Се отвори изложбата на МСУ во Прага

5

22.03.2024

Синоќа Прага живееше во духот на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“, која се отвори во Националната галерија, пред повеќе од 1000 посетители, кои дојдоа да ги погледнат делата од уникатната колекција на МСУ – Скопје.

Помеѓу бројните посетители имаше многу интернационални уметници и куратори, културни работници, љубители на уметноста, кои работат и живеат во Прага, но и посетители кои специјално допатуваа за овој настан.

Уште еден триумф на Музејот на современата уметност, чија изложба првично беше отворена минатата година во престижниот простор Кунстхале Виена, каде за девет месеци ја видоа повеќе од 75 000 илјади посетители.

Поставката за солидарно Скопје со дела кои светски познатите уметници ги подарија на МСУ, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, каде како последица на многуте човечки загуби светот повика на солидарност, вчера во Националната галерија, темата солидарност предизвика и мирољубиви активисти, кои влегоа во галеријата на самото официјално отворање. Тие повикаа на солидарност и мир во подрачјата погодени од воените конфликти денес во светот. Фрлјаќи летоци и повикувајќи прекин на страдањата предизвикани од војните во светот се надоврзаа на солидарноста, како концепт на изложбата, што подразбира сочувство кон страдањата на другиот. Ова зборува за важноста на изложбата, нејзиниот потенцијал да се поврзува со актуелните општествени проблеми денес.

„Изложбата е збир емоции, секој дел од неа раскажува различни наративи, обединети под поимот солидарност“, беа дел од коментарите на посетителите.

Особено Македонците кои живеат во Прага и кои се нетрпение го дочекаа отворањето, реагираа емотивно, чувствувајќи се горди на Музејот на современата уметност и нашата земја, потенцирајќи дека „Ова е голем настан, кој ја потикнува меѓународната солидарност, вечерва сме горди што сме Македонци“.

Инаку, од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Na истиот концепт е заснована и оваа изложба во чешката Национална галерија и додадени се уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј.

Првично замислена и прикажана во Кунстхале Виена, минатата година, изложбата во изменета верзија е проширена со дела од колекцијата на МСУ од чехословачки уметници и од самата НГП, која му донираше на МСУ дванаесет дела од класичниот модернизам.

Солидарната колекцијa се врти околу две перспективи. Првата е фокусирана на уникатната збирката на МСУ Скопје. Втората перспектива е онаа на современите уметници, кои беа поканети од кураторскиот колектив „What, How & for Whom“, кои го креираа концептот на поставката: Сабина Саболовиќ (директорка на Кунстхале Виена), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.

Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата беше да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), за поставката во Прага се приклучува како кокуратор Радослав Ишток и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага), кои, исто така, направија избор дела од колекцијата на МСУ, кои ќе бидат поставени во корелација со нивните авторски дела.

Покрај нив поканета беше и светски познатата фотографка Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена) – позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност, напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје. Од МСУ вклучени во подготовките на изложбата се Благоја Варошанец, координатор на проектот и консултант во истражувањата, Владимир Јанчевски, консултант и автор на дел од текстовите за уметниците и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Од колекцијата на МСУ, за Прага отпатуваа дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Џаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Христо, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Џетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек Музика, Честмир Кафка, Јиржи Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Оршолија Дроздик и многу други.

Изложбата во Прага ќе биде отворена до 29 септември оваа година.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.