ОД МОЈ АГОЛ: Гоце Делчев!

45

Великаните припаѓаат на светот. Тие се родени некаде, во некое место, во секое семејство, во некоја држава, но потоа стануваат национално богатство односно човеково богатсво, со самото тоа што со нивното постоење, мисија, дело или идеја го промениле на подобро светот или дале општоприфатени насоки за промена во подобар правец.
За еден таков се смета Гоце Делчев роден во Кукуш, Егејска Македонија, кој голем дел од животот поминал во сегашна Бугарија и секако Македонија, а Штип е најпознат по неговото учителствување таму, како и Малешевијата, Струмица и Струмичко, но и централна Македонија. Во Скопје не верувам дека дошол, тогаш Скопје пред еден речиси век, не бил тоа што е денес, главен град на (тогашна) Вардарска Македонија и немало потреба да се дојде.
Но, моштите на Делчев, на барање на тогашните власти во поранешна Југославија, биле пренесени од Бугарија во Скопје, каде и ден денес се наоѓаат во црквата Свети Спас.
Таму сум била два пати – еднаш кога нѐ носеа на екскурзија од ОУ “Гоце Делчев” од Ресен, каде учев и (и правевме преубави патронати на кои учествував) и од таа екскурзија најсилно врежано во глава ми остана преубавиот резбан иконостас во црквата, и еднаш потоа на снимање на документарен филм од МТВ, каде бев службено како новинарка на “Нова Македонија”.
Оттогаш не сум била а не ми ни текнало, во сите овие децении единствена покана што ја добив беше од уметникот Живко Поповски- Цветин таму да ја постелиме неговата цветна патека за Делчев, по повод 150 години од неговото раѓање. Тоа ќе го направиме наскоро, зашто секој ден може, се надевам, а и мојот Татко сака таму да изрецитира нешто во чест на Делчев.
Денес на 4 февруари на родендот на овој наш најпознат идеолог, но и револуционер, таму има многу мешаници, разни делегации, па и недолични ситуации за кои нема да спомнувам, не личи на денот.
Но, бидејќи рековме великаните припаѓаат на човештвото и секој може да ги почитува и слави, мислам дека е човеково право да го направи тоа, секој кој така се чувствува. Независно од нација. Како што јас славам многу ликови од разни држави, места и периоди, доколку ми се допадне нешто од нивното, верувам и Гоце го слават разни нации. Најмногу поради идејата за културен натпревар кој преведено би значело културна соработка. А не трка кој да е подобар. Трка можеби само во тоа кој да го даде најдоброто од себе во таа соработка.
Во рамките на тоа, зошто да не ѝм ја понудиме таа културна соработка на нашите соседи Грци, каде се наоѓа родното место на Делчев и догодина да одиме да славиме во Кукуш? Зарем нема да е прекрасно?
Со дозвола и верувам срдечно одобрување тоа ќе ти направат и нашите соседи и тој еден ден во годината ќе нѝ го дозволат и да славиме на нивна територија, со сета почит кон современа Грција, зашто сега ништо не е исто како пред еден век, и ние имаме културна, туристичка, бизнис секаква соработка со нив, ѝм одиме на одмори, на викенди, на шопинг, кога сакаме и купуваме викендици на нивниот брег, тие доаѓаа слободно тука и секако го прават истото, а и доста фирми и компании отвораат тука, најслободно. Да се слави идејата “Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите” па кој сака нека повели.
И да се даде како неработен ден за да можеме на раат да го чествуваме денот. Затоа што Гоце и сите такви великани го кренале гласот против оние луѓе кои ја задушувале човековата слобода и правдина, и развој, инаку биле познати и признати и по својот интернационализам и интеркултурализам. А ние како наследници да ја продолжиме неговата идеја во најкорисна и најсовршена варијанта, со што, на неговиот незавршен концепт поради прекината младост, ќе му дадеме остварување и целосен живот.

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредничка на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.