Изложба во Ресен- “Преспа во срцето”

331

Во понеделник, на 11 октомври 2021 во 19 часот во Домот на културата во Ресен ќе биде отворена изложба “Преспа во срцето” со дела на Кирил Јоновски.
Кирил Јоновски е роден во 1924 година во убавиот Претор, каде и останал да живее цел живот. Според записите на Славе Катин, Кире Јоновски живееше во Претор, а службуваше во Ресен, Асамати, Отешево од 1947 до неговото пензионирање во 1987 година. Тој црташе уметнички слики со мотиви од Преспа, а снимал и фотографии и филмски материјали како долгогодишен дописник на Македонската телевизија и на Телевизија Белград од Преспа, како и на многубројни весници и списанија.
Еден дел од неговото сликарско творештво беше уништено за време на земјотресот во Скопје во 1963 година, кое беше изложено на Изложбата на сликари аматери. Тој, во исто време е добитник на првата награда на Изложбата на слики во Ресен, а втора награда на Југословенската изложба за дијапозитиви во Самобор кај Загреб.
Кире Јоновски беше еден од организаторите и учесниците на сите манифестации што се одржуваа во Претор. Така, меѓу другото, за него посебно внимание привлекуваше традиционалната хумористична приредба „Преторска свадба“ во изведба на феријалците од Скопје и Битола. Сето тоа привлекуваше голем број туристи од Битола, Прилеп, Скопје, Ресен и други места од Република Македонија и пошироко и претставуваше своевиден културен настан за посетителите.
Кире фотографираше и ги излагаше своите дела во Детското одморалиште „Мите Богоевски“ во Претор кое работеше во рамките на организацијата за одмор и рекреација на деца и младинци „Младост“ од Скопје. Ова училиште во природа во изминатите децении било собиралиште на илјадници деца и младинци кои доаѓале на летување, зимување, екскурзии, спортски подготовки и настава во природа.
Инаку, според пишувањето на Кире Јоновски, печалбарската традиција во неговиот крај е присутна од дамнина. Нивната фамилија Судџови, сегашна Јоновци, е една од најстарите што живее во Претор со векови. Според преданијата, нивните прадедовци работеле во логистиката на царот Самуил. Како фамилија биле познати и по тоа што, уште за време на Отоманската Империја предците оделе во Цариград и биле познати бавчанџии. Неговиот дедо Димитрија зборувал девет јазици, додека неговиот татко Јаким бил во Америка во почетокот на минатиот век.

Инаку, во периодот од 1950 до 1955 година, Кирил- Кире Јоновски бил волонтерски секретар на Сојузот на културно – просветните организации на Преспанска Околија и активист на Културно- уметничкото друштво „Таше Милошевски“ од Ресен. Тој бил основач на Кино- театарот во Ресен и две години негов управник.
Туризмот беше втората љубов на Кире Јоновски. Цели дваесеттина години бил на раководни места во туризмот, меѓу кои во организациите „Преспа турист“, „Генерал турист“, „Турист Преспа“, а две години бил претседател на Одборот за уредување на островот Голем Град и за изградба на пристаништа со пловни објекти. Затоа со право се тврди дека Јоновски бил еден од иницијаторите за изградба на туристичката населба Претор.
Активностите во туризмот и во заштитата на животната средина, посебно на Преспанското Езеро и на островот Голем Град ги продолжил и по пензионирањето, учествувајќи со свои трудови на повеќе домашни и меѓународни симпозиуми.
Како туристички работник Кире Јоновски три децении, од 1967 до 1997 година членувал во раководството на Туристичкиот сојуз на Македонија и еден мандатен период во Собранието на Туристичкиот сојуз на поранешна Југославија. Притоа бил добитник на плакета од Туристичкиот сојуз на Југославија.
Карактеристично е да се одбележи тоа што Кире Јоновски цели десет години бил постојан дописник на ТВ-Скопје и ТВ-Белград. Исто така, бил соработник и на „Танјуг“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Народна задруга“, „Трудбеник“, „Комунист“, „Остен“, „Туристичке новине“ и други.
Истражувајќи го родниот крај, има објавено неколку фељтони за историјата на Преспа во весникот „Нова Македонија“. Автор е на на документарен ТВ-филм за островот Голем Град.
Како голем познавач и хроничар на родната Преспа тој ја подготви публикацијата „Преспа“ Оваа книга е значајно и трајно дело за Преспа. Таа е исполнета со бројни фотографии од неговиот фото-фонд, а е издание на „Генерал импекс“ од Скопје, 2000, 1-192.
Публикацијата „Преспа“ е посветена на Преспа и нејзиниот историски развој, на Преспанското Езеро, на островот Голем Град и во целина на културно-историското наследство на Преспа.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.