Фановите со забава ја испраќаат Андреа на Евровизија

71

Во организација на евровизискиот фан клуб ОГАЕ Македонија, утревечер со почеток во 21:00 традиционално ќе се одржи Евровизиска забава за испраќање на македонската делегација и евровизиската претставничка Андреа во Торино , најави скопскиот “Нано бар” на својата фејсбук страница.

На забавата во пресрет на евровизискиот натпревар, посетителите ќе уживаат во најголемите евровизиски хитови, победничките песни од изминатите години, како и песните на досегашните македонски претставници. Настанот ќе се одржи во Нано Бар во Дебар Маало, а влезот за сите евровизиски фанови е бесплатен, објаснуваат понатаму.

Андреа Коевска со екипата во Торино заминува на втори Мај. На 12 мај, на втората полуфинална вечер ќе ја пее песната Circles, на која автор е Александар Масевски, а текстот го напишаа заеднички. Во придружни вокали се Рената Кралевска и Ана Петановска. Екипата ќе отпатува под водство на шефицата на делегација Мери Попова, уредничка во МРТВ.
Во изминативе месеци Андреа беше и на промотивната турнеја низ Европа-пееше во Лондон, во Тел Авив, но и низ регионов, во Романија и Црна Гора.

66. Евровизија се одржува во ПалаОлимпико во Торино, на 10 и 12 мај полуфиналните вечери, и финалето на 14 мај. Во полуфиналињата ќе пеат 35 земји, а на оние (20) кои ќе влезат во финале ќе им се придружат и земјите од “големата петорка” Велика Британија, Германија, Шпанија, Франција и Италија. Италија, по случаен избор, ќе настапи деветта во финалето. Таа е земја добитник благодарение на минатогодишната силна победа на римјаните “Манескин” со песната “Zitti e buoni”, кои потоа станаа и планетарни рок ѕвезди, со настапи на големи светски фестивали и концерти.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.