Mалина – црвено богатство на летната градина

1685

Mалина – црвено богатство на летната градина

Нежните плодови, со неповторлива арома и вкус се причините заради кои малината е многу ценето овошје во светот а Македонија е земја во која оваа билка одлично успева. Иако најчесто се одгледува во професионално производство сепак ова растение коe е дар од боговите одлично успева и во градините.
Ова повеќегодишно џбунесто растение припаѓа на фамилијата ружи. Заедно со капината го сочинуваат родот Rubus. Постојат многу видови на малини но кога збориме за ова овошје мислиме на култивирани и хибридни врсти Rubus idaeus – европски црвени малини и Rubus strigosus – амерички црвени малини. Најдобро успеваат на надморска висина од 400 до 800 метри, најмногу им одговара сончева позиција и најважно е да им се погоди земјата во која растат. Од друга страна пак многу се отпорни на мразеви и ниски температури. Постојат многу популарни сорти, кои се разликуваат според времето кога плодот созрева, па најчесто тоа е и начинот на кој се одбираат за садење. На основа на ова можеме да ги поделиме на летни и есенски. Ако направите правилен избор на сорти за вашата градина, во ова прекрасно овошје ќе можете да уживате од јуни до октомври.
Според развојниот циклус и времето на берење, малините се делат на летни и есенски или еднородни и двородни. Еднородните малини имаат двогодишен развоен циклус, а плодови даваат само на гранките кои се развиле првата година. Пупките се појавуваат во есен а почнуваат да се отвараат во мај додека плодовите созреваат во јуни или јули. Гранките кои родиле плодови после тоа се сушат а од коренот се создаваат нови гранки на кои ќе има плодови следната година. Овие сорти се викаат еднородни или летни, бидејќи раѓаат само еднаш во текот на годината и тоа на почеток на летото.
 Двородните или есенски малини имаат побрз развој и плодови даваат уште првата година. Цветови се формираат на третина од младите гранки кои се на врвот на растението, а плодовите созреваат од август до октомври. Во доцна есен гранките кои давале плодови се сушат додека долниот дел на растението останува витален. Наредната година оваа врста на малини ќе даваат плодови од рано лето до есен и затоа се почесто се садат во нашите градини.
Освен најпопуларните црвени, постојати видови кои даваат плодови во жолта и црна боја. Исто така постои и хибриден вид малини, спој на црвената и црната, кои даваат пурпурни плодови. Разликата во овие видови е само бојата додека вкусот и потребите кои ги има растението се слични за сите. Разнобојните врсти малини не се толку популарни бидејќи најчесто се одгледуваат само во градините, додека за масовно производство се користи само црвената малина.

Еднородни сорти

Malahat
• гранки со многу малку трња
• силни млади гранки
• отпорни на болести

• рано созреваат (јуни-јули)
• кратка берба
• плодови со средна големини, темноцрвени

Meeker
• силен раст
• гранки прекриени со трња
• отпорна на болести на коренот

• релативно рано зреење (крај на јуни почеток на јули)
• темноцрвени плодови со одличен квалитет

Willamette
• отпорна на болести и мраз
• толерантна на вируси
• се препорачува за органско производство

• средно рано созревање ( јуни/јули)
• одличен вкус, посебно свежи плодови
• поволна за преработка

Двородни сорти

Autumn first
• отпорна на гниење на коренот
• расте право
• унапредена варијанта на видот Autumn Bliss

• време созревање – рано (дава плодови до крајот на септември)
• изразито црвени
• цврсти, одлични за преработка

Himbo-top
• малку трња
• долги гранки
• отпорна на гниење на коренот
• одговара за садење во пластеници

• рано созреваат и има плодови до средина на октомври
• висок процент на шеќер

Polka
• трновити гранки со средна должина
• многу отпорна на на болести

• рано време на зреење, дава плодови до октомври
• плодови со средна големина
• едни од највкусните

Малината е осетлива на габични заболувања. Најдеструктивна врста на габи, кои ја напаѓаат малината е пламеницата, која во производството на малини може да нанесе големи штети. Овој паразит го напаѓа коренот кој му нуди совршени услови на влага и топлина за развој на истиот. Како резултат на тоа, билките почнуваат да се сушат и многу брзо се распространува од една на друга билка. Заразените билки не може да се излечат туку мора целосно да се извадат од земјата и нови здрави садници да се насадат во чисто тло на друга позиција, во добро дренирана растресита земја.

Идеално место за садење
На малината и одговара сончева и отворена позиција, за да може ветерот непречено да дува и да ја прочистува билката како и да може полесно да се суши после дожд. Ова е многу важно бидејќи малините се осетливи на премногу влага заради која може коренот многу лесно да изгние. Во градините најчесто се сади покрај ограда за да формира жива ограда која за да ги задоволи потребите на едно домаќинство потребно е да биде со должина од неколку метри.

Најважна е добрата земја
Иако генерално малината е навистина отпорно растение, таа има високи барања кога станува збор за земјата во која се сади. Коренот кој е склон кон гниење е нејзиниот најосетлив дел на кој може да му наштети и краткотрајно задржување на вода. Затоа е важно земјата во која се сади растението на малината да биде во растресита, пропустлива и богата со хумус земја со чие додавање се подобруваат условите во случај земјата да содржи многу глина. Истото може да се постигне и со додавање на зрел компост (20-40л на еден метар должен). Коренот на малината се развива до 1 метар во длабочина со главни коренови жили помеѓу 15 – 40см, затоа треба да се внимава местото на садење да не биде во близина каде има подземни води поплитки од 1 метар. Новите садници не треба да се садат на место каде предходно се саделе малини, капини или други сродни врсти.
Веднаш после бербата на еднородните малини, гранките кои веќе почнале да стануваат дрвенести треба да се исечат на неколку сентиметри над земјата. Исто така, младите гранки кои цветаат и ќе даваат плод наредната година, ако се предолги треба да се зацврстат за потпора а може и малку да се скратат.

И сонце и мраз
Во текот на зимскиот период малината е во фаза на мирување и е многу отпорна на ниските температури и мраз. Ниските температури и се неопходни за длабок зимски одмор кој и дава сила во периодот на раст и развој. Гранките замрзнуваат на температура меѓу -18 до – 26 степени а кореновиот систем меѓу – 12 и – 14 степени. Не треба да се грижите ни околу пролетните мразеви бидејќи ова е билка која доцна цвета, но во времето на цветање има потреба од многу сонце. Иако некои видови добро успеваат и во полусенка, малините кои растат на сончево место даваат поголем број на плодови кои се послатки. Сончевата позиција е посебно важна за летни сорти, за што порано да се развијат цветови.

Кога и како да се насади
Кога ќе одберете погодно место и добро сте ја подготвиле земјата останува уште да ги насадите садниците. Се садат во пролет или есен, од зрели садници и во јуни од зелени. Важно е да одберете садници со добро развиен коренов систем. Есенското садење е подобро затоа што садницата ќе има доволно време да се закорени убаво. Помеѓу садниците доволно е да се остават 40 см. Пожелно е да се стават потпори за малината да може убаво да расте, а младите билки треба редовно да се наводнуваат, посебно кога времето е топло и суво.
Нега на садниците на малините подразбира одржување на земјата, редовно отстранување на дивите треви и додавање на ѓубриво. Прихраната се одвива на пролет и на есен, а можете да користите квалитетно органско ѓубриво наменето за зрнесто овошје или минерално ѓубриво без хлорид. Сепак и едниот и другиот вид на ѓубриво треба да се додава само површински заради осетливиот корен на малината. Освен овој начин на ѓубрење, заради големата лисна маса може да се употребува и фолиарно ѓубрење, прскање на листовите со раствор од ѓубриво.

Малина во саксија
Иако звучи чудно малината без проблем може да се сади во саксија, дава преубави плодови и е полесна за одгледување заради изолираноста на коренот во саксијата кој на овој начин е многу позаштитен од габични заболувања, а има и добро проветрување на стеблото. Доколку ја насадите во саксија, секоја година треба да се пресадува во малку поголема за успешно растење. Освен што ќе дава убави плодови, малината би била преубав украс за вашата тераса.

Нутриционистички совет
Летото треба максимално да се искористи за уживање во вкусот на свежи малини, бидејќи ова овошје е богато со состојќи кои благотворно делуваат на организмот. Еден од најважните состојки се антоцијани, соединенија кои што освен што се заслужни за црвената боја на малините имаат и антиоксидативно и против воспалително дејство. Содржи голема количина билни влакна, кои помагаат во работата на цревата, го регулираат шеќерот и холестеролот во крвта. Богата е со витамин А, Ц и Б, додека останатите витамини ги содржи во мали количини.

Рецепти


Куглоф со малини и лимон

Во голем сад промешајте ги сувите состојќи:
– 3 чаши брашно
– ¾ лажичка сода бикарбона
– лажичка прашак за пециво– прстофат сол
Во друг сад промешајте:
– 1 ½ чаша шеќер
– 1 чаша масло (најдобро би било растопено кокосово)
– 1 чаша павлака
– три поголеми јајца
– 1 лажичка екстракт од ванила
– 2 лажици сок од лимон
– 1 ½ лажица рендана кора од лимон
Овие состојќи добро измешајте ги и смесата потоа префрлете ја во садот со сувите состојки. Мешајте додека не се создаде хомогена смеса ( треба да биде прилично густа). Додадете ги малините, околу 350 грама, измешајте и префрлете ја смесата во калап за куглов кој сте го намастиле со масло за готвење.
Печете го колачот 15 минути во загреана рерна на 180 степени. Кога кугловиот ќе се олади извадете го од калапот и декорирајте според ваша желба. Послужете со кафе или чај и уживајте во овој прекрасен десерт.

Сорбе од малини

Изблендирајте 5 шолји малини и една шолја вода, добиената смеса процедете ја низ мрежеста цедилка за да ги извадите семките. Во процедената смеса додајте 1 ½ чаша шеќер, лажичка екстракт од ванила и една или две лажички сок од лимон. Мешајте додека смесата да се соедини и потоа ставете ја во замрзнувач. Времето на ладење зависи дали сакате да послужите кремаст десерт или цврсто сорбе, како и да е сигурни сме дека ќе уживате.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.