Злосторничко здружување на уметници !

239

Треба да се биде многу внимателен со уметниците, а да се биде многу отворен кон уметноста. Ако ви зазвучи како мисла кажана од некој древен мудрец, веднаш ќе ви кажам дека не е, ова е мисла – заклучок која е произлезена од моето 35 годишно искуство како новинар, од младинска возраст до сега.
Уметниците, и тоа како знаат да те наседнат и да нанесат штета. Огромна. И непоправлива. На општеството. На поединци.
Не сите. Зборуваме за оние кои не се баш посветени на уметноста и културата. Туку на манипулациите. На пазарџиството. На наметнувањето. Уметници чиј талент не е развиен на ниво на кое го бара уметноста и културата, и кои се плашат од предизвиците на уметноста, кои се плашат од оценката на конзументот, на публиката.
Ајде да одиме по ред. Дали некој има талент определуваат институциите создадени за тоа, и докажаните уметници од таа бранша, а дали нешто е уметност и култура потврдува публиката, со тоа што или ќе го прифати делото или не, во зависност од својот вкус, желби, афинитети.
За мене е уметност само она што мене ми се допаѓа. И ништо преку тоа. Верувам дека и за секој човек е така.
Е, сега тука настапува оној втор дел, некој да се нафати да ме убеди дали и тоа што не ми се допаѓа е вредно и треба или мора да ми се допадне. Кога нешто пазарот не може да потврди, уметниците прибегнуваат кон втората варијанта- здружување меѓу себе за да здружено извлечат некоја поголема корист, за себе, и да си помогнат подметнувајќи го својот грб за другиот до себе.
Уметниците од една фела кои сакаат да напредуваат и да се најдат во некоја природна еснафска хиерархија, се здружуваат во истородни еснафски здруженија и следат цврсто поставени репери, на пример-џезерите во Џез здружение, сликарите во Здружение на ликовни уметници, Писателите во Друштво на писатели, резбарите во Друштво на резбари, и се надополнуваат меѓу себе, заеднички ги посочуваат најдобрите, си го знаат своето место…
Но, кога во таа хиерархија не може да се пронајдат одредени уметници, или се на некои подолни скалила а сакаат лесно и брзо да избијат (по)горе, или (само)наречените уметници од разни видови на уметност, тие се здружуваат меѓу себе, формираат некое неформално здружение и заедно настапуваат во еден фронт, кој ќе им овозможи (неприродна и нееснафска) логистика, себефалење едни кон други и заеднички настап пред институциите од каде црпат средства и можности (кои пазарот или фелата не им ги дава). Најчесто се тоа уметници за кои никој не слушнал според нивните дела, или не се на многу добар глас и висока оценка. И неформален лидер им е најбучниот најкавгаџијата…
Имавме кај нас во последно време такви, приграбија се за себе, се издигнува преку ноќ (во свои очи, не би рекла во очи на публиката), дрско спречуваа културни брендови, реномирани манифестации, кочеа и отстрануваа секој кој е со талент или не се согласува со јавното делување, кое јас одамна го нарекувам еден вид Злосторничко Здружување на уметници (со или без наводници) . Затоа што не создаваа уметност, колку што нанесува зло наоколу. Видливо и/ли притаено.
Балонот пукна! На илјада парчиња. Со два збора и еден сврзник, пукна. Звукот од пукотот ги пробуди оние челници на кои им ги имаа затапено сетилата, заврзано очите, фатени рацете. Со лаги, измами, манипулации, профитерство. Но, доцна е за некои исправки, не е доцна да се извлече заклучок. Уметноста и културата, сцената мора повторно да ја посипеме со златен сјај. Оние кои тоа го умеат.
И пак имајте на ум: Внимателно со уметниците, а препуштете и се на уметноста!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Уредниk на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.