Продолжен е рокот на Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024

12

1 Јуни 2024

Со Одлука на Управниот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, продолжен е рокот на Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024. Крајниот рок за пријавување е 14 јуни, 2024 година. Ги поттикнуваме младите автори дебитанти да се пријават на Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024, распишан од Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со Јуроп Хаус и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Можат да се пријават сите автори што ги исполнуваат критериумите на Конкурсот:

Критериуми за учество:

-Наградата „Mлада Струга“ се доделува за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант.

-Авторот не смее да биде помлад од 18 години, односно постар од 30 години заклучно со денот на крајниот рок на конкурсот и мора да биде државјанин на Република Северна Македонија.

-На конкурсот пријава може да поднесе исклучиво авторот.

-Еден автор може да учествува само со една необјавена поетска збирка.

Наградата Млада Струга има за цел да го поттикне поетското творештво како највисока форма на јазичен израз, коешто разбирливо, најавтентично може да се постигне кога се пишува на мајчин јазик. Сите автори што ги исполнуваат критериумите можат да се пријават со необјавени поетски збирки на нивниот мајчин јазик. Доколку нивниот мајчин јазик не е македонски јазик, потребно е да испратат и 7 песни во превод на македонски јазик заедно со останатите материјали наведени во условите на Конкурсот.

Заради продолжувањето на рокот за пријавување, се поместуваат и роковите: наместо 1 јули, жири комисијата треба да достави до Управниот одбор на СВП единствен предлог за добитник на наградата заклучно со 5 јули. Наместо на 3 јули, добитникот на наградата ќе биде објавен на 8 јули 2024 година

Поттикнувањето на културната разновидност и создавање на еднакви можности за сите граѓани е една од темелните вредности и на Европската Унија под чие покровителство е и наградата Млада Струга, преку Јуроп Хаус.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.