Се отвори изложбата „Париски рефлексии 3“

10

22.03.2024

 

Синоќа се отвори изложбата „Париски рефлексии 3“. Во име на Националната галерија поздравна реч до публиката упати директорката Дита Старова Ќерими на отворањето на изложбата „Париски рефлексии 3“, проект во соработка со Францускиот институт во Скопје, односно со амбасадата на Франција.

Првиот дел на „Париски рефлексии“ од 2022 година и вториот дел од „Париски рефлексии“ од минатата 2023 година беа претставени во истиот овој простор. Поводот за овој настан е одбележувањето на Деновите на франкофонијата, традиционална манифестација на соработка која нуди можност на континуитет на културно вмрежување меѓу двете земји и проткајување на пријателските односи. Како резултат на оваа соработка, и соработката со другите културни установи, селекцијата од првите две изданија, во ноември 2023, беше претставена во Офицерскиот дом во Битола. Во организацијата за гостувањето на „Париски рефлексии 1 и 2“ во градот на конзулите беа вклучени Францускиот конзулат и Француската алијанса. Најавуваме дека и третиот циклус ќе гостува во Битола, во 2024 година.

„Париски рефлексии 1“ ги претстави основоположниците на македонската модерна, односно современа мисла кои дел од своето творештво го дефинирале преку студиски престои и специјализации во центарот на уметноста- Париз, односно во интернационалната заедница означена под синтагмата Париска школа. Тоа беа изложени македонските уметници: Мартиноски, Личеноски, Пандилов Аврамовски, Владимирски, Лазески, Стефанова, Тодоровски, Коцо и Стефанова.

Вториот дел од „Париски рефлексии“ се однесуваше на втората генерација автори родени до 1930 година, кои се вклучиле во дефинирањето на ликовната сцена кај нас по Втората светска војна, во 6та и делумно 7та деценија на 20 век: Вангел Коџоман, Поповиќ- Цицо, Траиковски, Кондовски, Шијак, Мазев, Куновски, Петлевски, Велков, Корубин, Ивковиќ, Лозаноски, Ѓорѓиевски, Јанчевски и автодидактот Наумовски, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија.

Во третото издание на „Париски рефлексии“ се претставени дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој во Cite des Arts во Париз, дел како добитници на тогашната државна награда „Моша Пијаде“, но и преку специјализации и дополнување на образованието, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност Париз. Со тоа, секој со своето препознатливо творечко кредо, извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување и продлабочување на влијанијата на енформелот, надреализмот, новата фигурација, геометризмот и останатите тогаш актуелни светски тенденции. Во оваа селекција се вклучени авторите кои се родени по 1930 година, ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20 век, а се значајни и по нивната педагошка дејност (многу од нив во нивната творечка дејност едуцираат и генерации млади уметници како професори на Академијата за ликовна уметност во Скопје): Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски – Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Васко Ташковски, Кирил Гегоски, Милош Коџоман, Виолета Чауле, Рубенс Корубин, Доне Миљановски, Благоја Николовски (сликари), Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски Дада, Борис Николовски (скулптори).

Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија. Преку претставените дела се чувствуваат рефлексиите на едно време, особено во доменот на пренесување на влијанијата на двете навидум спротивставени оски – апстрактната уметност и фигуративната. Легатот на интернационалната Париска школа, го чувствуваме и до денешно време, особено преку престојот на огромен број македонски уметници од сите генерации во Cite des Arts, бидејќи уметноста се уште ги зближува луѓето физички – во галериите, музеите, простори за изведба – и културно, што сведочи за силните пријателски врски кои инспирираат размислување и формирање врски од минатото, сегашноста и иднината…

Се надевам дека и понатаму ќе ја продолжиме традиционалната приказна, преку соработката и пријателските односи со Франција која има исклучително голема традиција во чување, негување и проучување на демократските процеси во културата, истакна Дита Старова Ќерими.

Францускиот амбасадорот, г-динот Сирил Бомгартнер на отворањето истакна:

„Навистина сум среќен што сум со вас денес, за отворањето на овој трет дел од овој проект што решивме да го наречеме „Париски рефлексии“, а кој го започнавме пред две години.

Оваа оригинална идеја ни дојде во 2021 година благодарение на вас, госпоѓо директорка, кога за прв пат ме пречекавте во Националната галерија, во Амамот Даут Пашин и ме запознавте со богатството на вашата постојана колекција.

Сликарството на големите македонски мајстори на 20 век очигледно беше проткаено со Париската школа и главните текови на модерната уметност.

Оваа исклучителна колекција со која располага Националната галерија и француското влијание врз неа, ни се чинеше дека заслужуваат да бидеме вреднувани како таква. Тука се роди идејата за оваа изложба.

Затоа за март 2022 година закажавме многу убава изложба на избрани дела на големите мајстори-основачи на современото македонско сликарство, во првата половина на 20 век. Македонските сликари, кои заминале во Париз меѓу војните, а подоцна и за да ја впијат париската атмосфера и да црпат инспирација од неа. Направивме каталог од кој најновите примероци можете да ги најдете на влезот во Галеријата.

Оваа изложба беше голем успех. Затоа решивме да продолжиме по овој пат. И така организиравме втор дел од оваа изложба, минатата година, посветен на понови македонски сликари, но сепак под влијание на школата на Париз и Франција. И еве сега третиот и последен дел од овие „Рефлексии на Париз“. Ова ново издание се фокусира на влијанието на Градот на уметностите, на главните македонски сликари кои ја анимираа уметничката сцена од 70-тите и 80-тите години како Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Ристо Калчевски, Ана Темкова и Глигор Чемерски, да ги наведеме само некои од нив.

Оваа нова изложба ни овозможува уште еднаш да го цениме ова испреплетување на нашите две култури, овие одрази на париските движења во современото македонско сликарство, преку фин избор од четириесет и пет дела на дваесет и пет уметници.

Како што знаете, оваа изложба е дел од месецот на франкофонијата. Франкофонијата е француски јазик, но е и заедница на вредности и е простор за размени и средби на култури, преку францускиот јазик, со почитување на различностите.

Овој последен дел од „Париски рефлексии“ претставува многу добар пример и многу убава почит на овие вкрстени културни влијанија и на овие вредности што ги споделуваме меѓу французите и македонците.

Госпоѓо директорка, би сакал да ви се заблагодарам, како и на сите ваши тимови, за вашата посветеност во оваа насока и да ви кажам дека со IFS, се согласуваме и сме подготвени да продолжиме да инвестираме заедно во нови области на нашите толку богати заеднички односи.

Ви посакувам, дами и господа, пријатно отворање“

Изложбата ќе биде поставена до 20 април 2024 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.