ОД МОЈ АГОЛ: Светото чувство на Ѓоле!

152

Скопје, 11 јануари, 2023 година

Среќна ќе е оваа 2023 година, многу повеќе од очекуваното, ако за вовед го земам вечерашниот концерт на “Максимовски јунајтед”, на кој ја слушнавме авторската музика на Ѓоле Максимовски, изведена во репрезентативниот клуб “Аудиокултура” во Тафталиџе.
Голема беше нестрпливоста со која го очекував концертот и броев денови, од пред некаде три недели кога ми најави и покани самиот автор. Не затоа што Ѓоле ми е еден од оние топ “фејв” светски бас гитаристи, ни толку затоа што ова му е прв авторски материјал кој го претставува, многу повеќе што знаев дека е нешто што природно излегло од него, и дека секоја нота долго течела низ неговите вени, “ферментирала” по природен пат како од блага шира до делишес вино, си одлежало толку колку што треба, за да се добие најслаткото и да те опие.
Таков е и тој, ништо надвор од неговата природна волја. Ништо, заради нешто…
Пред да почне самиот концерт, на кој пристигнаа околу 50-тина гости на кои од страна на домаќините на клубот, браќата Теохаров, педантно ѝм беше забележано кому каде му е местото, јас се сетив на една да ја наречам елитна или џетсетерска пракса за која ми зборуваше еден драг светски продуцент и менаџер, пред добри дваесеттина години. Кога станува збор за најголемите светски групи, тие пред да излезе нивниот нов материјал прават интимен и затворен концерт со одбрана публика, за која билетите се прескапи, често пати над 2- 3.000 долари, но “скапоста” не е сочинета во таа сума туку во фактот што до такви билети не може да дојде секој, најчесто по листа се поканувани нивните најверни фанови, познавачи на нивната музичка материја и познавачи на музиката воопшто, во чиј вкус и реакција групата безмерно верува. Таа ѝм е како компас.
“Тензијата” не се состои во тоа како музичарите ќе го изведат новиот материјал, колку што се состои во исчекување на аплаузот, и безрезервно веруваат на тој нивни одговор. Само затоа што тие ѝм се оние најискрените, кои нема шанси да ги излажат, дури ни како куртоазен момент. Ако добијат громогласен аплауз и одушевеност, групата напаѓа со сета сила на сцена, зашто веќе е сигурна во својот нов материјал и тргнува самоуверено во поход. Во тоа, никогаш не се излажале.
Така и јас вечерва се почувствував, како од тие одбраните, бидејќи, ова беше официјална концертна претпромоција на неговиот прв самостоен авторски албум “Holymood”.
На крај на концертот кога си заминував, си помислив да бев од оние кои веруваат во теории на заговор, сигурно ќе помислев дека во клубот некој научник- експериментатор нѝ имаше пратено некакви високи електрични бранови штом нѐ кренаа толку високо.
Ама, бидејќи сум цврсто на земја, знам дека тоа беше само музиката на Ѓоле и неговата изведба, заедно со тапанарот Александар Џигер Ванчовски и Александар Никодиновски на клавијатури.
“Холимуд”, ме внесе баш во Свето расположение. Се чувствував како ноќе да пливам во некое мирно само мое езеро, во кое сум сигурна во секое бранче, тивка вода која стои в место и ме носи мирно каде јас сакам, а над мене само рој од ѕвезди.
Материјалот е многу спокоен, нема непотребни музички страсти, правени се со една сосема смирена аранжерска визура, благо разиграна на моменти со толку фино дозирана ритмичност, колку да те држи “во раце”, да не потонеш… во сон.
Бидејќи Ѓоле е и композитор и аранжер, се помислува дека можеби и не е својствено за гитарист толку да си дозволил да не ја истакне, и да не стави акцент само на својата гитара, но огромното искуство зад себе, и најверојатно долгото музицирање пред сѐ со Влатко Стефановски (кој вечерва беше дојден на концертот) си го дава својот дел, своето учество. Мајсторијата под прсти, сама си работи.
Во нешто над едночасовната изведба како сите тројца изведувачи да беа самоволно ставени во некоја би рекла недоминантна, споредна улога и само “те возат” така неосетно, а сигурно, што немаш потреба да се плашиш во кој правец се движите, сите заедно.
На Ѓоле никаде не му се брза. Сега веќе нѝ докажа дека со внимание го смислувал за нас секој тон, сиве изминати децении. Затоа можеби и така лесно нѐ спои со неговата музика, како магионичар.
Но, ниедна магија не е целосно успешна ако не остави една трага по себе која вечно трае, и не те напушта. Тоа беше несомнено преработката на славната етно “Деспина”, нѐ збуни со убавина. Латино шмекот што беше го внел во неа ја направи со универзален клуч, што не верувам дека нема да отвори било чие срце, слушајќи ја. Било каде, на било која земјина точка.
Многу меко Ѓоле нѐ освои и стави во својот свет. Без помпезност, ама и без пардон.
Од вечерва ништо веќе не е исто, во однос на неговото ионака високо место на македонската сцена, и пошироко. Сега (ми) се отвора нова нестрпливост, кога ќе го имаме албумот?! Десеттина одлични теми, меѓу нив и преработката на евергринот “Девојко љубов ми вети ти” што го изведоа и вечерва, но еве за мене го замолувам да направи една копија со десетпати “Деспина” на него, зошто меѓудругото заедно со сите теми, неа мислам да ја ставам на репит до таа мера што има да го излижам албумот и да лебдам колку што јас сакам, од тоа “Свето чувство” што (решил да) нѝ го дава…
Ѓоле, благодарам однапред!

Валентина Ѓоргиевска Парго,
новинар и уредничка во КулАрт

Exif_JPEG_420

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.