“Париски рефлексии” во Битола

33

Во градот на конзулите, со поддршка на Францускиот културен центар во Скопје, Француската амбасада, Француската алијанса, Почесниот конзул на Франција во Битола, е во тек изложбата „Париски рефлексии“ во организација на Националната галерија во Офицерскиот дом во Битола.
Изложбата ги претставува проткајувањата на двете култури – француската и македонската – преку ликовната уметност, претставувајќи 35 дела на десетина најзначајни македонски автори од фундусот на Националната галерија, кои во своето творештво примиле влијанија, во светски и историски рамки, од значајната Париска школа. Претставените основоположници на модерната современа македонска уметност, како и многу други национални уметности насекаде низ светот, во своите рани фази се развивале примајќи влијанија од овој светски културен центар на различни начини, меѓу другото, и преку специјализации и студиски престои на нашите уметници во изворот на многу прогресивни идеи во историјата на уметноста. Делата се создадени во периодот од 1926 година, па сè до 1969 година, период во кој, особено во првите години, биле исклучително интензивни врските со раните години на творечки развој кај авторите со влијанијата на Париската школа. Делата се избрани и според периодот на создавање, односно најголем број од нив одговараат со периодот на престој на македонските уметници во Париз или во годините непосредно по враќањето на авторите, но и дела во кои и во подоцнежните творечки фази се чувствува влијанието од оваа школа. Доминантно, овој избор првично се базира врз афинитетот кон фигурацијата и влијанијата на импресионизмот, експресионизмот, фовизмот, кубизмот, додека подоцнежните влијанија од апстракцијата, односно енформелот, надреализмот итн. ќе бидат разработени во некои следни претставувања. Фокусот на изложбата е ставен врз основоположниците на современиот македонски ликовен израз преку селективно претставување на значајните дела во сликарството и делумно скулптурата и нивното регистрирање според одредени специфични моменти од споменатите влијанија, иницирајќи простор за понатамошни попродлабочени студии.

Изложбата „Париски рефлексии“ која се отвори на 11.11.2023 опфаќа избор на дела од значајната колекција на Националната галерија од следните автори: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Вангел Коџоман, Василије Поповиќ – Цицо, Томо Владимирски, Борко Лазески, Димо Тодоровски, Димче Коцо, Борка Аврамова.
Изложбата ја отворија Сирил Баумгартнер, амбасадор на Република Франција, почесниот конзул на Република Франција, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, Тони Коњановски, градоначалник на Битола и Лили Бошевска, директор на КИЦ, Битола.
Куратор на проектот е Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос во Националната галерија.

Изложбата ќе може да се посети до 20.12.2023.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.