Кинотека- програма за февруари

29

МОЖАТ ЛИ ДА СЕ ИЗМЕРАТ СРЕЌАТА И ТАГАТА?

Како да препознаете тажен човек? Или среќен? Некои од можните одговори ќе можете да ги проверите во февруарската кинотечна програма.

Шведскиот режисер Рубен Остлунд (Ruben Östlund) во ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА (Triangle Of Sadness) вели дека на секое лице може да се препознае триагилникот на тагата. Тој се формира во оној дел од лицето омеѓен со коренот на носот и очите.

Ретко кој филм од поновата продукција, како ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА, успеа не само да ги освои побитните награди годинава туку и да пробуричка низ закоравените односи во либералните општества. Филмот на Ослунд делува просто како мелем за антиглобалистите, анархистите и прекаријатот, но што ќе се случи ако пролетаријатот навистина еден ден дојде на власт во светот?

Таа претпоставка се случува на една луксузна јахта – светот малку ќе попричека – а сатирата на Ослунд веќе ги освои „Златната палма“ во Кан во мај годинава и повеќето главни награди на Европската филмска академија во декември 2022 година: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и со адреса во Данска).

Како и да е, сведочиме на менување на претходните улоги во општеството, како во мала револуција. Ваше е да проверите дали и оваа ваква „револуција“ повторно ќе ги изеде сопствените деца?

Има ли физиката на тагата специфичната тежина?

Алузијата, секако, е на хит-романот на регионалната книжевна ѕвезда Георги Господинов кој изминативе месеци е ултимативно четиво. Но, и НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ (Luckiest Man in the World) на Теона Стругар Митевска (Teona Strugar Mitevska), наспроти „веселиот“ наслов, се обидува да ја измери тагата на војната.

Филмот на Митевска, кој беше македонски кандидат за „Оскар“ минатата година, заедно со КАЈМАК на Милчо Манчевски, МИМИ на Даријан Пејовски, СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА на Кристијан Ристески и REBIRTH: VOICE OF SILENCE на младиот филмаџија Илија Павлов, ја обележаа македонската кинематографија изминатиот период. Затоа и повторно се на плеј-листата на кинотечната програма овој февруари.

На програмата е и НАСЛЕДСТВО (The Estate) на британскиот автор Дин Крејг (Dean Craig), со ѕвездените имиња Тони Колет, Ана Фарис, Дејвид Духовни, Кетлин Тарнер, Розмари ДеВит (Toni Collette, Anna Faris, David Duchovny, Kathleen Turner, Rosemarie DeWitt) во актерската екипа. Сторијата на НАСЛЕДСТВО е сосема вообичаена – две сестри сакаат да го добијат наследството на богатата тетка – но пристапот е сосем различен од мејснтрим насловите, оценет како просветлувачки поглед на материјалниот свет на денешницата.

Француската кинематографија, пак,има нов адут, МЕЧ СО ДВЕ ОСТРИЦИ (Avec amour et acharnement / Both Sides of the Blade), на веќе легендарната авторка Клер Денис (Claire Denis). Љубовниот триаголник – во кој има и среќа и тага – го сочинуваат ведетите на француското глумиште: Жилиет Бинош, Венсан Лендон и Грегоар Колан (Juliette Binoche, Vincent Lindon, Grégoire Colin). Сигурно дека не смее да се пропушти.

Љубителите на анимираната продукција ќе имаат можност да видат три исклучителни наслови на февруарската програма. МАЧОРОТ ВО ЧИЗМИ: ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА (Puss in Boots: The Last Wish) е во продукција на анимациското на студио „Дримворкс“ (DreamWorks), и другарот на Шрек – со кого во филмскиот серијал изминатава деценија и пол заработија повеќе од 3,5 милијарди долари на благајните на киносалите во светот – има посебна мисија, а гласовите на главните јунаци ги креираат Антонио Бандерас, Харви Гијен и Салма Хајек (Antonio Banderas, Harvey Guillén, Salma Hayek).

Имаме уште еден анимиран лик од родот на мачките на програмата. НЕВЕРОЈАТНИОТ МОРИС (The Amazing Maurice), во режија на Тоби Генкел и Флоријан Вестерман (Toby Genkel, Florian Westermann), со гласовната поддршка на Хју Лори, Емилија Кларк, Дејвид Тјулис и Гема Артертон (Hugh Laurie, Emilia Clarke, David Thewlis, Gemma Arterton), е приказна за еден мачор-мангуп кој ги плаши луѓето со стаорци и заработува на тоа. Како? Проверете во Кинотека.

СЀ ВО ИСТО ВРЕМЕ (Everything Everywhere All at Once) на Дан Кван и Дениел Шнејнерт (Dan Kwan, Daniel Scheinert) ја раскажува сторијата за мултиверзумот, „простор“ во кој постојат наши верзии што владејат вештини кои ние можеби би сакале да ги владееме. Холивудската актерка Мишел Јео го враќа нејзиниот некогашен актерски сјај во оваа луда авантура.

МАКС И БЕСНАТА ДРУЖИНА (Max und die wilde 7), германска продукција во режија на Винфрид Елснер (Winfried Oelsner), е уште еден наслов наменет за најмладата публика. Но, сторијата за 9-годишниот Макс кој мора поголемиот дел од денот да го минува во старечки дом бидејќи мајка му работи во него како медицинска сестра, сигурно ќе им биде допадлива и на постарите гледачи. Посебно затоа што некој им ги краде скапоценостите на станарите, а малиот Макс има детективски аспирации…

Не ја занемаруваме ниту документарната продукција, па ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК (Ž Ž Ž / Journal about Želimir Žilnik) на авторот Јанко Баљак (Janko Baljak) е повторно на кинотечната програма. Филмот за култниот српски режисер Жилник – кој е еден од родоначалниците на „црниот бран“ и докудрамата, лауреат на Берлинале во 1969 за својот РАНИ ДЕЛА (Rani radovi) – раскажува како овој автор успеал да остане ангажиран и храбар, но пред сè креативно слободен, реализирајќи ниско-буџетни проекти.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.