Ретро репортажа – Старата железничка станица во Скопје паметник на едно време

2696
starata zeleznicka

Пишува Мр Татјана Гогоска Старите времиња секогаш барем во разговорите ни се чинат поубави. Дали затоа што го паметиме само убавото или затоа што сакаме да зборуваме само за убавите нешта. Кога ми дојде идеја да напишам нешто за Старата железничка станица како паметник на едно старо време за жителите на Скопје, веднаш почнаа да навираат спомени а меѓу нив еден, кој се случи пред точно четири децении, и тоа во еден топол јулски ден од тоа жешко скопско лето. starata zeleznicka Јас и мојата другарка седнати на дрвените клупи на перонот таа со својот, младински билет за едномесечно патување низ Европа, а јас со мојот повратен билет до Куманово. Го чекавме возот од Битола кој одеше до Белград. Таа реши на свои 18 години преку Младинска организација, да го искористи ефтиниот билет и да ја прошета Европа. Јас имав 17 години и неможев да одам, но затоа решив да ја испратам до Куманово. Бев тажна што нема да ја видам Европа, но се радував на нејзината решителност затоа што до Белград требаше да оди сама а таму да се приклучи на група млади. Возот тргна од Кумановската станица, јас отидов на другата страна на пругата да почекам некои час и половина освежувајќи се со лимонада од сифонот на тркалца. Како сега се сеќавам, долго и мавтав додека не престанав да го слушам звукот на возот врз шините. Паметник на едно време За железничката станица во Скопје, знам дека беше гордост на луѓето. Таа им беше симбол за поврзаноста со сите градови од тогашна Југославија, со Европа, со соседите. И најважно, со воз се патуваше до Охрид, Кичево, Гостивар, Гевгелија, се посетуваа роднини, пријатели, децата се радуваа. starata zeleznicka Инаку, Скопската Железничка станица е изградена меѓу  1937-1940, а проектирана од познатиот архитект автор Велимир Гавриловиќ. И тоа на местото каде се наоѓала железничката станица, која била изградена уште во 1873 година, кога и бил воведен железничкиот сообраќај во Македонија. За унапредување на железничкиот сообраќај, Банската управа решила да изгради нова железничка станица во Скопје. Камен-темелите биле поставени во 1937 година, а изградбата траела 3 години. Откако била пуштена во употреба во 1940-тата година во неа, за 24 часа влегувале и од неа излегувале 24 возови. Просечно дневно пристигнувале 1.000 патници. Железничката станица, како главна сообраќајна установа на еден град, станала центар на изградбата на ново Скопје, во кое таа била столб околу кој се движел животот на градот. starata zeleznicka И така врвеле возови, патници ..поминуваа годините а Железничката станица стана место на најголема радост и најголеми таги. Таму се пречекуваа роднините и пријателите со радост, таму се испраќаа саканите и другарите во војска со многу песна и солзи. Од таму  тргнувавме кон “нашето море” на најубавите летувања. Со еден збор железничката станица беше срцето на Скопје. Тука во центарот на градот, од секоја страна лесно да се појде и лесно да се дојде. starata zeleznicka И некаде 70-тите години на минатиот век, колку далечно звучи а тоа како да беше сега, градот реши да направи нова модерна Железничка станица, со тоа што старата полека го губеше значењето. Таа уништена и полуразурната од земјотресот во 1963 година, се претвори во куп камења, во кои покрај се беа срушени и прекрасните фрески  (освен онаа најголемата која ја преместија на Скопскиот Аеродром – големата фреска на Борко Лазески ). И како се што кај нас е старо се уништува, не се најде начин таа да се реставрира на вистински начин и да се направи достоен музеј паметник. starata zeleznicka Полека, новата железничка станица, го изгуби предзнакот “нова” и стана една Железничка,  стана центар на железничкиот сообраќај во Македонија, но никогаш не го доби значењето на Старата железничка станица, местото кое долги години беше “Срцето на градот”. Остануваат спомените, на секој кој сеуште се сеќава, иако времињата а со нив и генерациите се менуваат.   Фото галерија користена од достапните стари фотографии на google images  

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.