На 19 декември, на Свети Никола, секоја година, маестро Јанко Узунов во “Даре Џамбаз” ги одржуваше своите годишни концерти со децата од Музичкото училиште “Узун”. На концертите последните години како гостин настапуваше пејачот Горан Симевски.
Во чест на легендата, но и во чест на сеќавањата на Денот на незаборавните концерти, кои изобилуваа со музика и топлина, денеска Симевски објави дека ја препеа познатата песна “Замина ти душо”, која своевремено на српски јазик а во авторство на Јанко Узунов, ја испеала српска пејачка ѕвезда Гордана Адамов Лана.
“Отишо си душо” е оригиналниот наслов. Симевски добил дозвола од сопругата на Јанко, познатата пејачка Жаклина Узунова.
Сега е препеана на македонски јазик, со мали корекции направени од Мендо Ташкоски, кој го направи и новиот аранжман, снимано е во неговото студио во Прилеп.
-Мотив ми беше да ја преработам и донесам оваа прекрасна мелодија со македонски зборови, затоа што е маестрална. Снимана е во Прилеп во студиото на Мендо Ташкоски. Инаку, јас уште како средношколец го обожавав Јанко и неговата музика, ги имав касетите и плочите од Јанко и група “Узун”, издадени за “Југодиск” во бивша Југославија. Благодарение на неговата сопруга Жаклина (беровчанка, а и јас сум беровчанец во Скопје), која знаеше дека посебно го обожавам и имам желба да го запознам, го запознав, иако мислев дека е ѕвезда и нема шанси. Но, желбата ми се исполни, се запознавме и бев чест гостин во нивниот дом во Радишани, па дружбата продолжи во студиото, со соработка. Првата снимена песна пред 12 години ми е потпишана токму од легендата Јанко, песната е новокомпонирана народна, а се вика “Ќе те земам бегалка”. Потоа имав настап на “Филиграни” со негова песна “Мојто срце тагува”, но и со песна со нов аранжман, изведена на “Камбера 91” “Туѓината нас не зеде”. Пријателството ни продолжи и станавме многу блиски, како семејство, ги имам сите негови песни, соло, дуети сѐ што е можно од овој прекрасен дует Жаклина и Јанко, вели Горан.
За маестро Узунов може повеќе да прочитате на следниов линк.