“За тебе љубов моја”, се одржа по 21 пат

33

Од далечната 1993 година, па сѐ до денеска, поетско- музичката манифестација „За тебе љубов моја“ го доживеа 21. роденден, чествувајќи ја жената пред 8 Март. Пред многубројната публика во салата на хотел-казиното „Аполонија“, во чест на жената беа рецитирани љубовни стихови и изведени музички нумери од неколку гевгеличани, кои со своето учество ја продолжија долгогодишната традиција за одржување на „За тебе љубов моја“, благодарение на организаторите- професорите по македонски јазик и литература, Даниела Џишева и Тони Аврамов.
– Оваа вечер ви ја посветуваме вам, драга и верна публико, кои 21 година чекорите заедно со нас, поддржувајќи нѐ, поттикнувајќи нѐ, охрабрувајќи нѐ и инспиририрајќи нѐ. Ние и вие станавме едно семејство. Сите овие години, заедно споделуваме радост и тага, болка и среќа. Секој отпеан стих, секоја наша воздишка, секоја песна откината од срцето е нечија судбина, наша или ваша. Горди сме што „За тебе љубов моја“ прерасна во една од најпосетуваните манифестации во Гевгелија. И знам зошто: Затоа што Гевгелија знае што е добро, Гевгелија ја сака и поддржува уметноста. Ви ветувам дека „За тебе љубов моја“ ќе постои се додека вие постоите за нас, се обрати кон присутните организаторката Даниела Џишева.
Поезија читаа: Петар Јанчев, Мери Олумчева, Каме Ќаев, Светлана Стојковиќ, Љупка Урумова Проле и Силвестер Проле, Тони Аврамов, Даниела Џишева, Бојан Алексов, Ламбрина
Лазаревска, Стефчо Стефанов, Катица Џишева Дупарова и Мирјана Чамџиќ, а помеѓу читањата беа отпеани музички нумери од: Теодора Гошева Капсарова, Елена и Ања Поп- Костови, Зоран Кондурџиев, Филип Ангов и Цветанка Демерџиева и Александар Стојанов.
На самиот крај, Тони Аврамов ја потсети публиката на почетоците и на дел од поранешните организатори, Ице Мурџев и Слободанка Дуева. Притоа, изрази благодарност до публиката за нивното верно присуство на манифестацијата, како и до хотел- казиното „Аполонија“ што овозможи повторно „За тебе љубов моја “ да се врати и одржи во првиот дом, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и Советот на Општина Гевгелија за поддршката на манифестацијата преку Програмата за финансирање проекти и програми од областа на културата за 2023 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.