„Танц фест„ наместо во редовниот пролетен термин, оваа година ќе се одржи на есен

185

Шенаесеттиот „Танц фест“ е презакажан за есен и ќе се одржува во повеќе фази во септември, октомври и ноември 2020 година. Во меѓувреме, поради околностите со пандемијата, танцови претстави се прикажуваат онлајн на Јутубе, на Скопје танцовиот театар, соопштија од Културниот центар Интерарт.

Програмата на „Танц фест“ годинава ќе биде и во знакот на  јубилејните 30 години постоење на современа танцова сцена во земјава и поради тоа во фестивалската програма ќе има посебен блок кореографии посветен на македонските кореографи.

Ќе почне со најновата премиера насловена „Последен пресек“ на кореографката Адријана Данчевска и првпат ќе може да се види серија претстави со наслов „Експериментален танц“ од повеќе автори од македонската современа сцена. Меѓу  нив се кореографите Дејан Битровски, Тринга Хиса и Валентино Апостоловски и дебитантите Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески, Тереза Лазарев, Јована Петровска. Во овој дел на програмата ќе има и претставата со која кореографката Рисима Рисимкин ќе одбележи 30 години кореографско творештво.

Во гостувањата на странски претстави на годинашниот „Танц фест 2020“ ќе има короеграфии од Австрија, Јужна Кореја, Германија, Русија и Италија. Традиционално, дел од програмата ќе биде и блокот посветен на најмладите – „Танцуваме со Виталија”, во кој ќе учествуваат повеќе танцови студија од земјава и од странство.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.