Со ЕУ партнерите против дезинформациите и анти- европската реторика

15


Битола, 6 ноември 2023 година

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ја отвори интернационалната научна конференција на тема: „Ситуацијата се влошува и на исток и на југ? Предизвици за безбедноста и стабилноста во Европа“, изјавувајќи дека одговорноста во борбата со дезинформациите треба сите да ја имаме како наша граѓанска обврска и дека најважно е во надминувањето на предизвиците да сме заедно обединети со нашите ЕУ партнери.
„Важно е и од академски аспект, не само од политички, да се држат отворени прашањата и темите што ги наметнува денешната конференција, со кои се соочува и Европа, но и целиот Западен Балкан. Затоа на овие прашање мораме да одговориме заеднички, со јасна визија, одлучност и волја од сите засегнати страни. А засегнати сме сите кога станува збор за стабилноста, мирот, развојот на државата и безбедноста на нашите граѓани“, нагласи Костадиновска- Стојчевска.
Таа посочи дека настанот претставува уште една потврда за високото ниво на соработка што го имаме со Република Полска, не само на политичко ниво туку и на академско ниво со Центарот за Европа при Универзитетот на Варшава.
„На конференцијата, студентите и сите учесници ќе имаат можност да слушнат за тоа што значи кога работиме заедно, како се соочуваме со предизвиците заедно и дека ниту една држава, без разлика дали е полноправна членка на Европската Унија или се стреми да биде членка на Европската Унија како овој процес што ние го одиме како држава, не е сама во тој процес и заедно ќе се бориме и со дезинформациите и со предизвиците што претставуваат целосно интегрирање на Република Северна Македонија во Европската Унија“, изјави министерката за култура.
Таа рече дека никој не очекуваше дека и во 21 век Европа, „оазата на мирот“, ќе биде сведок на војна и дека тоа го отвори прашањето за иднината на Европа, како и на регионот, кој е мета на надворешни влијанија и пропаганди, потенцирајќи дека „во вакви околности, дополнително поттикнати од разочарувањето на граѓаните поради нашето маратонско чекање пред вратите на ЕУ, антиевропската реторика и дезинформациите си нашле плодна почва и претставуваат уште еден предизвик за сите нас“.
„Тие се закана за нашите демократски општества и бараат заеднички одговор и пристап од сите општествени актери. Сведоци бевме на сите случувања поврзани со т.н. Француски предлог и дезинформациите кои и денес ги слушаме за бугаризација, идентитетот, Преговарачката рамка и евроинтеграциите, како и со војната во Украина, што несомнено внесе недоверба во процесот, страв и паника меѓу граѓаните“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа напомена дека не смееме да ја заборавиме и сериозната улога на НАТО во делот на заедничката безбедносна политика на Европската Унија, и поддршката што ни ја дава како на членки во борбата против ширењето на дезинформациите.
„Клучно е да се соочиме со предизвиците што претстојат со решителност, единство и непоколеблива посветеност за иднината каде што гласот на Европа ќе одекнува на глобалната сцена. Искуството ни покажува дека најлесно се надминуваат проблемите кога сме обединети и заедно, низ различни иницијативи и соработка за решавање на заедничките предизвици“, посочи министерката за култура.
Костадиновска- Стојчевска порача дека треба да обезбедиме Западен Балкан да продолжи да се развива и да се движи напред заедно со Европската Унија и дека тоа е за доброто на нашиот регион и за Европската Унија како целина, кога се наоѓаме во клучен момент за нашата заедничка историја“, заклучи Костадиновска- Стојчевска.
На отворањето на конференцијата во Официрскиот дом што се одржа во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, покрај министерката, се обратија и ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, професор Игор Неделковски, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, амбасадорот на Полска во земјава, Кшиштоф Гжелчик, и директорот на Центарот за Европа при Универзитетот во Варшава, Камил Зајомчовски.
Домаќин на настанот за безбедносните предизвици и стабилност во Европа беше битолскиот универзитет, кој се одржа со поддршка од Министерството за надворешни работи на Република Полска, во рамки на натпреварот „Јавна дипломатија 2023″.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.