Богата културно-уметничка програма во 2021 година

38

И покрај присуството на пандемијата од КОВИД-19, гевгеличани не го почувствуваа отсуството на културните настани во своето секојдневие. Имено, културните институции не беа спречени, напротив мотивирани во 2021 година, во Гевгелија, да не згасне богатиот културен живот. 2021 година и по нејзиното
заминување ќе остане запаметена по реализацијата на богатата културно-уметничка програма преку проектите на локалните институции и самостојните уметници. Во работниот културен календар Гевгелија запиша манифестации, значајни за градот, а на задоволство на публиката.
Во кратката рестроспекција низ изминатото дванаесетмесечје, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија
реализираше повеќе културни настани од областа на театарот, ликовната уметност, музиката и сл. Не згаснаа проектите од
сопствената продукција. Урнебесната комедија „Умри машки“, во режија на Катица Џишева Дупарова, во пандемиски услови доживеа 4 изведби.
Во организација на Домот, гостуваа и театри од државата. Гевгеличани имаа можност да ги проследат претставите со гостувањата на театрите, како за возрасни, така и за деца, „Ноќите во бел сатен“, „Кротка“ и „Куферко, светскиот
патник од Македонија“.
За првпат, беше организиран и „Романтичен пикник“ на Градскиот парк кај Железничка станица со музичкиот перформанс на дуото Александар и Атанас Стојанови. Во соработка со ООМУ
„Васо Карајанов“- Гевгелија, беа одржани концерти на класична музика. Гостуваа музичките уметници: дуото „Скупи“, „Пијано Трио“, Арда Мустафаоглу, Александра Кировска, дуото „Кировски“ и сл.
Достојно беше одбележан и Патронот на градот- Св. Спас, со културни активности одбележани Светската недела на детето, 8 Март со „За тебе љубов моја“ и сл. Како и многубројните изложби и концерти од областа на фолклорот.
Ликовната работилница при Пионерскиот дом, под раководство на Мирјана Крстева Массетти, продолжи со неуморното творештво на ликовни дела, на талентираните гевгеличани. Беше отворена „Новогодишната изложба“, на која беа претставени дела на 24 потенцијални ликовни уметници.
Во организација на Пионерскиот дом, во Гевгелија беше отворена изложбата „Црногорско кирилско печатарство 15 и 16 век“, на Матица Црногорска. Исто така, реализирана и Самостојната изложба на склуптури од гевгелискиот ликовен уметник Александар Јанев, Изложба на фотографии „Ноќ во Гевгелија“ од
Димитар Новаков, организирана „Тридневна работилница за фотографија“ која на крајот резултираше со изложба на фотографии од учесниците на работилницата, како и одржувањето на традиционалниот „Фолкорен ѓердан“.
Библиотеката „Гоце Делчев“- Гевгелија продолжи со издавачката дејност. Излегоа од печат 8 издание на антологиската поетска збирка „Метрички карван“, во која се застапени творби на
25 поети и поетеси од Гевгелија и Охрид, научниот труд „Дијабетес мелитус како јавен здравствен проблем во општина
Гевгелија“ во авторство на д-р Андон Мандиќ и д-р Златко Трајков
и „Село Смоквица- минато и сегашност“ од роднокрајниот автор Ристо Стамков. Патрониот празник на Библиотеката беше одбележан со поставена изложба на дела од академскиот сликар Миле Ничевски, како и проекција на поетско читање од роднокрајни автори. Додека, ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија го одбележа 100-годишниот јубилеј од раѓањето на Васо Карајанов со богата концертна програма. Во соработка со ЗГ „Музички моменти“ не ги скрати љубителите на класична музика од концертите на домашни истакнати музичари.
Годинава, беа реализирани и традиционалните манифестации во Гевгелија. На 15 по ред „Смоквијада 2021“, во организација на Здружението на граѓани „Тера“, поради пандемските услови, пријавените 10 екипи составени од по 2 учесника го вареа слаткото од смокви во домашни услови, во своите домови. 13-тото издание на Регионалниот „БОШ Фестивал“, поради КОВИД-пандемијата и насоките на Министерството за култура за неговото одржување, активностите од дводневната програма се реализираа без публика. Во рамки на програмата, се
одржаа 5 изложби, 2 концерти, 2 диџеј сета, селекција на кратки филмови од македонски автори, селекција на анимации од Флипбоок Филм Фестивал, видео инсталации, како и промоција на
мурал на авторката Мирјана Массети, насликан на ракометното игралиште во Гевгелија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.