Славната Баиба Скриде солист со Филхармонија на концертот „Нов свет“

1063

Во среда, на 8 мај со почеток во 20 часот, Филхармонијата ќе го реализира симфонискиот концерт „Нов свет“, на кој како солист ќе настапи врвната виолинистка од Латвија, Баиба Скриде.

Виртуозноста, музикалноста, искрениот пристап кон делата што ги изведува и силната љубов што ја исполува кон нив ќе ја одведат виолинистката Баиба Скриде на сцените низ светот да настапува со едни од најзначајните оркестри и диригенти денес.

Диригент на концертот е маестро Јерухам Шаровски од Израел, а оваа вечер ќе биде изведена и една од најдобрите симфонии на сите времиња, Симфонија бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак.

Баиба Скриде постојано добива покани за настапи како солист, а критиката за неа вели дека нејзините толкувања на музиката се свежи, современи, а нејзините изведби мошне чувствителни, во кои внесува радост. Скриде настапува со Берлинската филхармонија, со оркестрите на Лајпциг, Бостон и Чикаго, со Њујоршката филхармонија, со Концертгебау оркестарот, со Оркестарот на Париз, Лондонскиот симфониски оркестар, Шангај симфонискиот оркестар, Филармонискиот оркестар на Хонг Конг… со диригенти како што се Марин Алсоп, Кристоф Ешенбах, Ед Гарднер, Сузана Mалки, Андрис Нелсонс, Василиј Петренко, Туган Сохиев, Симон Јанг… 

Во 2018 година таа се врати да настапува со Симфонискиот оркестар на ХНК од Токио, со Јука-Пека Сарасте и на Танглевуд музичкиот фестивал настапувајќи со Симфонискиот оркестар на Бостон и Андрис Нелсонс, пред стартот на 2018/2019 концертната сезона, во која се вклучени настапи со Би-би-си промс (турнеја), Филхармонијата Елб во Хамбург, „Музиквереин“ во Виена, Филхармонијата на Минхен, „Концертгебау“ во Амстердам, со оркестрите на Хјустон, Торонто… Баиба Скриде е реномирана и како камерен музичар на светско ниво, а зад себе има и богата дискографија. Родена е во музичко семејство во Рига, каде што и ги започнала студиите. Во 2001 година ја освои првата награда на натпреварот „Кралица Елизабета“.  Свири на виолина „страдивари“ која ѝ ја позајмува семејството преку Меѓународното друштво за виолина „Беар“.

За македонската публика, таа ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во a-moll, оп. 77 од Дмитриј Шостакович, кој рускиот композитор го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.