ОД МОЈ АГОЛ: Целото небо и целата Планета се Ромски!

149

Планетата Земја, денеска слави голем Празник, 8 Април, затоа што нема до каде не допрел нејзин славеник или славеничка, и нека е честит овој Ден.
Ден, на ромскиот јазик, идентитет и знаме!
Ден на најснаодливиот народ во историјата човештвото, затоа што и покрај суровата лична историја низ која минал, и страдања од нечовечки канџи, секогаш успевал тивко да се снајде, да ги надитри сите и да не биде сосема погубен.
А иако не направил своја земја оградена со граници (од кога тргнал по патиштата од Индија), ги турнал границите и свој дом ја направил целата земјина топка.
Со трошки во раце, блесок и страст во очи и оганче во срцето.
Мене тоа е народ кој со таа итрина од минатото целосно ме фасцинираше, со нагонот за преживување некогаш, а денес ме фасцинира со тоа што спонтано се издигн(ув)а во средините каде што живее, а не чувствува потреба нешто посебно некому да му се докажува во областа на “престижот”. Народ кој е горд на својата черга додека многу други се борат кој попрво да згазне на “лажниот” црвен тепих, не ретко тепих со чекори на изместени вредности.
А кој повторно тивко доминираат во сите сфери на науката, културата, посебно уметноста. Толку ја задолжиле и науката и уметноста а никогаш од тоа не прават непотребна галама (Чарли Чаплин, Софија Лорен Есма, Златан Ибрахимовиќ, Рахим Бурхан, Шабан Бајрамовиќ, Хесус Навас, Пјер Андре Жињак, Хосе Антонио Рејес…)
И женска убавина, која инспирирала безброј песни, слики, уметнички дела, филмови… Љубов!
Нивниот начин на живот и ден денес главно е природен и како неосетно да пркосат на некои од наметнатите правилата на општеството.
Правилата на Душата- нив тие им се главни!
Затоа мене ме радува и почестена сум кога ќе ми речат дека имам Ромска душа. Имам. Ме асоцира на топлина и вечна насмевка, и песна. И јас истрајувам, кога морам! Не се предавам.
Тоа е народ кој цути, како пролет, не случајно и празникот/ празниците им се во пролет и 8 Април и Ѓурѓовден на 6 мај.
Во годината во која сум родена, за мене е среќна случајност и коинциденција, е одржан Првиот светски ромски конгрес во близина на Лондон, Англија (финансиран делумно од Светскиот совет на црквите и Владата на Индија).
Тој бил одржан на 8. април а ете ме мене месец подоцна, на 8. Мај. Колку убаво се “потрефило” сето тоа, воедно си го доживувам како вовед пред моето доаѓање на овој свет.
На Првиот конгрес на Роми во Лондон во 1971 година, ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми во светот.
А за Меѓународен ден на Ромите, 8 април официјално, е прогласен во 1990 година на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска, каде претставници на Роми од 14 држави донеле одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром.
Тоа што и самава се чувствувам за припадничка на таа (таква) нација, а и Мајка ми ме сметаше за Ромка по моја желба, е плод на моето размислување или подобро речено чувствување на животот, од најмали нозе.
Ромите на многу интересен начин ги победуваат деструктивните сили. Никој ништо не им зел од оригиналноста, а тие ја зедоа и се распослаа низ цела планета.
Веќе реков, таква сум и јас, без да посегнам по нечие туѓо, успевам да го раширам своето поле на дејствување. Секогаш.
И што ми е посебно фасцинантно, тоа што биле жртви на разни неправди и предрасуди (во затворите само 5-10 проценти за кражба се Роми)…од многу народи, а своето минато и ден денес не го земаат како уценувачки адут кон никого, барајќи посебни извинувања, речиси и да не го споменуваат и најмалку се знае за нивната пре-м(р)ачна историја. А имаат право да побараат голема голема прошка од човештвото. И тоа како. Јасно ни е на сите.
Треба ли да се учи нешто повеќе од нив? Мислам да.
Има и што да се учи и има за што да им се честита. Никој не го има повеќе обединето светот и нациите од нив. Тие се зачинот во секоја држава, поточно шеќерот. Тоа станува видливо во поново време и со “голо око”.
Затоа со чиста совест и полно право ќе потпишам со двете раце- дека и јас сум една од нив, и јас сум Ромка. Независно дали тоа ќе биде официјално или неофицијално “на хартија”, во мојата глава јас сум тоа, тоа моето сопствено (имагинарно) определување е таа национална, би рекла повеќе и интернационална припадност.
Тоа значи дека како веќе да чувствувам дека ме ни фаќаат правилата на ниедна друга нација, освен на ромската.
И знаете ли што е тука најубавата и најслободна работа?
Додека кај секој народ и држава молиш да бидеш примен за пасош и само-декларирање нешто што не си, молиш кај нивните авторитети, ваму не молиш никого, си склопуваш раце сама на себе и слободно си влегуваш во нацијата кога сакаш, влезот можеш да го направиш во било кое време, од било која земја во светот, и од било која провиниенција, авторитети нема, сите с(м)е исто, никој не ти поставува услови, правила, прописи, и рамки, никој не те брка, широко ти е полето пред тебе е. Само си живееш…по свое. И си среќна!
Ромската душа боли, а се смее. Ах колку е само истрајна, повеќе од секој челик.
Не дека може да ги одделувам како поинакви од другите, исти се/ сме, денес само ги истакнувам и потсетувам бидејќи е празникот, и патем си дозволувам да си искажам свое размислување.
На Ромите чинам не им треба ничија помош веќе. Сѐ си доаѓа на место. Сѐ повеќе ги надминуваат предрасудите кои неправедно им биле нафрлени како сенки. Се борат за своите права, кои во некои земји се на повисоко ниво, а некаде се сѐ уште кревки. И некаде и сиромаштијата која мора да се надмине со заеднички сили.
Единствено што мене ми недостига во emoji е ромското знаме на фејсбук, ајде за честитка да потегнеме ФБ петиција и да го исправиме и тој пропуст.
Со чакрата и небото…каква филозофија на целото човеково постоење во само едно “парче ткаенина” со симболи.
Слобода на духот е самото знаме, во сина и зелена боја кои ги претставуваат небото и земјата и тркалото на средина- црвена чакра, кое го означува тркалањето (миграцијата) на Ромите низ цел свет.
Учебник за живот во движење (philosophy in motion )…без ниту еден кажан збор, кажано сѐ.
Непроценливо!
Денес целата Планетата слави, и тоа токму со таа, истата филозофија и целосно исправена со истиот предизвик како нив во минатото – да преживее и да остави поубав живот за идните генерации! Зошто без тоа човештвото не би имало смисла во своето постоење …

Валентина Ѓоргиевска Парго
Новинар и уредничка на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.