“Тетовирани импресии” за Горан Стефановски

23

Факултетот за драмски уметности – Скопје го слави творештвото на нашиот и ваш,
единствен Горан Стефановски, со мултимедијална програма под наслов „Тетовирани импресии“. Настаните од програмата ќе се одржат од 27 март до 27 април, во организација на факултетот, и со учество на соработници, колеги и новите „наследници“
на Горан – студентите кои ги продолжуваат неговите приказни. Ќе потсетат на творештвото
кое претставува бескрајна инспирација за минатите, сегашните и идните генерации на
факултетот. Инспирација која нé поттикнува кон подобро и повеќе уште од нашата
„Бушава азбука“. И од „Јане Задрогаз“, преку „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“,
„Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Чернодрински се враќа дома“…, се до „Огнени јазици“.
Од нивното запознавање, разбирање, препрочитување и поставување, до одново станување
и борење за она што е вистински наше.
„Тетовирани импресии“ ќе започнат со одбележување на Денот на театарот, на 27
март. Во рамки на програмата ќе гледате испитни претстави и етиди по текстови на Горан,
проекции на филмови по негови сценарија, и презентација на документарен филм во
реализација, посветен на неговото дело. Ќе слушнете како изгледала соработката со Горан
преку дискусии со неговите долгогодишни соработници, а и музичка програма во
соработка со студенти од Факултетот за музичка уметност. Програмата ќе се заокружи на
27 април, неговиот роденден.
Влезот за сите настани е слободен. Деталите за секој настан ќе бидат дополнително
објавени на веб- страницата и социјалните мрежи на Факултетот за драмски уметности.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.