ОД МОЈ АГОЛ: Рамбо конечно стана Амадеус!

124

Е мој Рамбо! Ни Волт Дизни не би можел подобро да замисли и исфантазира ваква блескава музичка екстраваганција преку која конечно стана Амадеус!
И тоа во само една ноќ. И тоа со само еден концерт. И тоа како на филм. Јак филм.
Концертот на Рамбо Амадеус и на “Биг Бенд” на Здружението на џез музичари на Македонија под водство и реализација на Гоце Стевковски, а под диригенство на маестралниот Емин Џијан, синоќа во Филхармонија, немаше заплет, кулминација и расплет- возбудата и еуфоријата беа исти од почеток до крај, висината цело време и тоа како беше присутна и непоколеблива и како сосема природна состојба на нештата. Како орканска височина која те виори во вител нагоре.
Беше совршенство, без мана!
Рамбо и џез музичарите од Македонија како “чудо на Балканот”, во најава звучеше навидум експеримент, некоја комбинација колку за ќеф, и искрено јас се прашував како ќе се вклопи ексцентричниот и спонтан артист во оваа софистицирана варијанта, како ќе ја доживеам јас таа припитоменост на некој кој што нѐ освоил со својата припадност на бранот неопримитивизам, и колку сето тоа ќе е вештачко или природно?
И, оп! Како му легна, како роден за таа улога. Сѐ си се намести прецизно, чиниш запци од механизам на рачен часовник.
Одличен, историски концерт!
Извонредните музичари нѐ телепортираа на Бродвеј, или во најмала рака во Њу Орлеанс. Беше како експолозија во галаксија, со некој крајно софистициран уметнички набој.
Ма, баш беше “фанки” сиот тој Рамбо-џез. Составен и од зафрканција (сарказам, иронија, сатира на општеството и малограѓанштината) и од комплетна виртуозност.
Во негов стил нѐ изнасмеа со шеги, како тоа дека ваквиот концерт го смета за “инцидент” во неговата кариера, понатаму рече дека слободно може да се преименува оваа држава во Музичка Република, дека денеска не се дрогираат само музичарите туку и политичарите, а бидејќи едвај ја преживеал короната рече дека сега има и „написмено“ од лекарите оти може да ги заборава текстовите од своите песни, иако не ги заборава.
Претпоставувам му било своевиден стрес на мојот родител моето активно слушање на “Џемо воли Џем” штом уште ја памтел и песната и Рамбо, а оттогаш поминаа 30 години, и сега кога ќе се навратам, Рамбо го стартував со “Џемо воли џем” (кога и јас како и Џемо станував по џем ноќе) и синоќа заврши со истата песна која ја доживеав во сосема друга димензија. Сѐ беше исто, но ништо не беше исто. Како дополнително задоволство ми дојде признанието на нашиот многу шизички диригент Емин Џијан, кој исто така како млад го слушал во екот на популарноста Рамбо со “Џемо”, М-91, во 1991 година.
На крај, постконцертно, (не) случајно се создаде ситуација во која се собравме на иста точка, и на исто место заедно- главните и јас, Рамбо, Гоце и Емин и гласно ги прашав “што барам во ова друштво?”, иако добро знам.
Ако Рамбо е балкански мега цар во она што го работи, најмногу во своите текстови кои се толку реални и ден денес иако пишувани пред децении, Гоце и Емин се мегацареви во својата музика, јас тука припаднав по некое свое “мега” во следењето на рамбовата музика со иста кондиција и ист жар сиве овие три децении. Зашто, ако не го следиш до збор, со цело битие, не можеш ни да го доживееш, колку и да е концертот беспрекорен.
Синоќа генијалниот Рамбо го доби својот целосен легитимитет и верификација. И самиот откри дека потекнува од просветни работници и самопрегорно работел да се докаже во тие некои алтернативни поп сцени, но некако на својата музика не ѝ давал предзнак “музика”.
Но, секој паметно поставен процес има тенденција да се движи, развива, расте и заврши на својата цел, таква е и оваа градација на Рамбо. Не, дека ние не си го сакаме оној спонтан сатиричен музичар со гитара и мангуплук, со бенд до себе, но ваква елеганција покажа дека и неговата музика може да се вклопи (и) во рамките на класичните музички стандарди и да исполни некои највисоки софистицирани критериуми на музиката.
За ЗЏМ пак беше кршење на санти мраз, испловување на површина, за нив веќе нема никаква дискусија дека се наша музичка радост и гордост, институција и нов сјаен бренд веќе. Нѐ нахранија синоќа. Неверојатен состав,со перспектива.

***
А сега малку за репертоарот, овој пат со фантастични мајсторски аранжмани (од Џијан Емин, Сашо Николовски, Трајче Велков, Дамир Имери, Владимир Николов, Владимир Ботев, Иван Петровски).
“Рамбо царе”, “Предрасуде”, “Ча је било”,”Урбано само урбано”, “Бетон”, “Хипишизик метафизик”,”Би ли ми казала – Дарвинг сонг”, “Хигсов бозон”,”Музика”, “Е мој Рамбо”, “Халид инвалид Хари”, “Балкан бој”, “Фела Кути друже стари”…
Денес еко-активистот Рамбо Амадеус, се потсети кога своевремено му рекле да напише песна за екологија го сметал нешто како сулудо, и контра тоа ја составил “Бетон” (ја изведе н.з.), но се надоврза бидејќи сите негови песни биле пророчки, си ветил дека нема да ја изведува “Мотел Чернобил” .
“Би ли ми казала (Дарвин сонг)” е песна која рече ќе влезе во учебник која што ја проучува биологијата, се разбира песната е шеретски еротска, која ептен до солзи нѐ изнасмеа пред крајот.
Е, грооооОООООООоооооМ беше дуетот со сопранот Билјана Стефанов, моќен дует а со изведбата на рефренот “Ј*би га Рамбо” од песната “Е Мој Рамбо”, како со сврдел нѝ го пробушија мозокот. Се најде пандан на Фреди Меркјури и Монсерат Кабаје. Дефинитивно!
На крај “Под ротацијом”, навидум праволиниска по малку бизарна, но во комбинација со овој оркестар и нивниот аранженско решение, предобра.
На бис, споени “Те једно те исто” и урнебесната и на најсилна волтажа “Џемо воли џем” со која заврши овој спектакл, пред одбраната публика, слободно да речеме интелектуалниот и авангарден крем, и пред многу музичари- уметници кои беа дојдени.
Мислам дека оваа приказна ќе трае и сега се прашувам, што ли ќе биде репертоарот на следното продолжение на “чудо на Балканот”, “Жене”, евровизиската “Еуро Неуро” (за која сметав дека, сакал тој или не, му е највисоката точка на успех во однос на некоја планетарна слава, но од синоќа воопшто не мислам така), “Чобане, врати се”, и уште многу хитови кои се дел од неговиот и нашиот музички микро свет.
МТВ го снимаше овој историски џез настан, со што ќе добие продолжен живот, и незаборав.
Е мој Рамбо, ј*-би га, ј*-би га, РАМ-БО!

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник на Куларт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.