Охридско лето вечерва со акорди од гитарата на Елена Папандреу

932
DCIM100MEDIADJI_0989.JPG

Гитаристката Елена Папандреу од Грција, вечерва ќе одржи целовечерен концерт во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ во црквата Света Софија со почеток во 21 часот.

Папандреу која американскиот дневен весник Вашингтон пост ќе ја нарече „поетеса на гитарата“ е родена во Атина во 1966 година. Студира гитара под менторство на Евангелос Будонис и Оскар Гилиа. Исто така, работи со Гордон Кроски на Кралскиот северен колеџ за музика во Англија стипендирана од Британскиот совет. Посетува мајсторски курсеви предводени од Алирио Дијаз, Џулијан Брим, Лео  Брауер и Руџеро Кјеса. Победничка е на три меѓународни натпревари: „Марија Калас“ (Грција,1984), „Гарњано“ (Италија, 1985) и „Алесандрија“ (Италија, 1985), а носителка е на втора награда и наградата „Наксос“ на натпреварот на Фондацијата на гитаристи на Америка во 1995 година. Во моментов соработува со шведската издавачка куќа БИС, а во 1992 година и е доделено признанието „Спирос Мотсенигос“ од страна на Академијата во Атина, значајна награда која се доделува секои две години на исклучителни музичари.

Папандреу настапува во повеќе од 40 земји во Европа, Северна и Јужна Америка, а како една од уметниците на програмата „Нови ѕвезди“ на Асоцијацијата на концертни сали на Европа добива можност да настапува и во најпрестижните концертни сали во Европа: „Музикферајн“ во Виена, Филхармонијата во Келн, „Симфони хол“ во Бирмингем и концерната сала во Атина. Настапува и во концертната сала „Чајковски“ во Москва и салата „Кралица Елизабета“ во Лондон. Во 1998 година дебитира во „Карнеги хол“ во Њујорк. Соработува со признати музичари меѓу кои гитаристите: Оскар Гилиа, Алирио Дијаз, Роланд Дајенс, Никита Кошкин, Евангелос Будунис, виолинистот Леонидас Кавакос и виолончелистот Леонид Горохов. Папандреу настапува и како солист со оркестри во Грција, Италија, Романија, Турција, Мексико и Сингапур. Меѓу композиторите кои ѝ посветуваат дела се: Роланд Дајенс, Никита Кошкин, Никос Мамангакис, Гиоргос Кумендакис и Евангелос Будунис, а во моментов е професор на универзитетот во Солун, Грција.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.