Христо Петрески – КОЈ ГИ ИЗБРКА КНИГИТЕ ОД ОХРИД ?!

94

Во центарот на градот спроти Поштата, од некогашните десетина штандови и вистинскиот Летен саем со книги сега нема ни трага ни глас. Општината не презеде ништо да ги задржи издавачите и излагачите со книги кои беа потреба, привлечност и атракција во градот, каде како во Дубровник, Сплит, Будва и други градови туристите купуваа и читаа книги кои се продаваа по саемски цени на отворено, а сега се нудат само пченки, сладоледи, крофни…

Општината на градот Охрид, буквално и реално немаше чувство, сенс и мерка за издавачите, книжарите и книгите и ги избрка со својата индолентност, незаинтересираност и калкулативност сите нив, што воопшто не смееше да се дозволи и случи во еден културен центар со вековни традиции и актуелни можности, потреби и перформанси.

Затоа, очекуваме повторно да се вратат книгите, издавачите и книжарите со своите штандови, популарно наречени тезги, спроти Поштата, покрај Езерото на кејот, или на некое друго место што ќе го определи градот.

Поранешниот Летен саем на книги што го организираше Конзорциумот на издавачи, книжари и печатари не е само нивна потреба и желба, туку и огледало и императив на бисерот балкански Охрид.

Охрид помеѓу желбите и можностите, без книги, но со многу други дребулии и грди сцени и слики…

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.