Краткиот здив за опстанок на културата

546

Последниве шест месеци се смени животот на луѓето, се смени функционирањето на светот, се сменија многу нешта. Во тие промени со краток здив се бори да опстане културата во сите нејзини форми и димензии.

Онлајн концерти, промоции, поетски читања, виртуелни изложби па се до применливите протоколи за одржување на промоции, премиери, кино претстави,театарски фестивали и тоа се под отворено небо со задолжителна дистанца и носење на заштитни маски. И така треба да биде, затоа што невидливиот непријател е насекаде и не знаеш од каде и кога ќе се појави.

А културата? Со краток здив во борбата сепак да се опстане. Затоа што без културата и таа најмалку застапената не бидува. Културните работници, авторите и уметниците ќе замрат. Ќе нема надградба, ќе нема создавање, креативност, илузија и магија на животот. А без сето тоа, човекот добива една поинаква димензија на гол опстанок под ова небо.

Постои еден поразително сознание: културата на живеењето е најмногу, не ретко и единствено индивидуална- лична работа, а културниот живот „за сите“ најчесто манифестационен, што ќе рече без инсистирање на критичен однос, на изграден критериум, на валоризација. Без сомнение, свеста за потребата и нивото на културата на живеење се многу ниски, па ако во многу нешто сме  далеку од Европа, најдалеку сме токму на тој план.

Едноставно, кај нас дури се исмејува таквото живеење, бидејќи претпоставува во прилична мера откажување од цивилизациските достигнувања, а за сметка на богата домашна библиотека- библиофилство, лична филмотека, колекција на уметнички дела итн. а тоа не е ништо друго, освен израз на примитивизмот. И така сите тонеме во „некултурниот мрак“, каде ќе исчезнеме во некреативност и целосна изгубеност на душите.

И за крајот една неизбежна констатација , за да издржи краткиот здив на културата кој е неопходен, исклучителна и единствена улога и важност, има токму  вољата и желбата на културните работници, авторите и креаторите на културата . Само со нивни залагања таа нема да го изгуби и последниот здив овде и сега во Македонија, затоа што општо нашата индивидуална- лична култура на живеење најчесто е сведена на борба за пари, бизнис , снобовштина, мода и слично. Да се надеваме дека краткиот здив ќе трае подолго, додека културата дојде до потребната станица.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.