Со роденденска торта и концерт на тандемот Стефановски-Тадиќ, одбележано 59-то издание на Охридско лето

758

Со торта и роденденската „Happy birthday“ заедно со бројните љубители на уметноста, пријатели на Фестивалот и врвните гитаристи Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ,   „Охридско лето“  вчеравечер во прекрасна атмосфера во елитниот хотел „ Лаки“ го прослави својот 58-ми роденден, а 59-то издание.

Фестивалот „Охридско лето “официјално својот почеток го бележи со концерт одржан на 4 август во далечната 1961 година, со настапот на оперската певица Ана Липша Тофовиќ. Од година во година „Охридско лето“се развива по нагорна линија, прераснувајќи во манифестација која претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал. „Охридско лето“ се одржува секоја година од 12 јули до 20 август. Од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите.

Вчеравечер, пред преполн Антички театар, во магична атмосфера, големите виртуози на гитара Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ приредија  прекрасен  концерт за 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Публиката што ја имаше од сите генерации, уживаше во беспрекорната изведба на двајцата уметници со светско реноме, а  пеејќи ги песните што се изведуваа, ги наградуваше Стефановски и Тадиќ и со бурни аплаузи. Посетителите на Античкиот театар  уживаа во извонредните интерпретации на  Македонско девојче, Касапско оро, Ајде дали знаеш дали паметиш Милице, Бог да ги бие Дебрани, Јовано Јованке, и многу други по кои Влатко ќе остане запаметен како одличен изведувач.

Посакувајќи му на фестивалот уште многу години успешна работа, Влатко Стефановски кој растел следејќи го, а потоа и учествувајќи како уметник на фестивалот, рече дека „Охридско лето“  е фестивал којшто треба да биде пример за сите останати фестивали.

-Огромна е честа да се биде дел од одбележувањето 59 изданија, од еден голем фестивал како што е „Охридско лето“ којможе да биде ментор и учител на многу други фестивали во регионот и во светот. Тоа што настапувам во Охрид е секогаш одново и одново и предизвик, и задоволство, и привилегија, рече Стефановски.

Фестивалот „Охридско лето“, претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Република Македонија, и затоа приклучувањето на Влатко Стефановски кон пораката, на речиси сите македонски изведувачи и автори: Да го чуваме Охридското езеро зошто без него ќе нема ни Охридско лето… а ние додаваме ни Охрид нема да го има својот сјај и магичност, претставува апел на уметноста и културата кон природната убавина која итоа како вреди да се сочува.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.