„Птици“, еколошки проект по повод Меѓународниот ден на аутизмот

33
На 7 април 2023, во 10.30 часот се заокружува еколошкиот проект „ Птици“ изработен од Националната галерија “Чифте амам” во соработка со Зоолошката градина Скопје и Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн и училиштата. 
-Со проектот традиционално го  одбележуваме денот и месецот  на лицата со аутизам. Учествуваа деца од различни училишта, различна возраст, деца од редовна настава и деца со попреченост; учениците од ОУ Невена Георгиева Дуња, средното училиште Цветан Димов, Св. Наум Охридски и студентите од Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн. Низ неколку планирани работилници се развиваше еколошка свест кај најмладите, но и меѓусебно запознавање на едни со други. Учесниците на проектот на 7. април ќе ги постават изработените куќички за птици на различни локации во Зоолошката градина. Проектот е подржан од Министерството за култура на РСМ,вели организаторот.
„Птици“, еколошки проект по повод Меѓународниот ден на аутизмот.
Во развојот на еколошката свест и култура кај децата, најважно е да им се развие љубовта кон природата. Да се биде еколошки свесен, значи да се едуцираат и да се подготват навреме за нивното активно вклучување во процесите за заштита на животната средина. Птиците, како и сите живи суштества, се неразделен дел од природата во која тие ја играат својата улога. Загрижува фактот дека бројот на птиците се намалува секоја година и тоа може да предизвика сериозно еколошко нарушување. Активноста на човекот има силно влијание врз тоа со масовниот лов, уништувањето на шумите, фрлањето токсичен отпад во природата. Треба да се земе предвид фактот дека најмладите, кои им се и најверни пријатели на птиците, треба да ги воспитуваме во духот на постојана грижа и љубов кон птиците. Националната галерија непрекинато креира едукативни содржини во кои низ игра и забава ќе може да учат едни за други, но и за светот околу нив.
 
-Проектот „Птици“ го започнавме на првиот ден од пролетта со посета на Зоолошката градина, каде што се запознавме со различните видови птици, нивните специфики, местата од каде што потекнуваат и со сето она што ги карактеризира. Инспирирани од нивните живеалишта, посакавме да направиме и ние куќички во кои големиот број врапчиња и славејчиња ќе може да се засолнат и да се чувствуваат заштитено. Благодарение на студентите од Машинскиот факултет – Скопје, отсек Индустриски дизајн, кои ги изработија куќичките, Децата имаа несекојдневно искуство – куќичките од делови да ги состават и да ги декорираат со еколошки материјали. Беа користени материјали од природата, шишарки, семки, цвеќиња, кора од дрва, струготини… Проектот е инклузивен и во него учествуваа учениците со попреченост од училиштето „Св. Наум Охридски“, учениците од средното училиште „Цветан Димов“, како и од ОУ „Невена Георгиева-Дуња“. Сите заедно, сплотени како јато птици, уживаа во работата и креирањето на овие куќички, кои на крајот ќе бидат поставени на места каде што нивните пријатели – птиците ќе уживаат во своите нови живеалишта. Со проектот „Птици“, Националната галерија традиционално го одбележува Меѓународниот ден на аутизмот. Децата се токму како и птиците. Со љубовта што ја шират може да слетаат во сечие срце!
Проектот започна со прошетка во Зоо градината. Потоа следеше работилница за изработка на куќичките во Чифте амам. Децата имаа задача од веќе подготвени делови ги состават куќичките,а потоа истите да ги декорираат. Се користеа исклучиво еко материјали како живеалиштата би биле комплетно природни за птиците. Во рамки на настан под наслов „Тука сме, заедно сме, а можеме повеќе“ ќе биде презентиран самиот еколошки проект со училиштето домаќин Св. Наум Охридски“, со кои, ние како институција, имаме долгогодишна соработка. На крај на 7ми април 2023 сите учесници во Зоолошката градина ќе ги поставиме куќичките за користење на различните видови птици, додаваат тие.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.