Ретроспектива за 2022 година на Националната галерија

44

Почитувани љубители на уметноста, уметници, културни работници, медиуми, претставници на дипломатските тела, соработници од образованието и севкупниот општествен и политички естаблишмент, дозволете најнапред да Ви се заблагодарам на сите подеднакво за целата поддршка во изминатата 2022 година. Вашето присуство и ангажман ја одбележа изминатата година за успешна година, за што сите ние во Националната галерија се залагавме и сме особено горди.

Во оваа прилика, дозволете да направам ретроспектива на настаните во 2022 г. Најнапред, Националната галерија изразува благодарност до Министерството за култура на Република Северна Македонија за поддршката на Годишната програма.

Почетокот на 2022 г. во месец март, го стартувавме со две вон програмски содржини. Прв настан беше изложбата со наслов „Процут кон женственоста“ по повод Меѓународниот ден на жената, а вториот настан беше организиран и реализиран во соработка со Францускиот институт од Скопје во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на Франкофонијата. Станува збор за изложба на македонските основоположници кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни. Насловот на изложбата беше „Париски рефлексии“. На двата настани беа претставени дела од богатата ризница на Националната галерија.

1 Личеноски Лазар, Портрет на галичанка со гулаб, околу 1963, мозаик, цементен малтер и камен.JPG 2. Владимирски Томо, Старо и ново Скопје, 1949, масло на платно.jpg

Понатака, во период од 28 март-21 април 2022 г., во објектот Чифте амам имавме особено задоволство да ги претставиме убавините на една не така далечна земја, лулка на историјата, културата и модата. Изложбата со наслов „Убавините на Италија“ изложба на фотографии од Архивот Алинари, е резултат на соработката на Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија, амбасадорот Н.Е. Андреа Силвестри и поддршка на Министерството за надворешни работи на Италија. Беа прикажани фотографии кои ги отсликуваат убавините на Италија – во сопственост на Архивот Алинари – составена од три секции: пејзажи, дела и лица; и секоја од нив обединува фотографии од крајот на деветнаесеттиот и раниот дваесетти век., своевиден времеплов низ пејзажите на Италија.

***
Алекс Мајоли, Млад лутеранец од Кремона, 2011, © Алекс Мајоли Контраст.jpg

Во април месец финиширавме со подготовка на обемен и секако најзначаен проект во 2022 г. Станува збор за нашето претставување на фестивалот во Венеција и отворањето на македонскиот павилјон кој беше поставен во Scuola dei Laneri, Santa Croce 131A. Од 23 април до 27 ноември 2022, во Венеција, Италија проектот “Landscape experience” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска ја претставуваше Република Северна Македонија на 59. Венециско биенале. Комесар на македонскиот павилјон беше д-р Дита Старова Ќерими, а кураторки се Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов. “Landscape Experience” претставува мултимедијална инсталација составена од видеопроекции, фотографии и објекти. Истиот третира повеќе проблеми и може да се чита на повеќе нивоа. Со секое следно читање се отвораат нови прашања за нас и за нашата планета. Безумието на војните и беспоштедното губење на животи. Осуда на насилството врз човекот и природата. Еколошките катастрофи кои, за разлика од војните каде што се случува моментално уништување, бавно и тивко ги уништуваат живите организми. Со задоволство можеме да констатираме дека павилјонот постигна рекордна броја на посетеност со над 50.000 посетители.

***

По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност, Националната галерија ја најави и отвори ретроспективната изложба на Димитар Кондовски на 5 мај 2022. Особена чест и задоволство беше да го претставиме неговото творештво во објектот Даут пашин амам. ДИМИТАР КОНДОВСКИ е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Неверојатниот интерес, големата посетеност и на барање на публиката, изложбата неколкукратно беше продолжувана.

***

Димитар Кондовски Dimitar Kondovski (5 мај 2022 – Даут пашин амам)
Author: Национална галерија

***

Филаделфија – Скопје, Чифте амам беше рутата на ликовниот уметник Иванчо Талевски на почетокот на јули 2022 г. На 8 јули Талевски се претстави пред публиката со самостојната изложба „ Пресек: Дама со девет камења“, мултимедијален изложбен проект кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук, го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење.

***

Уште еден млад автор кој живее на релација Милано – Тирана во август месец на агенда го имаше Чифте амам како дестинација. Станува збор за Дриант Зенели, мултимедијален уметник кој 2019 и 2011 година го претставуваше албанскиот павилјон на 58-та и 54-та меѓународна ликовна изложба – Биенале во Венеција. На нашиот програмски календар на 4 август 2022 г. започна неговото претставување пред македонската публика. Неговата „Трилогија“ постави тема како да ги поместиме границите на нашите ограничувања без да станеме суперхерои? Може ли сферата на можното да се балансира со онаа на имагинарното? Во основата на истражувањето на Зенели е редефинирање на идејата за неуспех, утопија и сон како елементи што отвораат можни алтернативи.

***

Самостојната изложба на Кирил Гегоски на почетокот на септември беше претставена повторно во галерискиот простор на Чифте амам. Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па сè до денес, се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата. Уметничкиот израз е исполиран до последниот детаљ, што може да се сфати како производ на воздржаниот, но софистициран фокус на авторот за потенцирање на суштината на нештата, беспрекорната реализација, а пред сè, извонредното чувство и познавање на својствата на материјалите што ги користи.

***

Втората половина од годината, есенската сезона секогаш изнесува сериозни настани. Портретите на Илија Аџиевски, односно „Портретот во фокус“ е изложба која го претставува богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски. На 27 октомври 2022 г во Даут пашиниот амам започна и сеуште трае тематскиот концепт што го издвоивме од творештвото на Аџиевски. Портретот отсекогаш бил многу специфичен жанр, во која било ликовна дисциплина или медиум. Тој не подразбира само добра занаетска подготвеност и фотографско, т. е. реалистичко празно пренесување, туку значи умеење да се проникне во тајните и суштината на портретираната личност, да се одгатнат нејзините тајни, вистини, внатрешни убавини, креативност, дух, суровост, мекост итн. Неговата намера била да ги пренесе најспецифичните особини на личноста која ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност. Поставка особена според концепт и поставеност за што се произнесе и културната критика, а го потврдува публиката која секојдневно ги „билда“ бројките на посетеност.

***

Појдовен момент за организирање на изложба која има ретроспективен предзнак и е посветена на Теофил Шулајковски – Тофе, наш еминентен ликовен автор, е фактот што тој е еден од ретките македонски уметници кои до сега немале ваков вид на интегрално претставување. Со цела почит кон творештвото на Шулајковски на 15 ноември 2022 г. ја отворивме ретроспективната изложба во Чифте амам. На оваа изложба беа презентирани над 150 дела на македонскиот бард на акварелот, претставени беа најрепрезентативните дела од сите творечки фази, од најраните акварели, па се до последниот, до сега неизложен и необјавен. Во историјата на македонската современа уметност, Теофил Шулајковски – Тофе претставува една од највлијателните фигури заслужни за заживување и негување на акварелот како техника. Шулајковски во своите дела често сликал мотиви од Охрид, а меѓу неговите најпознати слики посветени на Охрид се дела насликани во 50-те години, „Перивлепта“, „Охридски куќи“ и „Мотиви од Охридското Езеро“…

***

Ваквиот тип на ретроспективни изложби се само основни поводи преку кои Националната галерија, како институција која над седум децении се грижи за чување и заштита на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување и едукација за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од македонската уметност.

16 декември беше термин предвиден за официјалното претставување на уметничката група XXL од Република Бугарија. Како дел од Годишната програма, проектот е поддржан од Министерството за култура а во соработка со Културно информативниот центар на Р. Бугарија во Скопје, Државниот институт за култура при Министерството за надворешни работи на Република Бугарија. По децениско меѓусебно непознавање (или делумно познавање) на тековните процеси во уметноста на двете земји, оваа изложба ја гледаме како уште еден чекор кон трајна соработка во областа на културата.

***

Особено задоволство е да се биде организатор и домаќин на проект во кој се сублимирани години работа, истражување и личен развој на полето на ликовниот израз. Станува збор за „Ретроспективна изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири. Изложбата ќе биде поставена во објектот Чифте амам а отворањето се случи на 22 декември 2022. Следејќи ја сопствената развојна ликовна насока, Нехат Беќири се вбројува во најактивните и најдоследните уметници кај нас. Основите на неговиот творечки развој од почетокот се согледуваат во определбата кон неограничените експресивни можности што ги нуди апстрактното сликарство, во кое доминираат бојата и потегот како базични и нераздвојни ентитети. И токму оваа генеричка синергија кај него секогаш резултира со различни и возбудливи дела, кои за првпат во интегрална форма од сите творечки фази, се претставуваат во Националната галерија.

***

Во доменот на вонпрограмските активности, несебично даваме поддршка во афирмација на уметноста надвор од програмата, поддршка на организации, друштва, здруженија и млади уметници. Располагаме со три галериски капацитети кои практично се најкумулативни а од друга страна генератор на дополнителни обврски и трошоци кои треба да се исполнат (во време на економска криза), како од економскиот аспект така и во сегментот на ангажирање на сопстевните човечки и технички ресурси кои имаат одреден капацитет. Излегуваме во пресрет на многу барања. Во рамките на можностите се трудиме максимално да одговориме на барањата, меѓутоа, за жал, незадоволство за нечии нереализирани цели се дел од секојдневието.

Од вонпрограмските настани да го споменам 19. Издание на „Зимски Салон“, традиционално во Националната галерија на самиот почеток од календарската година, на 9 февруари 2022 г. во Чифте амам, во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

***

Меѓународната соработка во јуни месец, во Мала станица, ја донесе патувачката изложба на Културниот центар Габ Титуи од Австралија, со поддршка на Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, Националниот музеј на Австралија и Амбасадата на Австралија во Белград насловена „Еволуција: маските од теснецот Торес“. Станува збор за документаристичка изложба на фотографии и описи.

***

По подолго боледување во април 2022 г. почина почитуваниот и ценет сликар Омер Калеши. Во негова чест организиравме омаж и изложбата на 16ти јуни 2022, во соработка со Универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје и членови од семејството на Омер Калеши.

***

На 23 јуни 2022 г во просториите на Чифте амам во организација на Нансен Дијалог Центар Скопје се промовираше мултијазичната платформа Fraza.mk, во соработка со канцеларијата на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ. Платформата претставува четиријазичен разговорник, која овозможува лесно, аудио-визуелно и интерактивно запознавање со македонски, албански, турски и српски јазик. Настанот се одржа во присуство на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, г-дин К. Абдракхманов и заменик на шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-дин Џ. Голдстајн.

На 3 октомври 2022 г. беше отворена јубилејната изложба со наслов „САВА ШУМАНОВИЌ и европскиот реализам меѓу двете светски војни“ во Европската престолнина на културата за 2022, Нови Сад, Србија. Едно од најубавите ремек дела од нашата Југословенска збирка е сликата со наслов „Турска бања“ на Сава Шумановиќ создадена во далечната 1926 година. Таа беше наш претставник во Нови Сад и дел од јубилејната поставка. Делото „Турска бања“ на Сава Шумановиќ е антологиско, спаѓа во категоријата културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење и ваквата институционална соработка меѓу неколку врвни институции од регионов е од особено значење не само во смисла на презентација на значајни автори кои извршиле влијание врз уметноста на овие простори, туку и како можност за понатамошно продлабочување и размена на дела и знаење.

***

Во пријателска соработка меѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, за првпат имавме чест и радост да ја претставиме Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници од регионов со огромен број меѓународни референци. Изложбата беше насловена „Доаѓаме со поклон“. Националната галерија како промотор на современиот концепт на отворени јавни институции даде можност на претставување на Шејла Камериќ, привилегија да се чуе и види за мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Изложбата беше реализирана на крајот од септември 2022 г.

***

Како домаќин на активностите по повод третиот роденден на Europe House Skopje под мотото „THINK FORWARD – ЗАТОА ШТО КУЛТУРАТА Е ВАЖНА“, Омаж на културното наследство на Лазар Личеноски, бевме особено почестени со изборот и идејата за промоција на културното наследство. Бидејќи темата на Европската Унија за 2023 е „Европска година на вештини“, изборот на Личеноски како автор и мозаикот „Апотеоза на трудот“, претставуваат глорификација на трудот (професиите), вештините. Намерата на Европската делегација, со особено залагање на амбасадорот Дејвид Гир, е да даде поддршка во напорите за валоризација и реконструкција на ова особено културно наследство, Спомен куќата на Лазар Личеноски.

***

И за крај, како резиме на годината која заминува, ви упатувам порака: да ги славиме успесите и убавите работи, помалку убавите да бидат лекција за во иднина. На сите ви посакувам добро здравје, успех во Новата 2023 г. Воедно ветувам дека нема да ги изневериме вашите очекувања за наредната 2023 во која ќе славиме јубилеј, 75 години постоење на Националната галерија.

Среќни празници!
д-р Дита Старова Ќерими,
Директор на Националната галерија на Република Северна Македонија

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.