СОТИР ЧАУШЕВСКИ, ТВОРЕЦ: И по најцрната ноќ доаѓа Сонце!

383

Сотир Чаушевски е  сѐ позвучно име на пишувач, наградуван за својата поезија и раскази. Има две книги со поезија. Но, овој ресенчанец од стара ресенска фамилија исто така е во театарската уметност, со години учествува на “Актерот на Европа” , инаку аматерски со театар се бави од доцните шеесети од минатиот век, што на аматерски драмски фестивал во Струмица, Велес, Кочани, што на домашен терен, па и нешто во странство. Моментално пленува со својата нова книга.

* “Немам време да Ти напишам кратко” е познат слоган кој се објаснува дека ако нешто сакаш да објасниш накусо Ти треба време. Вие како да го имавте времето од цел живот зад Вас кога сте успеале да ни опишете сѐ така накусо, питко, со лесно “перо”. Дваесеттина раскази со вистинита содржина, сместени во Вашата прва книга со проза.

-Искрено како да го имам цело време од мојот живот, но не се осмелував тоа да го напишам. Имав некаков страв. Од што не знам ни самиот.
*“Болката од широк сокак” ја отвора книгата со истоимениот расказ, и раскажува за Вашата дружба со девојката која раката на судбината ја одзела многу млада. Не го откривате нејзиното име. Тоа е сѐ што треба да знаеме, напишаното во расказот, или на читателот му должите уште сосема кратко, некој детал повеќе, кога веќе дискутираме за носечкиот расказ?
– “Болката од Широк Сокак” :
Во Битола има една улица, кој еднаш дошол, застанал во неа и погледнал низ
улицата, тој секогаш ќе се навраќа во таа улица Широк Сокак наречена.
Со приказни безброј, разделби и средби, со солзи, насмевки, прегратки слатки
кои ја стоплуваат, но и настани кои ја замрзнуваат душата.
Тоа е Широк Сокак.
Крие тој многу тајни. Секоја плочка, секое светло, секој дуќан, дал бол или
радост донел.
Јас секогаш сакав кога Битола доаѓав таму денот да го минам. Интересно ми
беше, од мал град, гратче што би се рекло, одеднаш во град во кој толку народ се слива по таа улица која неизмерно ја сакав.
По цел ден ме чекале моите најблиски по мајка роднини, но јас со вперен
поглед во убавите девојќи кои шетаа, се кикотеа ил си раскажуваа заборавав кај дедо ми дома да си одам. И ако одев, одма пак назад сакав да се вратам.
Мал бев, се сеќавам, пред мене така разиграно помина едно младо девојче, со насмевка на лицето и се погледна во мене. А, јас замрев, тоа девојче мало, така убаво, со шарено фустанче и бели чевличиња и чорапчиња, срцето ми го растрепери.
Се погледна во мене и добар ден ми рече, но замина брзо без поздрав и само насмевката ми остана.
И така секој ден излегував девојчето да го видам, но го немаше. Сѐ до еден ден
кога зад мене застана.
Ме гибна, и разговор со мене почна.
Од кај си? – ме праша.
И кажав со радост, а тоа цело време во бастунот и високиот чевел што го носев
гледаше, но ништо не прашуваше.
Името ми го кажа и имам 7 година ми рече. Знам кој си и кај си дојден ми
рече, те гледам секој ден кај црквата свети Димитрија. Ќе сакаш ли другар да ми бидеш?
Толку брзо зборуваше, збор не ми даде да кажам.

Радосно прифатив, никогаш не ме праша за бастунот, нити за чевелот, нити навреда ми прати.

А, толку беше убаво девојчето мило, со насмевка на лицето, со плетенки на косата, со шареното фустанче, белите чевличиња на Широк Сокак шетавме. Раката ми ја фати и така ме држеше, детска љубов никна.

И секојдневно бевме заедно.

А, јас секое лето одев во Битола и на Широк Сокак седев, пораснавме,
девојката убавица правa. Во телото здрава, со насмевка која душата ти ја пара. Не се одделуваше одмене.
А јас…јас само се прашував што ли е ова. Љубов, пријателство, другарство
ли е?
Но, таа ме сакаше, очите и светеа, Имавме свое место, светло и коцки, плочки и излог на дуќан во кој гледавме смело, весело, насмеано.
И Широк сокак со нас се смееше, се до еден ден кога девојката повеќе не ја
видов, мислев дека не сака мене да ме види, ја барав, ја немаше, прашував, одговор не добивав, но не беше така, одев кај дедо ми со мака и тага и видов на бандера една во некролог еден слика и веднаш солзите ми бликнаа и никогаш не ја заборавив мојата мала од Широк Сокак во Битола.
Мртва беше, а и јас заедно со неа и многу, многу години не застанував на
Широк Сокак.
И сега кога одам солзите сами си паѓаат, без да ги викнам, цвеќе секогаш на гробот и носам и знам дека не ја заборавив и во овие доцни години.
Се сеќавам беше прекрасна како млада девојка, но не можам да ја заборавам
како мала, со шарено фустанче, чевлиња бели и плетенки со пеперутка направени.
А, нејзината рака ставена во мојата се уште топлина ми дава.
***
Должам уште многу, но не би било тоа ако откријам. Случката е вистинска и
страшно боли, а, ако се ставам напишано, тогаш болката ќе е многу голема.


*Сите раскази откриваат што Вам ви се случувало дома, во семејството, на работа, во младоста… Но, го откриваат и ресенскиот градски живот, каде сте роден и живеете. Интересен е расказот за Вашето заминување на работа акција. Тоа е и Вашата борба за
рамноправно прифаќање на лицата со инвалидитет. Но, ми се чини сега е и полошо, иако од тогаш поминале над 40 години, или не сум во право?
-И тоа е вистинска случка, ја подготвував бригадата, се разбира заедно со сите акцијаши и одеднаш некој големец ќе те пресече, како човекот да е создаден од крилја, а штом ти се пресечат крилјата не се лета. Инаку во право сте, цел живот се борам за еднаквост на инвалидизираните, луѓе со посебни потреби, хендикепираните или како сака човек нека ги вика, но за жал тешко оди, не само тешко во последно време уште полошо. Жалам за тоа, но некако како да се отфрлени тие лица. Сѐ со големи молби, а понекогаш ни тоа не
успева да се направи.
*Низ сеќавањата се навраќате на оние кои најмногу ви значат, Мајката, Таткото, чичкото. За жал, оваа година имавте една голема загуба, која можеби ќе ја раскажете во некој друг
расказ. Станува збор за една прекрасна личност, а секој за кого се напишано некое дело, живее вечно.

-За среќа имав прекрасна мајка и татко, прекрасни браќа и сестра. За жал од браќата веќе двајца починаа едниот на 52 години, другиот сега пред неколку месеци на 76 години. Ќе напишам сигурно и за него расказ, затоа што имам со него многу настани кои нѐ врзува. Премногу жалост нѝ дојде, но живот е тоа и ќе се трпи.

*Тажни чувства буди расказот за 16 октомври…

-Уф, болка голема на тој ден, загина моја прва братучетка во сообраќајна несреќа, а тој ден и големиот Тоше го загуби живот. Со години премногу блиски, а ги сакав двајцата од срце и со цела душа.
*Книгата лесно се чита, има весели момент има и тажни, но не се патетични над дозволеното. Сте ја пронашле мерката на пишување. Сепак, потсетувате и на Тоа колку е важен и убав животот, во секој негов период.
-Животот е секогаш убав и тажен и весел, затоа е живот. И затоа и продолжувам со работа. Веќе е готова и за печатење нова збирка “ЌЕ БЛЕСНЕ СОНЦЕТО”, деновиеве и таа треба
да излезе од печат, а по неа и долго очекуваниот роман, кој е готов но финансиите не стигнуват и не би се осмелил без помош од донатори да го печатам. Средства во овој момент нема од никаде, така да ќе се почека.
Ова е само една песна од најновата збирка и се радувам што токму кај Вас ја споделувам за првпат. Се надевам на читателите ќе ѝм се допадне.

***

И ПО НАЈЦРНАТА НОЌ ДОАЃА СОНЦЕ
Зар не знаеш
ноќта е црна,
темна,
тмурна.
Треба ли светло
да запалиме
ил оган да тлее,
ил збор да се збори.
Треба ли човек да се бори
да дојде и
по најцрната ноќ
СОНЦЕ !
Господе,
покажи нѝ го
патот.
Ние сме само луѓе
грешници.
Помогни нѝ да
се најдеме онаму
каде припаѓаме.
Јас знам,
ќе има СОНЦЕ,
Ќе светне силно,
само храбро
сплотени да сме.
Мирни да сме,

и сонцето

ќе дојде….


*Имате плодна авторска дејност, цело време. Пишувате драми кои се поставуваат на сцена. Имате две стихозбирки, и сега и книга со раскази. што најмногу ви легна?
-Не е баш многу плодна. Во последно време пишувам повеќе, послободен сум. Прозата ми е некако поинтересна и мислам дека на тоа ќе застанам, но морам веќе готовите збирки да
ги отпечатам. Деновиве ќе излезе од печат и новата збирка ЌЕ БЛЕСНЕ СОНЦЕТО, Слободно можам да кажам една од најубавите збирки поезија.
* За себе, чинам од скромност ќе речете “режисер-аматер, актер-аматер. Пишува, но не е поет, ниту писател” со што јас, навистина не Би се согласила. Тогаш, кој е човек кој може да се нарече поет и писател?
-Искрено не сум ни поет, ни писател. Пишувам, но не се сметам за ни едно ни друго, театарската режија ми лежи на срце и тука сум и тука се гледам. Но, здравјето пополека ме напушта и се тргнувам настрана. Веќе и изјавив дека повеќе нема да работа. Тешко го
поднесувам тоа, но здравјето, искрено не дава.
*Ресен е мало гратче но кое многу инспирира, некогаш порано со богат живот сега со по малку отсутност на динамина. Како е да се биде пензионер во Ресен, која е предноста? Дали можеби атмосферата за повеќе авторско творење?
-Не, не, не, нема атмосфера. За да има атмосфера треба да има и душевна храна, а во Ресен ја нема. Мене ми се ограничени можностите да присуствувам на некои настани што ретко се организираат, како лице со попреченост немам пристап до ниеден објект. И тоа многу боли.
*Но, очекувате ли награда од градот за сѐ што сте створиле досега, како и за негова афирмација на литературен план, вклучувајќи ги бројните манифестации кои ги имате
организирано низ годиниве?
-Не, неочекувам, кога очекував бев заобиколен и сега тоа ништо не ми значи. Инаку наградата и онака не ми значи ништо. Сѐ што работев, го работев со љубов, од срце и од
душа, не за финансии, но се радувам кога ќе видам млади кои работеа со мене сега се во културата актери, поети, писатели. Се надевам дека ќе ги има уште. Оставив зад себе трага, но и болка што не се најде човек кој ќе ја прифати културата,од срце и ќе се внесе во неа.

 Валентина Ѓоргиевска Парго

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.