Првата детска амбасада во светот “Меѓаши” ја започнува кампањата против врсничко насилство „Следна станица“

10

Скопје, Март, 2024 година 

Првата детска амбасада во светот Меѓаши, во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ ја започнува тригодишната кампања „Следна станица“, која има за цел да го поттикне практикувањето на позитивните вредности кај младите и со тоа да ја превенира појавата на насилство во училиштата.

Кампањата се спроведува со финансиска поддршка од Детската фондација ,,Песталоци“, во партнерство со Коалиција на младински организации- СЕГА, Лабораторија за социјални иновации- Смарт АП и Македонски центар за граѓанско образование- МЦГО. Изработените видео матeријали, постери и постови на креативен начин ќе им ги претстават на учениците сите позитивни работи кои ги овозможува пријателството и ќе им ја укаже важноста од меѓусебното прифаќање, разбирање и почит.

Во рамки на кампањата ќе бидат спроведени низа активности кои во континуитет ќе вклучуваат ученици од неколку основни и средни училишта. Главни канали на комуникација ќе бидат социјалните медиуми Инстаграм, Фејсбук, Тик Ток и Јутјуб, со цел да се допре до учениците од основните и средните училишта. Традиционалните медиуми ќе се користат за да биде информирана и пошироката јавност.

„Преку кампањата „Следна станица“ сакаме да го објасниме нашето патување кон безбедна училишна средина и на тој начин да ги презентираме позитивните вредности најмногу насочени кон учениците. Како и сѐ во животот така и конфликтите имаат некаков пат, насока поради која истите се продлабочуваат или прекинуваат. Ние ги презентираме можностите за секој еден млад човек, ученик, дека крајната дестинација може да биде онаква како што посакува. Не секогаш сѐ зависи од нас но преку нашите постапки даваме пример на другите и со тоа влијаеме кон резултатот. Дополнително сакаме да ги разбудиме заспаните набљудувачи, да ги освестиме среќните сеирџии, да ги охрабриме уплашените пријатели и другари и сето тоа да го направиме ненасилно меѓутоа активно, смислено со цел и секако заеднички“, Жарко Змијанац, проектен менаџер, ПДАС Меѓаши.

Тој посочи дека кампањата „Следна станица“ ќе содржи многу подстаници како: станица разбирање, станица почит, станица храброст, станица поддршка, станица љубов, станица пријателство и многу други, додавајќи дека преку симболичната презентација на секоја од станиците, со карактеристичните позитивни вредности наброени претходно, ќе се даде правец кон безбедната училишна средина.

„Секој ученик следејќи и негувајќи ги позитивните вредности односно „патувајќи“ низ нашите станици дава придонес кон креирањето на една таква безбедна средина. Морам да напоменам дека главните креатори на кампањата се самите ученици и тоа од повеќе градови и училишта од Македонија, кои заеднички на тродневна работилница ги утврдија главните вредности „станици“ и го снимија и почетниот видео материјал со кој започнува кампањата“, посочи Змијанац.

Преку времето кое го поминавме со учениците заклучивме дека не само што младите можат сами да се изборат за својата безбедна училишна средина туку можат и на возрасните да им покажат како треба да постапуваат.

Засега е предвидено кампањата главно да е насочена кон јакнење на свеста кај младите за превенција на меѓуврсничкото насилство, но бидејќи ќе трае во период од скоро три години сигурно ќе бидат опфатени и други блиски теми, наведе Жарко Змијанац.

Комуникациската асистентка Делфина Саздовска потенцираше дека главната цел на оваа кампања е промената која може да се постигне со само една одлука која носи кон позитивно однесување на учениците во насилството.

„Кампањата не се однесува само на содржината, станува збор за поврзување со децата, децата кои се жртви, децата кои се насилници, па и оние кои се пасивни учесници. Веруваме дека секој ученик има право да учи и да расте во средина без малтретирање, злоупотреба и дискриминација. Со поттикнување на чувството за заедница, емпатија и разбирање, имаме за цел да создадеме позитивен ефект што ја надминува дигиталната област и продира во училишната клупа“, посочи Саздовска.

Таа ги повика учениците од сите основни и средни училишта во земјава колку што е можно поактивно да се вклучат во кампањата и да дадат свој личен придонес во креирањето на безбедна училишна средина.

Слоганот на кампањата „Следна станица“ носи силна порака дека треба да се премине од моментната состојба кон нешто ново, односно кон нова средина во која сите ученици ќе бидат среќни, ќе другаруваат и ќе се чувствуваат безбедни.

Youtube ЛИНК Instagram линк FB линк

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.