Во МНТ праизведба на “Торонто експрес”

МНТ ја најавува најновата претстава  „Торонто експрес” работена по мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот” од авторот Зоран Спасов– Ѕоф, во режија на Јордан Симонов, својата праизведба ќе ја доживее на 15 декември со почеток во 20 часот. Главниот лик е доверен на маестралниот Александар Микиќ.
Исто така, ја најавува и промоцијата на книгата „Торонто експрес”/„Тибам Штркот – апдејт”, која ќе се случи на 7 декември во просториите на книжарницата Литература во Ист Гејт Мол во 20 часот, а читателите со секоја купена книга добиваат ваучер/билет, кој ќе можат да го искористат во месеците што следат.
Претставата „Торонто експрес” е работена според „Тибам Штркот”, еден од  најчитаните текстови во 2008 година и како што вели авторот, ова дело е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа, да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија…
Ракописот е пишуван на скопски сленг, во лајт варијанта — дијалект што сè помалку се зборува, полека изумира и го снемува од скопските улици.
На адаптацијата на текстот работеа: Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов. Како извршен продуцент се потпишува Виктор Рубен, сценографското решение е на Мартин Манев и костимограф е Роза Трајческа-Ристевска.
Следните изведби се закажани на 16 и 20 декември.
Мила Анѓелковиќ
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.