За убави празници во домот – Божиќен кактус

1113

Божиќниот кактус е преубаво растение кое цвета околу Божиќ од каде е и самото име. Околу еден месец пред Божиќ ќе забележите како врвовите на листовите почнуваат да растат и да се задебелуваат а од ден на ден стануваат се поголеми и се формира пупка. Околу Божиќ пупките започнуваат да се отвараат во преубав цвет кој на вашиот дом ќе му даде посебен шмек. Цветовите можат да бидат од црвена, виолетова,розева, бела и жолта боја. Божиќниот кактус е најосетлив во времето на своето цветање и затоа тогаш треба најмногу да се внимава со него.  Температура која му одговара е меѓу 7 и 19 степени и зголемена влажност на воздухот. За да има изразити бои на цветот температурата не треба да биде помала од 18 степени, но доколку ова е случај цветовите ќе ја сменат својата боја и ќе станат бледорозеви.

На почеток на пролетта, кога ќе помине опасноста од мразеви, божиќниот кактус може да се извади на отворено, на тераса или во двор под сенка. Преку лето на ова растение не му одговараат високите температури ниту сувиот воздух па затоа потребно е повремено оросување на растението. Кога денот ќе почне да се скратува потребно е да се внесе внатре, околу почетокот на октомври.

Во времето на цветање потребно е почвата да се одржува влажна. После цветањето почнува фаза на мирување која трае околу шест недели. Во време на мирување најдобро е да се изврши кроење, наводнувањето се сведува на минимум колку растението да не се исуши и не се прихранува со ѓубрива. Ова време најдобро е кактусот да се стави во просторија каде што температурата е 10-15 степени.

После оваа фаза следува фазата на раст и тогаш се почнува со редовно наводнување и прихранување. Кактусот треба да се прихранува еднаш на три недели со течно ѓубриво се до почетокот на септември кога прихранувањето и наводнувањето се намалуваат постепено бидејќи следи втора фаза на мирување. Кога после неколку недели кактусот ќе почне да развива пупки, треба да се премести на светло и топло место. Во декември треба редовно да се наводнува но не преобило и да се прихранува со течни ѓубрива кои имаат повеќе фосфор и калај, со што се поттикнува пообилно цветање и покрупни цветови. Кога ќе почне фазата на создавање на пупки Божиќниот кактус не треба да се поместува затоа што може сите пупки за цветови да отпаднат. Но штом се отвори и еден прекрасен цвет тогаш дозволено е да го поставите на која позиција во домот и да сакате а тој ќе продолжи да ви подарува преубави цветови кои ќе го украсат вашиот дом.

Божиќниот кактус не сака често пресадување, но доколку е неопходно да се пресади или саксијата му е веќе мала тогаш бидете многу внимателни како го изведувате пресадувањето бидејќи коренот е многу осетлив. Земјата притиснете ја околу коренот и прекријте го со земја до истото место како што бил и во предходната саксија. Најдобро е да се сади во неглазирана керамичка саксија затоа штокај пластичните саксии водата испарува само на површината и може да дојде до изумирање заради зголемена количина на влага. Се сади во земја заситена со песок и киселост од 5-6 PH. Најдоброто време за пресадување е после цветањето. Исто така ова време е добро и за размножување. Сите делови од стеблото/листот имаат авентивен корен кој треба само да се скрши и да се забоди во влажен песок и после 15-20 дена ќе се закорени. После треба да се пресади во саксија со соодветна земја. Божиќниот кактус сака влажна земја но никако не поднесува одвишок вода во тацната од саксијата во која расте.

За овие празници почестете се со Божиќен кактус кој со правилна нега ке го краси вашиот дом многу години со неговите преубави цветови.

Елена Максимовска 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.