. Ова е втора негова а прва негова книга за деца објавена на македонски јазик. На македонски јазик е преведен и романот „Златоустиот“, кој е посветен на Јосип Јурај Штросмаер и Константин Миладинов. Според истиот роман ја напишал драмата „Златоустиот или тажниот дом хрватски“.
Живее и пишува во Осиек. Целиот работен век го поминал во просветната и културната дејност.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.