Над 400 графичари на биеналето во Битола

46

На Првото меѓународно графичко биенале на минијатурни графики и цртежи Битола 2023, на 15 ноември 2023 година, ќе бидат изложени над 700 дела работени во речиси сите графички техники, како и во скоро сите техники за изработка на цртежи: од јаглен па се до акварел, акрилик, комбинирани техники и така натаму. Свое учество бележат околу 80 држави со над 400 автори.

За оваа голема ликовна, светска манифестација и за нејзиното понатамошно презентирање, веќе пројавија интерес неколку ликовни центри , сакајќи да ја претставуват, популаризираат, афирмираат и во нивните средини.

Големиот одзив и бројот на присутните дела, ја позиционираат оваа ликовна, меѓународна манифестација во високо рангиран контекст.

За обележување е и специјалното присуство, односно одбраните колекции на 50 автори од Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски, кинески павилион, колекцијата на околу шеесетина автори од Италија, во избор ина истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина. Присуството на најистакнатите полски графичари, една од најзначајните графички средини во светот. Како и големиот интерес на автори од скоро сите дрѓави на латинска Америка од Мексико, Бразил, Аргентина.

Битола дефинитивно е светски ликовен центар, со што македонската култура воопшто, е претставена со истакнато значење и придонес од интернационален карактер.

За изложбата се подготвува обемен каталог кој што ќе биде доставен до сите учесници, како и институции а воедно ќе биде позициониран на интернет платформи на кои се позиционирани каталози и книги од овој вид, со што, ќе биде достапен до сите заинтересиран низ целиот свет.

Зошто минијатурната форма и зошто опфаќањето на двата медиуми: графика и цртеж, во предговорот на каталогот, образложува авторот на проектот и организаторот Владо Ѓорески:

..„ Уште во првите ракописни записи, минијатурите се појавуваат како илуминации преку кои е толкуван светот, пред почетокот на секоја буква, светли и просветлени како крилата на ангелот.

Низ и оваа човечка „цивилизација“ тие секогаш постоеле и биле создавани надвор од претенциозниот историски нарцизам.

Од „Јавачите на апокалипсата“, „Меланхолијата“ на Дирер, од „Мизеријата на војната“ на Кало, од „Капричосите“ и „Ужасите на војната“ на Гоја… тие постојат, осамено, скоро скришно и непознато, затоа што не се порачка за големите храмови, за царските палати, за дворците на аристократијата, за лавиринтите на политичките тврдини или банкарската парична логореа на „моќта“.

Тие не се програмско преповторувано клише, без отстапки и излети надвор од устоличените измислени стилови.

Тие мудро и незабележливо се провлекува низ неколкувековната хиерархиска цензура, всушност од почетокот на првите аномалии на престижното „јас“ и ништожното „ти“.

Тие стигна и до денес, не како клепсидрична тавтологија на историјата, туку како вечната паралела и генеза на првичните илуминации, на светлечкото зрачење на спиритуалниот лет, доаѓајќи со очајната порака дека денес, во овој миг над нас лебди ангелот со црвени крилја.

Пред да дојде, она потоа, кога после милениуми, во некои пештери ќе бидат откриени малите цртежи на човечки фигури со црвени крилја. И така, повторно, ќе почнат безброј толкувања, суетни разјаснувања на праисторискиот прапочеток…

Историјата се повторува не по ничеовското начело, туку по космичката гравитација претешка за човечката вирусоидна глупост наречена „цивилизација“. Се разбира ако и овој пат ѝ биде дозволено на таа „епидемија“ повторно да го заврти својот хуманоиден круг врз оваа напатена Планета. Доколку ова е последниот круг на историскиот рингишпил, ќе остане, засекогаш – пустината: чиста, тивка, спокојна и треперливо мудра како огледало од кое најубаво се гледаат сите ѕвезди како малечки далечни минијатури“…

Изложбата ќе биде поставена во Културен и информативен центар –офицерски, Битола, кој е и соработник на овој меѓународен проект.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.