Одбиена кај нас, Добрила Чабриќ ќе бара прием кај Вучиќ!

163
smart

Славната естрадна уметница и доајен во областа на театарската уметност, Добрила Ивановска- Чабриќ (95), во догледно време ќе побара прием кај претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со цел да поразговара да се реши нејзиниот социјален статус.
И покрај тоа што во текот на својата неверојатна кариера, која почнала како првенец на Народниот театар на Македонија, а продолжила како пејачка во поранешна Југославија со настапи и турнеи низ цел свет, доживеела многу успеси и освоила многу награди, нејзините приходи денес се сведуваат на скромна пензија, недоволна ни за основни трошоци и нормално живеење. Згора на сѐ, и здравственото осигурување и е во Србија од каде зела пензија, па и за физикални третмани и за здравствени услуги мора да патува дури во Белград, каде живееше долги децении.
Во текот на последните неколку години колку што е во Македонија побарала прием кај сите наши министри и министерки за култура, и досега не добила.
Врв на сѐ е што оваа година по трет пат последователно била одбиена од конкурсите за поддршка на домашните уметници, од Министерство на култура, за концерт и за објавување на своја автобиографска книга, или во превод: не добила ниту 1 денар.
-Ќе побарам социјален стан и национална пензија од претседателот Вучиќ, како за заслужна уметница. Обидите да си обезбедам пристојна живеачка во родната земја се неуспешни, јас имам куќа во Дојран каде го минувам летото, но зимата е невозможно за сама жена во мои години да се симнувам од ридот и да набавувам храна и сѐ што ми треба, и да се движам нормално низ Дојран. А од минатата година и имам сериозни повреди на нозете, по сообраќајната несреќа што ја доживеав патувајќи кон Охрид како член на жирито на “Охрид фест 2021” и ми се влоши мојата здравствена состојба, така што, сѐ што му останува е да се потпрам на очекувањата дека Вучиќ ќе стори нешто за мене, како што е ред, вели Чабриќ.
Таа е славната победничка на најгледаното регионално шоу “Никад није касно” во Белград, добитничка на награда за животно дело на музичкиот фестивал “Еврофест”, победничка на Интернационална музичка манифестација во Варна, Бугарија и добитничка на награда на Меѓународниот фестивал на монодрамата во Битола, за изведбата на монидрамата “Мис Маргарида”…
Настапувала и пеела и на прочуените шоу сцени во Париз пред светски личности како Оназис, Марија Калас, Брижит Бардо, Ален Делон, и многу други.
Сега ја пишува својата автобиографска книга и се подготвува да настапи на годинешното издание на “Фолк фест Валандово”, песна со наслов “Дојранка”.

Валентина Ѓоргиевски Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.