Отворена сензорна соба во ООУ „Круме Кепески“– Скопје

101

Скопје, 02.02.2023 – Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ денес отвара уште една сензорна соба во ООУ „Круме Кепески“ – Скопје опремена со рехабилитациско-рекреациска опрема и мноштво дидактички материјали и сензорни елементи. Проектот е финансиран од Европската Унија и го спроведуваат Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, заедно со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука.

„Денес сме во ООУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода, каде уште еднаш, со проект потврдуваме дека инклузијата на лицата со попреченост високо котира на листата на приоритетите за делување на Општина Кисела Вода. Годината ја започнавме со отворање на првата инклузивна градинка во Скопје, лоцирана во Усје, мината година отворивме сензорни соби во две други училишта, а од денес и 21 ученик со попреченост од ова училиште доби просторија која е уредена со рехабилитациско-рекреациска опрема и мноштво дидактички материјали и сензорни елементи. Со реализацијата на денешниот проект, сме на половина од крајната цел, да им обезбедиме на сите 102 ученици од општината кои имаат ваква потреба, да имаат сензорна соба во своето училиште, односно сите основни училишта кои се под надлежност на Општина Кисела Вода да имаат сензорна соба. Ова е нешто на кое интензивно работиме и кое во најскоро можно време ќе го реализираме. Во таа насока, сакам да се заблагодарам на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија, на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, на Советот на родители од ова училиште, како и на повеќе компании кои преку својата општествена одговорност дадоа свој влог во креирањето на подобра иднина за овие лица.“ изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Целта на нашето училиште е развивање на инклузивна клима каде секој ученик се чувствува прифатен, почитуван и е дел од систем кој нуди висококвалитетни образовни можности. Нашата визија е да бидеме училиште кое ја рефлектира различноста на нашето општество и вклучува ученици со различни способности и интереси, кои заедно во училница развиваат ставови, вредности и вештини потребни за успешна и продуктивна иднина. Овие сензорни соби се чекор напред во реализирање на оваа цел затоа што се дизајнирани да ги развијат виталните вештини, како што се комуникацијата и сензорно-моторната интеграција за учениците со попреченост, но нуди и образовни придобивки за сите ученици.“ изјави Павлина Трипуновска, директорка на ООУ Круме Кепески.

„Фондација “Чекор по Чекор” веќе триесетина години ја промовира идејата дека со соодветна поддршка од рана возраст, сите деца можат да го развијат својот целосен развоен потенцијал. Во изминатите 25 месеци, колку што го спроведуваме проектот, реализиравме 43 училишни грантови, со кои го поддржавме подобрувањето на пристапноста и инклузивноста на некои од училиштата каде учат 474 стипендисти на проектот. Со овој последен грант, го опремивме овој мултисензорен простор во ООУ „Круме Кепески“, обезбедувајќи стимулативна средина за учење, развој и креативност без ограничувања.“, изјави Елена Мишиќ, Раководителка на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.