Меѓународна изложба „Екологија на идеи“ во рамките на интернационалниот проект „Патиштата на хероите”

22

Италијанската организација „Ла Драматурџи” по повод организацијата на меѓународната изложба „Екологија на идеи” (Ecology of Ideas) во рамките на интернационалниот проект „Патиштата на хероите” поддржан од програмата „Креативна Европа” на Европската Унија во 2020 година организира изложба и промоција.  Во својата основа проектот се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени. Се работи за комплексен проект со времетраење од две и пол години. Покрај Македонскиот народен театар како главен партнер, во проектот се вклучени уште шест организации од кои една од земјава (Издавачка куќа Гаврош) и пет од другите партнерски земји Италија (Ла Драматурџи), Грција (Лооп Амке), Босна и Херцеговина (Студио Театар), Словенија (Институт за театарска игра) и Србија (Ехо Анимато). Секоја од организациите се занимава доминантно со производство, промоција и истражување на театарски и сценски форми.

Промоција на книгата за деца „Ветерната приказна” од Ника Гавровска, и изложба на илустрациите од Наташа Андонова како дел од проектот „Патиштата на хероите”. „Ветерната приказна” припаѓа на современата книжевна фантастика ќе биде во 19 часот. Како спој од мит и сказна, таа е и книжевна адаптација на документаристичка предлошка. Малата Верта тргнува на патување, при што ѝ се случуваат низа средби, поточно 12 луѓе што се книжевни огледала на 12 вистински ликови од современиот живот што живеат денес и секојдневно на свој начин придонесуваат за поубав свет.

Потоа следува отворање на изложбата „Екологија на идеи” (Ecology of Ideas). Изложбата „Екологија на идеи” на партнерот од Италија, „Ла Драматурџи” под кураторство на режисерот и драматург Џан Марија Черво е идејно концпирана во три изложбени простории тематски поврзани, но концептуално различни. Имено, изложбата е комбинација од различни пристапи со цел да се обрати на различна публика и да ја искомуницира  еколошката криза со која се соочува современиот свет.

Изложбата ги опфаќа темите на општествена апатија и отсуство на дела, но нуди и решенија за основните прашања како: Дали треба да ја видиме бојата на воздухот што го дишеме за да дејствуваме? Како се поаѓа од чувството на бесполезност? Како дејствуваме како поединци, а како дејствува заедницата? Што значи политичка, општествена и емоционална криза? Кои се првите чекори како уметници?

„Екологија на идеи” е патувачка поставка. Имено, таа ќе биде отворена во Република Северна Македонија на 12 април во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица” – Национална галерија, а потоа патува за Италија и го завршува во Атина, Грција, а со тоа се потврдува широкиот интернационален дострел на проектот „Патиштата на хероите” вклучувајќи во своите активности повеќе од 30 артисти.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.